Свет
Турција ги забрани рекламите за чоколади и бонбони на телевизиските програми за деца
Турското министерство за трговија, на телевизиските и радио програми за деца ги забрани рекламите на слатки, чоколадо, бонбони, вафли, чипс и слични грицкалки, како и пијалаци чија прекумерна конзумација е штетна по здравјето на децата.
Со измените во Правилникот за трговски реклами направени се ограничувања и во однос на програмите за возрасни. Со новите ограничувања, во случај на реклами на кондиторски производи во телевизиските програми на долниот дел на ТВ екранот треба да тече текст со содржина која ја поттикнува урамнотежената исхрана. Кои изрази ќе бидат употребени во тој текст, ќе одреди Министерството за здравство зависно од самиот производ.
Овие одредби ќе стапат на сила на 30 јуни идната година, со што им се дава време на производителите од прехранбената индустрија да ги направат потребните подготовки. Во случај на непочитување на одредбата се предвидува казна во висина од 1.400 до 57 илјади евра, а доколку се повтори истиот прекршок Рекламниот одбор ќе може да ја зголеми казната десеткратно.
Оваа одредба не ги опфаќа само радио и телевизиските програми туку сите платформи кои им се наменети на децата. Со неа се опфатени артиклите кои се наоѓаат на забранетата листа на прехранбени производи и пијалаци на Министерството за здравство на која освен класичните чоколадо, бонбони, вафли и наполитанки се наоѓаат и разни енергетски вафли и пијалоци, колачи, бисквити, овошни торти, сокови и сите пијалаци кои содржат засладувачи.
Асуде А. Кочан
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Хаос и туркање во албанскиот парламент: драматични сцени од Тирана
Во албанскиот парламент денес избувна хаос кога пратениците од опозицијата запалија бакљи и фрлаа вода за време на седницата, а сето тоа поради спор околу корупцијата во владата, објави The Telegraph.
Драматични сцени од Тирана покажуваат како чад се шири низ салата додека пратениците се туркаат, а безбедносните сили се обидуваат да воспостават ред. Инцидентот е кулминација на неколкунеделните тензии во кои опозицијата ја обвини владата дека ги игнорира барањата за истрага за корупциските скандали што ја потресоа земјата.
🚨🇦🇱🔥‼️ BREAKING | FLARES IN PARLIAMENT: ALBANIA’S DEMOCRACY COLLAPSES LIVE ON CAMERA 🚨
What you are seeing is not a protest.
It is not “political theatre.”
It is a full institutional breakdown.Inside the Albanian Parliament, opposition MPs ignited flares, physically blocked… pic.twitter.com/OQvVXgGP1d
— Slavic Networks (@SlavicNetworks) December 18, 2025
Корупцијата е клучно политичко и социјално прашање во Албанија со години, а меѓународните институции и организации редовно предупредуваат за проблеми во судството, јавната администрација и системот за јавни набавки. И покрај реформите што официјално се започнати, особено во судството со поддршка на Европската Унија и САД, перцепцијата за широко распространета корупција останува силна кај јавноста.
Случаите во кои се вклучени високи државни функционери, градоначалници и луѓе блиски до владејачките структури привлекоа особено внимание, дополнително поткопувајќи ја довербата на граѓаните во институциите и политичкиот систем.
Европа
(Видео) Украинските дронови уништија „неуништливи“ руски С-400
Украинските оператори на беспилотни летала уништија два руски ракетни системи С-400 Триумф заедно со нивната муниција во рускиот регион Белгород, потврди украинскиот Генералштаб. Нападот, кој се случи на 14 декември, го изврши 15-та одделна артилериска извидничка бригада, а целата операција беше снимена, објави „Евромајдан прес“.
Ваквите напади се дел од пошироката украинска стратегија за ослабување на руската воздушна одбрана, како на руска територија, така и на окупираните територии. Системот С-400 Триумф, модернизиран наследник на советскиот С-300, е клучна компонента на слоевитата мрежа за воздушна одбрана на Русија. Русија повремено го користи и за напад на копнени цели, насочувајќи се кон украински градови. Затоа, уништувањето на овие системи се смета за голем губиток за руските сили.
Според извештајот на порталот Militarnyi, лансирните системи С-400 биле уништени додека биле во движење. Објавените снимки прикажуваат руски возила за противвоздушна одбрана како се движат по земјен пат, веројатно за време на промена на борбената позиција.
Европа
Во борбена мисија загина екипажот на украински хеликоптер Ми-24
Екипажот на хеликоптер Ми-24 од 12-та посебна воена авијациска бригада „Генерал корнет Виктор Павленко“ загина за време на борбена мисија, објави бригадата на социјалните мрежи, како што пренесе Правда.
„Екипажот на хеликоптерот Ми-24 загина при извршување на борбена мисија. Ова е непоправлива загуба за авијацијата, за државата и за семејствата кои ги чекаа своите најблиски дома“, се вели во соопштението.
Околностите под кои загина екипажот не се откриени.
12-та посебна воена авијациска бригада „Генерал корнет Виктор Павленко“ е единица на украинската воена авијација која се наоѓа во градот Нови Калинив, регионот Лавов. Таа е директно подредена на Командата на копнените сили на вооружените сили на Украина.

