Соопштенија
(Видео) Бачев: Ќе ја поразиме марионетската власт, Македонија ќе победи

2018 година е веќе зад нас, пред нас е новата 2019 година и секој од нас си има свое видување за годината што измина и свои цели, желби и соништа за годината пред нас, изјави водачот на Единствена Македонија, Јанко Бачев во своето новогодишно обраќање.
„На секој од нас многу фактори му влијаеле на индивидуален план годината да му биде подобра или полоша. Другата страна се случувањата во државата кои директно или индиректно влијаат на нашите животи.
На државен план, ќе се согласиме дека годината зад нас ја одбележаа настани кои го доведуваат во прашање опстанокот на македонскиот народ и македонската држава. Во Македонија беше инсталирана марионетска власт купена и контролирана од странски центар со цел промена на вековното македонско име, идентитет, историја и традицијата на македонскиот народ.
Затоа, Единствена Македонија презеде една поактивна улога. Заедно со 72 организации од земјата и дијаспората го формиравме Кризниот штаб „Македонија-Бојкотира„ кој извојува голема референдумска победа со македонскиот народ и поголем дел од граѓаните на Република Македонија.
„Македонија-Бојкотира„ водеше исцрпувачка референдумска кампања со посета речиси на секое село и град во Македонија на средби, собири и митинзи со народот. Победата дојде на 30 септември кога народот на референдумот се изјасни дека не сакаат членство во ЕУ и НАТО и промена на името.
Окупациската власт одлучи да не ја почитува народната волја на референдумот и Единствена Македонија ја продолжи битката преку „Македонија-Блокира„ како продолжение на „Македонија-Бојкотира„.
Во „Македонија-Блкокира„ се здруживме 84 организации од земјата и дијаспората, сплотени и единствени да се бориме до крај, да останеме свои на своето и оваа битка во моментот се уште трае“, изјави Бачев.
Тој додаде дека со ваквата ориентација продолжуваат и во новата 2019 година давајќи го максимумот за унитарна, подобра и поуспешна Македонија со своето вековно име – Република Македонија.
Годината што измина, вели Бачев во своето обраќање, сите сакаме што побргу да ја заборавиме, а и во годината што доаѓа, додава Бачев, Единствена Македонија останува на првата линија во одбрана на националните и државните интереси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Мицкоски: Венко на власт и Венко во опозиција е различен за 180 степени

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг повика на масовност на изборите на 19 октомври и укажа дека вистинскиот избор за Делчево е Иван Гоцевски.
Мицкоски се осврна и на состојбата во СДСМ и однесувањето на претседателот на партијата, Венко Филипче.
„Сакам да обрнам внимание на еден парадокс кој се случува, гледајќи ја кампањата на нашите конкуренти. Го слушам Венко како на државава ѝ се случувало цунами, од лошо – полошо. Бил загрозен домот, семејството, луѓе почнале да се иселуваат, имало нечесни игри, ама судиите биле професионалци. Инфлацијата галопирала и не знам што уште не. Каде беа тие пред година и половина, тие заедно со ДУИ беа власт седум години. Ние не почнавме од прозорците, фасадата, кровот на нашиот дом. Почнавме од темелите. Сменија име, устав, донесоа двоцифрена инфлација, профитираа од тендери, дури и од вакцини правеа профит. Ветуваа дека ќе ги донесат Фејсбук и Гугл, а единствената инвестиција беше таа во фабриките за марихуана“, рече Мицкоски.
Се прашувам, додаде Мицкоски, „дали човеков е свесен дека ако се слушнат говорите и настапите на Венко кога тие беа власт и сега кога се опозиција, тоа се два комплетно различни света“.
„Венко на власт и Венко во опозиција е различен за 180 степени, или сега е Венко против Венко. Проблем е што мислат дека со ваквите настапи ќе ја продолжат истата песна и мислат дека народот има кратко помнење, но не е така“, посочи Мицкоски.
Соопштенија
Гоцевски: Ќе го оживееме Голак гордоста на Делчево, a младите ќе ги поддржиме со стипендии

Иван Гоцевски, кандидат за градоначалник за општина Делчево од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати и истакна дека главен столб на предизборната програма е локалниот економски развој и подобар животен стандард за граѓаните на Делчево.
„Делчевчани заслужуваат иднина, иднина создадена врз основа на реален план, знаење и силен капацитет на нашиот народ, делчевчани заслужуваат секој дом да добие доволно количини и квалитетна вода за пиење. Ќе го реконструираме главниот доводен цевковод за град Делчево, и ќе ги поврземе селата Вирче, Град, Стамер, Ѕвегор, Полето, Габрово, Очипала. Главен столб на нашата предизборна програма е локалниот економски развој и подобар животен стандард за сите граѓани, со серија на мерки, политики и активности ќе поставивме темели за локална заедница, за одржлив раст и развој, безбедноста, заштитата и пред се здрава и хумана животна средина се наш приоритет околу кој ќе ги обединиме сите чинители за подобрување на состојбите“, истакна Гоцевски.
Гоцевски наброи дел од приоритетните проекти на изборната програма.
„Ќе го оживееме Голак гордоста на Делчево, ќе ги поддржиме младите со стипендии, стажирање, кариерни центри и манифестации, ќе ја дигитализираме општината, е-седници на Совет, е-општина, подостапни и надградени електронски услуги, нов објект за дневен престој на нашите најмлади, отворање на нов дом за стари лица, многу нови урбани содржини за подобар јавен живот за сите возрасти, значително ќе го зголеми обемот на урбана, зелена површина, ќе воспоставиме нова програма за нов зелен катастар, велосипедски патеки и субвенции за енергетски фасади и инвертери, ќе поставиме мерни станици за квалитет на воздух и вода, фиксни точки за рана детекција на пожари, од локалната патна инфраструктура изградба на нов булевар „Индустриска“ во централното подрачје, изградба на нови кружни текови и нов мост на реката Брегалница, изградба на улици со тротоари, изградба на улици во населбата Ѕвегорска река, решени сме да изградиме модерни сообраќајници до секое домаќинство, конечно започнува со реализација на проектот за експресниот пат Делчево-Виница-Кочани“, истакна Гоцевски.
На крај Гоцевски ги повика граѓаните да гласаат на 19 октомври, и да ја поддржат неговата визија и советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ.
Соопштенија
Филипче од Гостивар: Со буџетска дупка од 1,4 милијарди евра, ВМРО-ДПМНЕ ја води Македонија во финансиски колапс

Додека премиерот Мицкоски зборува за некакви економски успеси, дупката во Буџетот се продлабочува, јавниот долг расте, граѓаните стануваат се посиромашни, рече претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ што се одржа вечерва во Гостивар.
„Реалноста е дека буџетот е во дупка од 1,4 милијарди евра, приходите заостануваат, а капиталните инвестиции се помалку од половина реализирани. Се задолжуваат без покритие, јавниот долг достигнува над 62 отсто од бруто домашниот производ, највисоко ниво во регионот, а странските инвестиции скоро и да ги нема. Ова е резултатот на лоши политики, на неспособност, незнаење и на небрежност. Немаат ниту план, ниту стратегија како да ја водат државата“, истакна Филипче.
Тој додаде дека додека власта трупа нови долгови, народот тоне во сиромаштија, платите стагнираат, мерките за поддршка на граѓаните ги нема.
„Минималната плата и натаму е една од најниските во регионот, пензионерите добија помалку од ветеното – само 1.000 денари, студентите не го добија бараното зголемување од 130 денари за студентски оброк, ваучерите од 250 евра ги нема, а над 1.000 студенти останаа без студентски оброк. Земјоделците во Полог останаа без поддршка – субвенциите се намалени, откупните цени паднати, а трудот обезвреден“, рече Филипче.
На трибината, Филипче посочи дека СДСМ секогаш била на страната на граѓаните со мерки за поддршка и во најголемите кризи со кои се соочувала државата.
„СДСМ отсекогаш знаел да се бори и кога биле тешки времиња не сме се откажувале. Во најголемите светски кризи, енергетска, економска, здравствена – ние стоевме со народот. Се изборивме за секое работно место, за секој бизнис, за секој човек што остана без приходи. И во такви тешки времиња платите растеа, субвенциите се покачуваа. Донесовме 9 пакет мерки за ранливите семејства, за студентите, за пензионерите. За сите, никој не оставивме сам да се справува со последиците. Тоа е државничко и одговорно водење држава“, рече Филипче.
Затоа, како што кажа Филипче, овие избори се од исклучителна важност за иднината на секој граѓанин, за напредокот на државата.
„Ова е моментот кога секој глас прави разлика. Затоа велам дека нема помалку важен глас. Ова не е време за молк, ова е време за исправување. Апстиненцијата не е казна за СДСМ — тоа е награда за ВМРО. Секој изгубен глас е добивка за режимот што повторно го чувствуваме. Овие денови да ги искористиме и да поразговараме со соседи, роднини, да го посетиме секое маало, да се мобилизираме и да повикаме на обединување. Сега не е време за откажување од борбата за нашиот дом. Ова е момент на враќање, на единство,на нов почеток“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.