Македонија
Седумнаесет здруженија за заштита на животните бараат законски измени
Седумнаесет здруженија за заштита на животните бараат измени и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните кој е во собраниска процедура и пред сѐ законска забрана за еутаназија на бездомните животни.
Како што информира „Анима мунди“, со цел суштинско и квалитативно унапредување на Законот за заштита и благосостојба на животните тие поднеле коментари и предлог-амандмани врз нацрт-законот за измена и дополнување на законот, изработени од нивното здружение и поддржани од 16 македонски здруженија за заштита на животните.
„Нашите коментари и предлог-амандмани се достапни на порталот ЕНЕР. Предложените законски решенија се меѓусебно поврзани и прават една правна целина“, велат од „Анима мунди“.

Фокусот во предлог-законските измени кои ги доставуваат е ставен врз децидна забрана за еутаназија како механизам за справување со бездомната популација кучиња затоа што усмртувањето се применува со децении и не донело резултат. Понатаму, бараат дефинирање на дополнителни забранети постапки со цел да се унапреди заштитата и благосостојбата на животните, меѓу кои забрана за трчање или влечење на животни заврзани за моторно превозно средство кое е во движење, забрана за чување кучиња постојано врзани на синџир или во бокс, без да се овозможи слободно движење надвор од тој бокс, забрана за колење и усмртување на животни во ритуални обреди, надвор од кланици, забрана за одгледување кокошки во основен кафезен систем, забрана за чување, одгледување и користење копитари во урбана средина, како и забрана за е користење копитари за извлекување дрва.
Здруженијата бараат и воведување можност директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, во случаи на прекумерно зголемување на бројот на уличните животни, да може да нареди мандаторна стерилизација на домашните миленици на одредена територија, на сметка на општината, општините во град Скопје, односно градот Скопје.

Здруженијата се залагаат и за воведување нови законски одредби кои би овозможиле примената на законот да биде пофлексибилен, општините во недостиг на финансиски средства или инфраструктура, или по проценка на ефект да можат да спроведуваат програма за намалување на бројката бездомни животни во соработка со здруженија, ветеринарни станици, граѓаните (пример ваучер-систем или мобилни клиники кои би опслужувале повеќе општини и сл). Како последна точка, од „Анима мунди“ бараат законско овластување на здруженијата за заштита на животни за спроведување одредени одредби на законот, вршење надзор, проверка на одговорното сопствеништво, т.е. измени од кои би произлегла можноста за наменски овластена служба за заштита на животните формирана од претставници на здруженијата за заштита на животни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.

