Македонија
Во Маврово снежната покривка достигна 70 сантиметри

Од изутрина во поголемиот дел од земјата се зголеми облачноста и особено во Битолско, Полошко и Малешевијата беше особено студено. Првите врнежи од снег се појавија од југозапад преку Преспа, а потоа и преку Охридско кон Пелагонија. До попладне врнежи од снег имаше и преку северните делови кон североисток и во делови од крајниот исток во Берово и Струмица. Преку денот дуваше понекаде слаб променлив ветер.
Во Маврово снежната покривка достигна 70 сантиметри, додека во Лазарополе има 40 сантиметри снег.
Преку ноќта врнежите од снег ќе се преместат кон истокот, а облачноста особено кон запад ќе се намалува. До изутрина ќе дува сè поинтензивен северозападен ветер, особено во регионот на Гевгелиско и на планините.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Клиниката за детски болести доби нов дигитален мобилен рендген-апарат

На Клиниката за детски болести денеска беше промовиран дигитален мобилен рендген-апарат, обезбеден со поддршка од Амбасадата на Јапонија.
„Станува збор за дигитален мобилен рендген-апарат, во вредност над 60 илјади евра. Оваа инвестиција претставува значаен чекор кон подобрување на здравствената грижа за најмладите пациенти. Изразувам длабока благодарност до Амбасадата на Јапонија, а особено до амбасадорката Сецуко Кавахара за нејзиниот личен ангажман и за долгогодишната, пријателска и плодна соработка. Оваа донација е уште еден доказ за силното партнерство меѓу нашите две земји и за вистинската грижа на Јапонија кон градење отпорен и хуман здравствен систем“, изјави државниот секретар во Министерството за здравство, Бесим Мемеди.
Амбасадорката на Јапонија во нашата држава, Сецуко Кавахара, потсети дека во рамките на заедничката соработка веќе се имплементирани над 70 проекти во здравствениот сектор и истакна дека поддршката за оваа клиника значи придобивка за пациентите од целата држава.
Воедно, директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди, се заблагодари за значајниот придонес за унапредување на здравствените услуги во оваа клиника како врвна терциерна установа, која годишно згрижува над пет илјади деца со најсложени здравствени состојби.
„Новата апаратура за нас претставува чекор напред во унапредување на здравствената грижа за најмладите пациенти“, рече Мемеди.
Македонија
Тошковски за дивеењето на скопските улици: Нема храброст во ризикување животи за неколку секунди внимание

Нема храброст во ризикување животи за неколку секунди внимание на социјалните мрежи. Овој случај нека биде потсетник дека секое непромислено однесување ќе биде санкционирано, објави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во врска со видеото што беше објавено на социјалните мрежи, а на кое едно лице качено на хауба се вози на улица.
Претходно, Министерството за внатрешни работи соопшти дека се поднесени пријави против двајца млади скопјани откога на социјалните мрежи се појави видео од опасна и непромислена „возачка забава“ на скопските булевари.
Во видеото се гледа како едно лице стои на хаубата од автомобил во движење, а возачот, покрај тоа што управува без дозвола, вози и без регистарски таблички.
Станува збор за 20-годишниот С. З. и за 19-годишниот Р. Ѓ., двајцата од Скопје. Против нив се поднесени пријави по неколку основи, вклучително и управување без возачка дозвола, загрозување на сопствената и на туѓата безбедност, како и дозволување управување на самото без дозвола.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Владата активно презема мерки за поддршка на стопанството и за отворање нови работни места

Владата активно презема мерки за поддршка на стопанството и за отворање на нови работни места, 40 милиони евра за самовработување и 250 милиони за компаниите, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, на обвинувањата од СДСМ дека бројот на вработени од лани паднал за 17.000.
„Очајниот и безидеен СДС бара сламка на која може да се фати само за медиумско внимание.
Неговата безидејност оди до таму што, дури и во пресрет на изборен циклус, нема ниту визија, ниту политики и проекти со кои би ја барал довербата на граѓаните.
Затоа сега, како сламка за медиумско појавување сака да им послужат податоците на Фондот за ПИОМ.
СДС добро знае дека работниот однос е оној врз чија основа се воспоставува приемот во пензиското и инвалидското осигурување и дека фондот не прави анализи за причините поради кои има движење на бројот на активни осигуреници кои се во работен однос или истиот го прекинале.
Исто така, бројот на активните осигуреници е категорија која секојдневно се менува, од проста причина што секојдневно има нови засновувања на работни односи, но и прекини.
Во однос на тоа што СДС вика дека нема стратегија за вработување и отворање нови работни места, ги потсетуваме дека е Владата донесе Оперативен план за вработување 2025 во вредност од 40 милиони евра, за отворање на 16.000 нови работни места.
До сега беа објавени два јавни повици од Оперативниот план кој вклучува низа мерки за поддршка на младинското вработување, самовработување, обуки и практиканство и на кои аплицирале над седум илјади лица.
Исто така, поддршка има и за приватниот сектор, така што на располагање на македонските компании беа ставени 250 милиони евра со ниска каматна стапка.
Ова е за делот со фактите кои СДС не може да ги побие и игнорира, додека пак во однос на периодот на кој се повикува, односно 2024 година, ги потсетуваме дека пола година СДС беше власт.
Така да ако не им се допаѓаат бројките од ПИОМ, тогаш нека си погледнат како работеле и што направиле за македонската економија и граѓани за таа пола година власт“, се наведува во реакцијата.