Македонија
Руски медиум за Македонија: Во февруари НАТО и Скопје ќе го потпишат протоколот за влез
Собранието на Република Македонија ја поддржа промената на името на државата во Република Северна Македонија, со што се отвораат и нејзините врати на патот кон НАТО и ЕУ, пишува московскиот весник „Комерсант“.
Меѓутоа, весникот додава и дека сега се појавија проблеми во грчкиот парламент, кој исто така треба да го ратификува македонско-грчкиот договор бидејќи од владејачката коалиција излегоа пратениците од партијата Независни Грци.
„Усвојувањето на уставните измени во парламентот значи не само што ќе го ратификуваат договорот со Грција и новото име на државата туку пратениците во суштина ѝ го отворија патот на Републиката кон НАТО и ЕУ. Минатото лето алијансата ја повика Македонија во своите редови, а Европската Унија е подготвена да ги почне преговорите за членство во средината на оваа година – во двата случаја со услов да се спроведе договор со Грција“, пишува весникот.
„Комерсант“ додава дека неименуван европски дипломатски извор од Балканот потврдил дека веќе во февруари НАТО има намера да потпише со Скопје протокол за влез и дека по ратификацијата, Македонија ќе стане 30-та земја членка.
„Не е изненадувачки што донесувањето на уставните измени беше поздравено од страна на НАТО, ЕУ и САД нарекувајќи го настанот историски. Руското Министерство за надворешни работи тој процес претходно го нарече валкана манипулација изјавувајќи дека потребните гласови во Собранието на Република Македонија беа обезбедени со уцена, закани и поткуп на пратениците од опозицијата“, пишува весникот.
Весникот оценува дека прифаќањето на уставните измени може да има уште една последица, важна не само за Македонија, и додаде дека мислењето на регионалните експерти тоа може да влијае врз давањето автокефалност на Македонската православна црква.
Весникот исто така вели дека повеќето балкански експерти се убедени оти Западот ќе го поддржи договорот со Македонија во грчкиот парламент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДПМНЕ со тенденција инфлацијата да ја претвори во нов данок на сиромаштијата, велат од Левицата
Во услови кога државата се соочува со највисокиот просечен раст на трошоците на живот во последните години, Владата предводена од коалицијата ВМРО – ДПМНЕ – ЗНАМ – ВРЕДИ продолжува да тврди дека „инфлацијата е под контрола“, истакнуваат од Левицата.
„Меѓутоа, официјалните податоци и реалноста на секојдневниот живот на граѓаните го демонстрираат спротивното. Само во октомври, споредено со истиот месец лани, забележано е зголемување на цените од 5,17%. Кај категоријата храна и безалкохолни пијалоци растот изнесува значајни 7,25% додека кај рекреација и култура достигнува дури 7,85%. Овие индикатори јасно укажуваат на продолжен и интензивен инфлаторен притисок врз семејниoт буџет. Таквата динамика на цените ја потврдува тезата дека инфлаторниот процес не е ниту привремен, ниту доминантно „увезен“ како што претставува Владата. Напротив, станува збор за длабоко структурен проблем кој произлегува од недоволна економска координација, слаба институционална регулација и отсуство на конзистентни антиинфлаторни политики“.
Владата, додаваат од оваа партија, не успеа да изгради ниту една конзистентна политика за заштита на стандардот на граѓаните и наместо системски мерки гледаме импровизации што траат кратко. Истовремено, како што оценуваат, корпоративните профити растат, а реалната плата за мнозинството граѓани заостанува зад инфлацијата што значи дека работниците се секој месец реално посиромашни.
„Ваквата економска политика не е само неспособност тука таа претставува избор. Избор да се стави профитот на крупниот капитал пред потребите на граѓаните. Избор да се прикриваат слабостите на системот со политички пораки наместо со реални реформи. И избор да се дозволи инфлацијата да се претвори во нов данок на сиромаштијата.
Левица уште еднаш предупредува дека без јасна стратегија за сузбивање на инфлацијата, без воспоставување на вистинска контрола над клучните пазари и без политики што ја штитат реалната вредност на платите, државата ќе продолжи да тоне во спирала на поскапувања и раст на нееднаквоста“.
Според нив, приоритетот треба да биде: економија во служба на граѓаните, а не граѓани во служба на економските интереси на малкумина.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Молкот на СДС за отписот на 2.000 тони јачмен и пченица е потврда за криминалот вреден 800.000 евра
Молкот на СДС за отписот на 2.000 тони јачмен и пченица од стоковите резерви на државата е потврда за тоа дека станува збор за криминал вреден 800.000 евра, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Откако по направениот записник на Димковски, а потоа донесен и заклучок од страна на владата на Заев, Филипче и Николовски, за отпис на 2.000 тони јачмен и пченица, од СДС нема ниту осуда ниту оградување.
Напротив, тие влегоа во штитење на овој криминал на нивниот ментор Заев и учениците Филипче и Николовски.
Зошто СДС го брани овој криминал вреден близу 800.000 евра? Дали оваа пченица и јачмен преку посредници има достигнато двојна цена на црн пазар во соседна држава? Дали ова трио на Заев, Филипче и Николовски, се има добро нафатирано, а жртвеното јагне во случајот е Димковски“, прашува Манасиевски.
Итрината, додава тој, оди дотаму да по само некое време, тогашната влада мислејќи дека ќе го покријат за нив, ситниот криминал, потпишале 2 тендера за 20.000 тони јачмен и пченица.
И ова, како што оценува, СДС пробува да го штити.
„Знаеме дека во СДС останаа неколкумина во врвот кои се продолжена рака на Заев и Филипче. Се додека овие луѓе не заминат, СДС ќе има полн багаж зад себе“.
Македонија
Андоновски: Со бесплатните вај фај-зони исо електронските уреди го надминуваме дигиталниот јаз меѓу студентите
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска оствари работна посета на Филозофскиот факултет во Скопје, каде заедно со деканот Оливер Бакрески ја потврдија досегашната успешна соработка преку потпишување Меморандум за соработка и ја претставија новата бесплатна интернет зона наменета за студентите.
„Можам да најавам дека ова е првата ваква зона која Министерството за дигитална трансформација ја обезбедува од сопствени средства. Вакви зони ќе предвидиме и во студентските домови каде што постои потреба, како и на останатите факултети и универзитети. Најмногу се фокусираме на просторот каде што се присутни најмногу студенти и професори,“ изјави Андоновски.
Министерот се осврна и на проектот за ваучерите за електронски уреди за студенти, за кој што рече дека со овие два проекти се овозможува надминување на дигиталниот јаз кој што постои меѓу студентите.
Во рамки на посетата, тој се обрати и пред студентите, потенцирајќи дека државата и Владата веруваат во нивните способности и им даваат безрезервна поддршка. Тој ги охрабри студентите да ја користат секоја можност, да учат, да напредуваат и да созреваат, бидејќи „тие се иднината која треба да ја води Македонија напред“.

