Македонија
Села: Нема да кренеме раце од нашето барање за дефинирање на албанскиот јазик

Зијадин Села по средбата со премиерот Зоран Заев рече дека е постигнат договор пратениците од оваа партија да гласаат за уставните измени. На инсистирање на „Алијансата“, во преамбулата на Уставот ќе се отстрани подвојувањето на граѓаните.
„Средбата беше во духот на договор и компромис. Зборувавме за барањата што ги има ‘Алијансата за Албанците’. Со задоволство можам да тврдам денеска и се надевам дека така ќе биде и во наредните денови и со гласањето во Собранието, дека нема да имаме две категории граѓаните, како што беше досега. Значи, не „граѓани, како и другите“, туку ќе има само граѓани и ќе продолжува со македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ итн. Ова го кажувам со задоволство дека како партија дадовме придонес сите граѓани да бидат попретставени и повеќе да се чувствуваат рамноправни со сите други граѓани. Стоиме на ставот дека Македонија треба да биде членка на НАТО и ЕУ. Од друга страна, има и работи за кои во принцип се согласуваме, но треба да се бараат начини како тоа да се изведе. Ние како ‘Алијанса за Албанците’ нема да кренеме раце од нашето барање за албанскиот јазик да биде дефиниран како албански јазик, а не како „друг јазик“. За ова уште не сме постигнале договор и компромис“, рече Села.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Разрешен директорот на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски

Министерството за здравство информира дека министерот Азир Алиу денес донесе решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски.
„Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено“, известува Министерството за здравство.
Македонија
Завршена регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи

Во рамки на проектот „Поддршка на националните власти на државата во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје“, успешно беше завршен процесот на Регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи – значаен чекор во зајакнување на регионалната безбедност и борбата против транснационалниот криминал.
На свеченоста по повод завршувањето на обуката, директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев, им додели дипломи на учесниците, нагласувајќи дека оваа програма претставува симболично, но и суштинско градење на мостови помеѓу институциите од целиот регион.
„Со шест модуларни обуки и создавање тимови подготвени да бидат на првата линија во борбата против криминалот, Регионалниот К9 центар се етаблира како водечка точка за обука и сертификација. Заедно вложуваме во безбедноста, стабилноста и иднината на регионот,“ истакна директорот Јанев.
Проектот е реализиран со поддршка на ОБСЕ, ФРОНТЕКС и донаторите, чија соработка и ангажман беа клучни за успешната имплементација на програмата.
Со ваквите активности, Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност ја потврдуваат својата посветеност на континуираното унапредување на капацитетите за справување со организиран и транснационален криминал, како и зајакнување на регионалната безбедносна соработка.
Македонија
Времето утре: променливо облачно со сончеви периоди

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието и во источните делови засилен северен ветер. Во североисточните подрачја ќе има услови за локален слаб дожд. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 21 степен.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
До вторник времето ќе биде претежно стабилно со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Кон средината на следната седмица под влијание на влажна и посвежа воздушна маса ќе има услови за локални врнежи од дожд и опаѓање на дневната температура за неколку степени.