Свет
(Видео) Ново прогонство и тортура на хомосексуалците во Чеченија, двајца од нив починаа во притвор
Повеќе десетици луѓе се уапсени, а најмалку двајца починаа во притвор во текот на последната акција против ЛГБТ-заедницата во Чеченија, велат чеченските активисти, а пренесува Си-ен-ен.
40-ина мажи и жени беа уапсени во последните неколку недели поради нов бран на прогон, рече Игор Кочетков, шеф на групата за права на руската ЛГБТ-заедница.
Тој додаде дека најмалку две лица загинаа при тортурата. Кочетков рече дека властите се одговорни за притворот и дека активистите се затворени во градот Аргун.
„Локалната полиција прави сè што може за да ги спречи активистите да го напуштат регионот или да се обратат до судот поради кршење на нивните права“, рече Кочетков.
„Им ги одзедоа документите, им се заканува со кривични постапки против нив или на лица што им се блиски и ги присилуваа да потпишат празни обрасци“, додаде тој.
Според информациите од руската ЛГБТ-заедница, нов бран притвор на активисти на ЛГБТ почна пред неколку недели кога бил уапсен администраторот на групите за правата на хомосексуалците во руската социјална мрежа „Вконтакте“.
Во 2017 година во Чеченија е спроведена брутална акција против хомосексуалните лица. Стотици беа уапсени и мачени во притвор.
Апсењата предизвикаа остри меѓународни критики за Русија. Но, чеченскиот лидер Рамзан Кадиров рече дека во неговата република нема хомосексуалци и ако ги има, тие треба да бидат протерани од регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Земјотрес со јачина од 4,1 степени во Франција
Франција ја погоди земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтеровата скала, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).
Епицентарот на земјотресот бил на 10 километри југоисточно од градот Тарбес и 120 километри југозападно од Тулуз, на длабочина од четири километри, се наведува на веб-страницата ЕМСЦ.
Засега нема информации за повредени или материјална штета.
Регион
Објавена фотографија од мајката што беше убиена во Тузла заедно со своите деца, осомничен е таткото, кој си пресудил
Колегите се збогуваат со Амела Чичкошиќ, која вчера беше убиена во стан во Тузла со двете деца. Има сомневања дека сопругот пред два дена во семејниот стан ги убил Амела и децата, а потоа се самоубил скокајќи од 14. кат од зградата.
Еден ден по откривањето на телата на Амела и децата, колегите и пријателите се збогуваат со жената, која ја опишаа „како убава, со црни, бистри очи“.
За неа имаат само пофални зборови и благодарност за сè што направила, особено во тешките моменти на короната.
„Тузла, УКЦ и сите што ве познаваа изгубија многу. Многу сум тажен и барем вака сакам да ви оддадам почит. Бевте доблесен, вреден, сериозен, доверлив, хуман човек. Еден од најдобрите што ги знам. Ковид-19 ги покажа вистинските лица на многумина од нас. Можеби не си добила формална благодарност, но ти благодарам во мое име и во име на многуте животи што ги спасивме заедно во тешките денови“, напиша една од колешките на Амелија од Универзитетот во Тузла.
„Голема тага, голема болка. Искрено сочувство до семејството. Алах нека ги благослови неа и нејзините деца“, рекоа тие.
Телата на Амела и нејзините деца се пронајдени во населбата Тузла. Децата беа на девет и две години. Издадени се наредби за обдукција и ДНК-вештачење за да се утврдат сите околности на ова злосторство.
Свет
Бербок: Ако не го сакаме Путин на нашите граници, мораме да ги здружиме силите за победата на Украина
Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, за време на ненајавената посета на Киев изјави дека е потребна поголема меѓународна поддршка за воздушната одбрана на земјата како резултат на руската офанзива.
„Сега мораме да ги здружиме сите наши сили за да може Украина да преживее и трупите на Путин набргу да не се најдат на нашите граници“, апелира Бербок до меѓународните партнерски земји.
Глобалната иницијатива за поголема воздушна одбрана, која таа ја почна заедно со министерот за одбрана, Борис Писториус (СПД), собра речиси 1 милијарда евра за да обезбеди дополнителна поддршка на силите за воздушна одбрана на Украина.
Бербок изјави и дека идното членство на Украина во Европската Унија е „неопходна геополитичка последица на нелегалната агресивна војна на Русија, која го прекршува меѓународното право“. Министерката планира да го посети Харков денеска, но патувањето беше откажано поради безбедносни причини, пишува АП повикувајќи се на агенцијата dpa.