Македонија
(Видео) Шекеринска со војниците на Богородица: Лани спречени 500 негелани обиди за преминување на границата
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска заедно со началникот на Генералштабот на АРМ, генерал – мајор Васко Ѓурчиновски, денеска на караулата Богородица и на армискиот пункт во Богданци, ги посетија припадниците на Армијата на Република Македонија.
,,Постојаното присуство и на Армијата во поддршка на операциите на МВР на јужната граница покажува дека ова е проблем кој Македонија не смее да го занемари”, рече Шекеринска. Таа додаде дека во 2018 година припадниците на АРМ успеаја да спречат повеќе од 500 нелегални обиди за преминување на границата, додека таа бројка претходните години беше и неколкукратно поголема.

Министерката Шекеринска порача дека граѓаните на Македонија можат мирно и спокојно да ги слават претстојните празнични денови токму затоа што припадниците на Армијата, деноноќно и професионално се грижат за колективната безбедност.
„Сметам дека е важно особено во овие денови кога се подготвуваме и за празници, да ја изразиме нашата благодарност на припадниците на АРМ кои што не се дома со своите семејства, туку се тука и извршуваат задачи за граѓаните на Гевгелија, на Богданци, но и на цела Македонија да не стравуваат од опасност по безбедноста или стабилноста на државата“, рече министерката.

Шекеринска додаде дека во разговорите со припадниците на АРМ и армискиот врв, стана збор за начините за зголемување на соработката меѓу различните институции и подобрување на опремата со која располага Армијата.
„Владата покажа дека знае да го награди ваквиот несебичен и многу важен однос на припадниците на АРМ. Минатата година платите на сите припадници беа зголемени за 10 проценти, оваа година ќе бидат зголемени за дополнителни 5 проценти што значи дека прв пат практично имаме две години по ред зголемување на платите. Ми беше задоволство што на крајот на минатата година успеавме да завршиме два многу важни процеси – обезбедување на чизми и униформи за припадниците на АРМ, но нашата цел е поставена многу повисоко – да дискутираме за вистинска опрема, да дискутираме за модерни начини не само за чување на границата, туку и на работење на Армијата“, рече министерката по обиколката на караулата Богородица кај Гевгелија.
Припадниците на АРМ се распоредени на нашата јужна граница од летото 2015 година, како мерка за зајакнато обезбедување на границата од нелегалниот мигрантски бран, а во помош и поддршка на Министерството за внатрешни работи и Граничната полиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

