Соопштенија
(Видео) Јанушев: Пред да дојде на власт Заев ветуваше дека нема да спроведе двојазичност

Зоран Заев е човекот што пред да дојде на власт ветуваше дека нема да спроведе двојазичност. Како пример наведуваше градови како Струмица, Радовиш, Кавадарци, каде што нема граѓани што зборуваат албански, за сега кога стана премиер да спроведе целосна двојазичност, изјави Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека Заев, кога седнал на премиерската фотелја, спровел сè што велел дека нема.
„Уште една потврда за тоа вчера дојде од владата чиј портпарол соопшти дека Албанци мора да бидат вработени во сите институции вклучувајќи и општини како Радовиш, каде што нема граѓани што го зборуваат овој јазик. Зоран Заев нема повеќе легитимитет за ништо. Зоран Заев мора да си замине, а за тоа потребни се предвремени парламентарни избори“, рече Јанушев.
Тој додаде дека поминале 6 дена откако ВМРО-ДПМНЕ повикала за итно распуштање на Собранието и организирање предвремени парламентарни избори заедно со претседателските во април, а власта, како што рече, бега и се крие зад празни флоскули.
„Господине Заев, покажете барем малку храброст и распишете предвремени парламентарни избори. Доколку Собранието се распушти на 21 јануари, има доволно време до крајот на април да се исполнат сите услови во согласност со пржинскиот модел и да се спроведат фер избори. Граѓаните на избори не ви дадоа легитимитет ниту за промена на името, ниту за двојазичноста, ниту за какви било промени во Уставот“, рече Јанушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Тоневски: Ќе изградиме регионален пат до ски-центарот Пониква и до детското одморалиште

Изградба на регионален пат до ски-центар Пониква и детско одморалиште е дел од изборната програма на Тони Тоневски, кандидат за градоначалник на општина Пробиштип од ВМРО-ДПМНЕ.
„Еден од моите приоритети е изградбата на регионален пат Пробиштип – ски-центар Пониква. Овој пат ќе значи директна врска со еден од најубавите планински центри на Осогово. Поттик за турзимот, нови работни места и развој на локалните бизниси. Дополнителна активност за младите. Со современи стандарди, заштита на природата и предвидена зимска проодност. Патот ќе ја отвори вратата кон нов економски и туристички циклус за целиот регион. Пониква е нашиот зимски бисер. Ќе изградиме детско одморалиште за настава во природа и организирање на летни и зимски кампови за нашите ученици“, рече Тоневски.
Соопштенија
Костовски: Нова енергетска фасада на ООУ „Св. Климент Охридски“

„Местото каде што го поминав најубавиот дел од мојот живот, основното училиште „Св. Климент Охридски“, добива нова фасада“, вели актуелниот градоначалник на Бутел и кандидат на локалните избори од ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски.
„Овој проект е во вредност од 11 милиони денари. Образованието останува да биде мој врвен приоритет“, додава Костовски.
Соопштенија
Герасимовски најавува многубројни капитални проекти во Центар: Повторно имаме победничка програма

Кандидатот за градоначалник на општина Центар од редовите на СДСМ Горан Герасимовски истакна дека Центар се развива како зелена и еколошки одговорна средина, со урбанизам што обезбедува повеќе зелени површини, безбедни пешачки и велосипедски зони и современи сообраќајни решенија.
Во програмата за втор мандат, тој најавува бројни капитални проекти со кои продолжува развојот на општината.
„Повторно имаме победничка програма која овозможува поквалитетен живот на сите генерации, децата, младите, возрасните и пензионерите. Отпочнуваме со изградба на нов дом за стари лица, нова градинка во близина на Клиничкиот центар, набавуваме две цистерни и пет метларки за поголема хигиена, го ограничуваме движењето на возилата во Дебар маало, поставуваме две монтажни катни гаражи, градиме нов административно-граѓански објект со подземен паркинг за 300 возила и градиме два нови покриени базени. Покрај овие капитални проекти, воведуваме и Центарска картичка со која центарци ќе имаат бројни поволности и попусти“, вели Герасимовски.
Герасимовски, порачува дека учениците од прво до четврто одделение добиваат бесплатен оброк, а учениците од петто до деветто одделение бесплатни екскурзии низ Македонија за да ги запознаат убавините, културата, историјата на татковината.
Тој, додава дека Центар добива и три слободни Free Wifi зони со што граѓаните, но и туристите ќе користат бесплатен интернет.
„Во недела да излеземе сите масовно и да го заокружиме бројот 5, затоа што само така Центар ќе продолжи да се развива, да живее чисто, зелено и европски. Само оваа опција нуди реални решенија, проекти што навистина се реализираат и грижа за секој граѓанин. Да покажеме дека сакаме Центар да оди напред, а не назад, затоа што иднината на нашата општина е во наши раце. Бројот 5 е глас за чисти улици, модерна и уредна општина“, порачува Герасимовски.