Свет
Кина воопшто не е загрижена за реакциите по изрекувањето смртна казна за Канаѓанец
Кинеските власти соопштија дека воопшто не се загрижени поради растечките меѓународни критики во врска со смртната казна изречена на канадски државјанин поради шверц на дрога.
Канадскиот премиер, Џастин Трудо, поради казната изречена за Роберт Шеленберг за шверц на 222 килограма метамфетамин, Кина ја обвини за произволно наметнување смртна казна.
Шеленберг беше уапсен во Кина во 2014 или 2015 година – медиумите објавуваат разни датуми. Тој е обвинет за вмешаност во меѓународно организиран синџир за дрога, што тој цврсто го негира.
Кинеските власти првично го осудија Шеленберг на 15 години затвор, но на крајот од декември лани апелацискиот суд нареди повторување на судењето тврдејќи дека првичната казна е премногу блага. Шеленберг сега има 10 дена да ја обжали смртната казна на која беше осуден во понеделникот.
Обединетите нации велат дека се противат на смртната казна, освен во случај на исклучителни околности.
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Хуа Чунјинг, на прес-конференција во Пекинг изјави дека таканаречените сојузници на Канада може да се избројат на прсти и дека не ги претставуваат ставовите на пошироката меѓународна заедница.
Многу јасно можам да кажам дека ние не сме барем ни малку загрижени, рече Хуа коментирајќи ги острите реакции и додаде дека мнозинството Кинези ги поддржуваат казните за криминал поврзан со дрога.
Казната за Шеленберг дополнително ги затегна односите меѓу Кина и Канада, кои веќе се напнати поради апсењето на Менг Ванжу, финансиската директорка на кинеската телекомуникациска компанија „Хуавеј“, како резултат на барањето на САД за екстрадиција во рамките на истрагата за кршење на американските трговски санкции.
Неколку дена по апсењето на Менг во Ванкувер, Кина уапси двајца Канаѓани поради сомневање за загрозување на националната безбедност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

