Соопштенија
ОМД: Стапувањето во сила закони без потпис на претседателот го урива уставниот поредок

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) го осудува, како што велат, самоволието на нелегитимниот претседател на Собранието на Република Македонија, односно едностраното потпишување на двата указа, со кои Законот за јазиците и преспанскиот договор стапуваат во сила, без потпис и одобрение на претседателот на државата. Според ОМД, таквото прекршочно дело мора да биде предмет на Уставниот суд во однос на повеќекратната злоупотреба на службената должност предвидена со Деловникот за работа и уставниот поредок на Република Македонија.
„Нелегитимниот претседател на Собранието, Талат Џафери, има право да ја извршува улогата на претседател на држава единствено во вонредна ситуација кога претседателот на Република Македонија не е во можност, со претходно доделена ингеренција од страна на Уставниот суд, кој има обврска да ја провери и потврди неможноста на шефот на државата да ја извршува својата функција. Сè додека претседателот на Република Македонија е во непопречена состојба да ја извршува својата надлежност, едностраното потпишување указ, со што се заобиколува највисокиот чин во државата, поддлежи на поништување и правно оневозможување на указот да стапи во сила на законска обврска“, велат од ОМД.
Во согласност со законите на Република Македонија, додаваат од таму, со преседанот на еднострано потпишување на указот за Законот за јазиците и преспанскиот договор не само што нелегитимниот претседател на Собранието, Талат Џафери, поддлежи на кривична одговорност, туку и директорот на „Службен весник“, Мартин Костовски, и Уставниот суд, кои се сметаат за соучесници во уривањето на уставниот поредок, особено на членот 8, со кој се дефинираат основните државни вредности.
„Со цел запазување на уставниот поредок, ОМД го повикува Уставниот суд да го поништи бесправното носење на законот, со кој Република Македонија не само што се карактеризира за депотистичка земја во која власта се (само)издига над уставните ограничувања туку ги губи својата унитарност и сувереност“, стои во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Малодушноста на беровските локални власти

Колумна на проф д-р Јове Кекеновски
Во време кога повеќето села низ Македонија тивко умираат, кога културното ткиво се кине, секој искрен обид за враќање на животот треба да се слави како национален празник. Но, за жал, во општина Берово сведочиме на спротивното: на рамнодушност, на студенило и на малодушност што срами.
Владимирово, мало село со големи луѓе, покажа што значи љубов кон корените. Таму, на иницијатива на Културниот центар „Горан Алачки“, „ЗВИС“ – здружение за владимирски илинденски средби и фондацијата „Д-р Михаил Левенски“, старата сала на задружниот дом е реновирана и истата беше именувана по светскиот диригент Ванчо Чавдарски, гордост на Владимирци, на Берово, на Република Македонија. Целта на овие ентузијасти е полека да го враќаат животот во своето огниште. За неполн еден месец таму ќе се одржи првиот Фолк – фестивал на македонски народни песни „Владимирово 2025“.
И кога требаше сите да бидеме заедно – кога се славеше културата, музиката, историјата, споменот на најголемиот македонски диригент, достоинството – локалните власти на Берово се сокрија. Градоначалникот и општината не само што не беа заинтересирани за овој настан, туку и не ги удостоија своите сограѓани со својата присутност на отворањето на салата „Ванчо Чавдарски“ . Ни со гест, ни со збор, ни со почит. Кога настан со учество на оперскиот великан Борис Трајанов, Камерниот оркестар на скопските солисти на чело со професор Васил Атанасов, диригентот Ангел Спировски и други врвни уметници и вљубеници во Македонија и македонската музика и култура останува игнориран од највисоките локални власти, тоа не е случајност. Тоа е срам. Тоа е лична и колективна локална морална катастрофа.
Локалната власт на Берово со својот молк ни порача едно: дека не ја чувствува својата општина, не ги чувствува своите луѓе. Заборавија дека функцијата обврзува – на љубов, на присутност, на служба и почит кон оние кои ти ја дале довербата. И поради тоа ми се наметнува едно болно прашање: како дојдовме до таму што вакви и слични персони ги устоличуваме на места кои треба да бидат двигатели на заедницата? Како дозволивме да бираме функционери кои ја губат суштината на служењето уште од првиот ден по изборите?
Одговорот е тежок, но јасен: тоа е резултат на секој наш молк, на секоја прифатена неправда, на секоја изговорена флоскула ‘сите се исти’ и ‘ништо не се менува’, на она што ни е наметнато. Тоа е резултат на секое рамо слегнато во апатија, на секој пат што го изгубивме кога не стоевме за правдата, кога не го поддржавме она што е вистински важно. А токму на вакви настани, токму на вакви обиди за воскреснување на духот, на настан што обединува луѓе од цела Македонија, настан што носи нова енергија во напуштените простори, се гледа кој е човек, а кој само функција.
Кога првиот човек на општината не може да препознае вакво случување во неговиот двор, тоа е знак дека таа функција одамна е саможивна, бирократизирана и отуѓена од сѐ.
Но во секој случај, Владимирово одржа сериозна лекција што мора да остане запаметена: дека културата и љубовта кон татковината не молат за дозвола. Тие се создаваат.
Затоа поучен од овој настан упатувам јавен апел до сите градоначалници и советниците во локалните самоуправи – „Вашата позиција не е само чест, туку и огромна одговорност. Секој ден носите одлуки кои влијаат на животот на вашите граѓани. Не дозволувајте рамнодушноста и суетата да ја дефинираат вашата работа. Не смеете да помислите да дозволите да се игнорираат иницијативи кои го враќаат животот во вашите општини? Не смеете да останете пасивни и рамнодушни пред луѓето кои со своите активности ги збогатуваат вашите локални заедници? Граѓаните не ви дадоа доверба за да се криете од нивните потреби. Тие очекуваат резултати. Очекуваат посветеност. Очекуваат дека ќе бидете гласот на заедничките интереси, а не бариери што ги задушуваат добрите идеи. Секој пат кога не ги поддржувате културните и други иницијативи, кога не покажувате свој личен интерес за важни настани, кога не вложувате во општинскиот живот, вие не само што ја губите довербата на вашите сограѓани, туку и ја намалувате вредноста на вашата институција. Немојте да бидете локални лидери само во свое име. Бидете лидери со дела.
И за крај – не, ова не е пораз на Владимирово. Ова е победа на Владимирци. Победа на љубовта над рамнодушноста. Победа на идејата дека Македонија ќе живее, не благодарение на самобендисаните политичари, туку благодарение на луѓето кои знаат што значи да се сакаат своето и своите. ПР
Соопштенија
Повик за македонските стартап-тимови: компанијата „Моцарт Србија“ го почнува четвртиот циклус на стартап-програмата „Универзум“ – пријавете се!

Универзумот продолжува да се шири! Компанијата Mozzart – Србија официјално го започна четвртиот последователен циклус на програмата за поддршка на стартап заедницата – Универзум, а пријавувањето е отворено до 11 мај на следниот линк.
Програмата е наменета за тимови чии производи се во завршна фаза на подготовка за излез на пазарот, но им недостига поддршка за првите чекори кон пазарот.
Стартапот што ќе победи ќе добие вредна парична награда од 20.000 евра, додека второ- и треторангираните тимови ќе добијат по 5.000 евра.
Оваа година освен во Србија, Универзум се шири и во регионот, па вратите на стартап заедницата на Mozzart се отворени и за тимови од Хрватска, Република Српска, Федерацијата БиХ, Црна Гора и Македонија.
Избраните стартапи за време на програмата ќе имаат пристап до:
· Специјализирани и прилагодени едукации
· Работа со посветени ментори
· Бесплатно користење на coworking простор
· Разни активности и настани за поврзување со алумни членови, експерти и дел од стартап екосистемот.
Универзум ќе ги води тимовите низ процесот до лансирање на производот, собирање повратни информации од пазарот и стекнување на првите корисници. Средината на октомври е резервирана за Demo Day, каде што тимовите ќе ги претстават своите идеи пред стручно жири.
Досега, преку Универзум поминале 23 тима, кои продолжуваат да ги развиваат своите иновативни решенија. Од „Tinder за вработување“ во ИТ индустријата и платформи за соларна енергија, до решенија за оптимизација на веб-страници, дигитализација на градинки, инвестиции во земјоделство, online купување, поврзување брендови со
инфлуенсери и гејминг платформи – бројни иновативни идеи оживеале во рамки на Универзум.
Проектот се реализира со поддршка и покровителство на Министерството за наука, технолошки развој и иновации на Република Србија, во рамките на Програмата за промоција и популаризација на иновациската дејност. Ова е втора година по ред како Министерството го поддржува Универзум, што потврдува колку е значаен и кредибилен овој програм на национално ниво. Во соработка со ICT Hub, веќе трета година по ред Универзум се потврдува како единствен и релевантен програм за стартапи во оваа фаза на развој.
ПР
Соопштенија
Македонскиот политиколошки форум објавува повик за доставување трудови

Македонски Политиколошки Форум, објави интернационален повик за доставување на академски трудови од областа на политологијата, правото и економијата.
Трудовите кои ќе бидат одобрени ќе бидат објавени во електронскиот зборник на Македонски Политиколошки Форум.
Право на учество имаат сите студенти и автори од земјава или странство, а трудовите задолжително мора да бидат на македонски или англиски јазик, во една од наведените области во самиот повик.
Сите заинтересирани имаат можност да испратат свој труд (индивидуално или група автори) најдоцна до 15 ти Мај 2025 година. Трудовите треба да ги исполнуваат условите наведени во повикот.
Повеќе информации може да добиете на следниот линк.