Македонија
Бранителот Спасески живее пет години без струја и со бројни здравствени проблеми
Бранителот Драган Спасески, којшто пет години живее без струја и со бројни социјални и здравствени проблеми, денеска го посетија прилепскиот градоначалник, Илија Јованоски, националниот координатор за воени и полициски ветерани, Стојанче Ангелов, советникот за одбрана на претседателот на Владата, Драган Василески, претседателот на Здружението на резервни воени обврзници, учесници во настаните 2001-2002 година, Рубин Секулоски, директорката на Здравствениот дом, Оливера Аџиоска, и директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, Живко Силјаноски.
Општина Прилеп соопшти дека ќе бидат преземени сите мерки во ингеренции на градоначалникот и Општината, со цел да се решат најгорливите проблеми на Спасески.
„Градоначалникот потенцираше дека Општина Прилеп ќе се заложи да се реши проблемот со повеќегодишниот неплатен долг за електрична енергија, којшто во моментов изнесува 91.843 денари, ќе му биде исплатена парична помош. Воедно бранителот ќе биде хоспитализиран со цел да се стабилизира неговата здравствена состојба“, велат од Општината.

Националниот координатор за прашања поврзани со бранителите, Стојанче Ангелов, вели дека секојдневно помагаат на по неколку бранители од 2001 година, без притоа да се прави пиар од таквите судбини. Ангелов испрати порака и до сите бранители кои се во ваква незавидна здравствена и социјална положба, да се обратат до него како координатор, со цел да се изнајдат начини да им се помогне во решавањето на нивните проблеми и за стекнување на правата што им следуваат.
Директорката на Здравствениот дом, Оливера Аџиоска, рече дека по хоспитализацијата на Спасески, тој ќе биде редовно посетуван од екипите на службата за домашно лекување.
Живко Силјаноски, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, потенцираше дека Драган и Виданка Спасески се корисници на правото на социјална помош повеќе од 25 години и во тој период речиси постојано биле изложени на некои специфични социјални ризици. Исто така, Силјаноски напомена дека Драган и Виданка имаат син и ќерка, кои имаат и законска обврска да им помагаат на своите родители, но тие не го прават тоа во потребната мерка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

