Македонија
Царовска: Сите деца од домот „11 Октомври“ преселени во мали групни домови и згрижувачки семејства

Повеќе нема деца во Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје. Од пред неколку дена тие се сместени во 4 мали групни домови и згрижувачки семејства. Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Бенџамин Перкс, денеска ги посетија децата коишто од неодамна се сместени во една од куќите во Скопје.
„Како што ветивме, до почетокот на второто училишно полугодие го трансформиравме и домот ’11 Октомври’. При тоа водевме сметка децата да останат во близина на училиштето што го посетуваат и да не ги разделуваме децата коишто се братчиња и сестрички. Процесот на деинституционализација тече подобро од очекуваното, досега бројот на деца сместени во институции се намали за 60%. Нашите заложби како Влада се до 2020 година да нема повеќе деца под 18 години во големите институции. Секое дете заслужува да расте со семејство, да чуствува вистинска грижа и топлина. Продолжуваме да работиме на отворање мали групни домови, каде децата имаат услови за живот како во вистински семеен дом. Ги охрабрувам и сите оние кои се заинтересирани да станат згрижувачи да го направат овој чекор и да го отворат својот дом и срце за нов член на семејството“, изјави Царовска.
Процесот на деинституционализација МТСП го спроведува во партнерство со УНИЦЕФ, УНДП и Делегацијата на ЕУ во Македонија.
„Многу земји од ЕУ, преку систематски реформи и кампањи за промена на ставовите, прераснаа во места каде што сместувањето на деца во институции веќе не се прифаќа. Со затворањето на претпоследната институција за деца во земјата се доближуваме до остварување на таа иста цел“, рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ. „За жал, секогаш ќе постојат деца без родителска грижа. За да им се обезбеди на тие деца поддршка во семејно опкружување ни требаат мали групни домови, како овој, и голема мрежа згрижувачки семејства кои се подготвени да ги отворат своите срца и домови за децата кои може да имаат потреба од грижа во иднина“, рече Перкс.
Пред околу четири месеци целосно беше трансформиран и домот „25 Мај“ и сите 25 деца сега живеат во 5 мали групни домови во Скопје и се вклучени во редовниот образовен процес. Исто така, до крајот на минатата година од Специјалниот завод „Демир Капија“ беа извадени сите деца до 18 години и сместени во мали групни домови каде што добија 24-часовен надзор, и индивидуализирани програми и дефектолошки третмани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Македонецот кој спречи терористички напад во авион: „Реагирав инстинктивно“

На летот од Лондон до Глазгов се случи инцидент, откако еден од патниците извика дека има бомба, со слогани „Смрт за Америка, смрт за Трамп“ и „Алах акбар“. Патникот кој се закани дека ќе постави бомба беше совладан од Зоран Настески, по потекло од Македонија и Србија, кој живее во Велика Британија.
Настески го собори човекот на подот за време на летот и го држеше до слетувањето, кога го презеде шкотската полиција. Во меѓувреме, во Велика Британија е започната истрага за терористичкиот напад. Индискиот „Јутуб“ канал „НДТВ“ објави видео од инцидентот, на кое се гледа моментот кога Настески совладува патник кој извикува дека има бомба и го навредува американскиот претседател Доналд Трамп.
View this post on Instagram
„Вчера наутро тргнав на одмор во Глазгов. Десет минути пред слетувањето, еден човек помина покрај мене држејќи кафе и телефон во рацете. На почетокот се плашев дека ќе ми истури топло кафе, па се засолнив. Потоа почна да вика дека има бомба и дека ќе го собори авионот, за да докаже дека политиката на Трамп е погрешна“, вели Настески, пренесува „Телеграф.рс“.
Патниците паничеа, додаде Настески, децата врескаа, а екипажот беше видливо вознемирен.
„Само реагирав инстинктивно, сакав да ги заштитам другите. Станав, го соборив, му го зедов телефонот и го држев за раце додека не слетавме. Набрзо ми помогна друг патник, не сум сигурен дали беше Англичанец или Шкотланѓанец“, рече Настески.
По слетувањето на аеродромот, пожарникарите и полицијата дојдоа на пистата и уапсија 41-годишен маж. Целиот настан го снимила патничка. Видеото набрзо станало вирално на социјалните мрежи.
По десет години работа во Велика Британија, Настески планира да се пресели со својата партнерка во Србија, каде што има семејни корени. Неговиот татко е Македонец, роден во Скопје, а неговата мајка е Србинка.
„Се селам во Белград затоа што ја запознав најпрекрасната жена на светот, Сандра“, рече Настески.
Авиокомпанијата „Изи џет“ објави дека човекот што го предизвикал инцидентот бил уапсен веднаш по слетувањето во Глазгов и дека персоналот на авионот бил обучен да се справува со вакви ситуации, за да не биде доведена во прашање безбедноста на сите во авионот.
Македонија
Започна изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Битола

Во општина Битола, денес беше одржан состанок, со кој се означи почетокот на реализацијата на проектот за изградба на пречистителната станица за отпадни води.
Во присуство на претставници на Министерството за животна средина, Министерството за финансии, изведувачот на пречистителната станица конзорциумот Лантаниа-Стентон градба-Карканиас, избраниот надзор- фирмата Ептиса, претставници на КЈП „Нискоградба“ и претставници на општинската администрација, градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, посочи дека овој стратешки еколошки проект е многу значаен чекор кон заштитата на животната средина.
Основната цел на проектот е да се подобри инфраструктурата за собирање и третман на комунални отпадни води, во согласност со директивата за третман на отпадни води и националниот закон. Според договорот, времетраењето на градба е 2 години и една година гарантен период. Со помош на ЕУ, се гради одржлив систем за отпадни води за идните генерации, преку инвестирање во чиста вода и зелени решенија што ќе обликуваат поздрава и поодржлива иднина.
Македонија
Дожд и грмежи вечерва и во раните утрински часови, јавува УХМР

Времето до крајот на денот ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, во западните делови западен, а долж Повардарието северен ветер, кој наместа повремено ќе засилува. Кон крајот на денот во северозападните делови облачноста ќе се зголеми и во текот на ноќта и во раните утрински часови ќе има локален дожд, повремено пороен со појава на грмежи и услови за краткотрајно невреме.
Времето утре ќе биде променливо облачно и посвежо, претпладне со повремено пороен локален дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степеним јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно, во раните утрински и претпладневни часови со повремен пороен дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, попладне во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 33 степени.