Економија
Поповска и Морачанин: За општа забрана за цијаниди и сулфурна киселина, ќе ја поднесеме старата верзија на законот

Пратеничките од ДОМ, Лилјана Поповска и, Маја Морачанин преку соопштение одговорија на фрлената ракавица од страна на рударската асоцијација на Македонија дека ќе го оспорат донесениот Закон за минералните суровини на Уставен суд.
Како што наведуваат од ДОМ, реакцијата се однесува на забелешките дека законот не бил применлив и логичен и содржел забрана за употреба на цијаниди и сулфурна киселина само за рудници со отворен коп.
На тоа пратеничките одговараат дека во тој случај може да ја поднесат и старата верзија на законот.
„Ако сакате општа забрана за цијаниди и сулфурна киселина во сите процеси на детаљните геолошки истражувања, експлоатација и преработка на минерални суровини, веднаш ја поднесуваме старата верзија на законот! Онаа истата што ја оспоривте како асоцијација, извршивте притисок врз институциите и го заглавивте законот цела година! Тоа беше причина како предлагачи на законот да прифатиме амандман од собраниската Комисија за економија, со кој забраната е ограничена на површинските рудници. А токму рудниците со отворен коп се најопасните што се користат за сиромашни површински руди во земји со ниски еколошки стандарди или со огромни пусти површини далеку од населени места. Во Македонија таквите отровни инвестиции се непожелни! Впрочем, во сите земји каде што постои забрана во рударството се однесува токму на рудници со површински коп, а се работи за земји од ЕУ, држави во САД и други, каде што виделе мака од ваквите рани во природата“, се наведува во соопштението.
Од ДОМ објаснуваат дека исклучок во законот се концесиите на веќе постојните рудници, односно на оние неколку што се веќе отворени и работат.
„Иловица е рудник во најава, на хартија, против чие отворање се бориме сите екологисти во Македонија и тука нема отстапување! Да биде јасно, законот важи и за ‘Иловица’“, велат од Демократска обнова на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Лоши прогнози за германската економија

Германската економија ќе падне за 0,2 проценти оваа година оставајќи ја земјата во рецесија, според новите прогнози на Германскиот економски институт (IW). Германија е силно погодена од трговскиот конфликт предизвикан од царините на американската влада, објасни IW.
Глобалната неизвесност ги обесхрабрува бизнисите да инвестираат и тоа придонесува за падот, а со тоа и големите купувања, како што се нови машини и возила. Високите оперативни трошоци во Германија дополнително ја комплицираат ситуацијата.
IW заклучува дека Германија, со домашен бруто-производ (БДП) кој се намалува за 0,2 проценти во 2024 година ќе остане во рецесија.
Најголемиот ризик за глобалната економија оваа година, според IW, е трговската политика на САД. Без царинските политики на САД, глобалното економско производство во 2025 година можеше да биде повисоко за 0,8 проценти, соопшти институтот.
Перспективите за индустрискиот и градежниот сектор остануваат мрачни. Се очекува индустриските компании да генерираат помала додадена вредност оваа година по падот од 3 проценти во 2024 година. Високите цени на енергијата, зголемувањето на платите и зголемената регулатива вршат дополнителен притисок врз бизнисите.
Градежните компании, по пад од 3,7 проценти во 2024 година, продолжија да се соочуваат со дополнителни ограничувања оваа година, при што високите трошоци за изградба предизвикани од регулативата продолжуваат да го попречуваат секторот.
IW исто така забележа дека овие трендови сега влијаат на пазарот на трудот, при што бројот на вработени се намалува од средината на 2024 година. До летото бројот на невработени би можел да достигне три милиони, бројка што не е евидентирана од 2010 година, велат економистите.
Раководителот на одделот за макроекономски истражувања на IW, Михаел Гремлинг, изјави дека новата германска влада има можност да го промени трендот посочувајќи на планираниот посебен инфраструктурен фонд што би можел да помогне во стимулирањето на економијата.
Економија
Димитриеска – Кочоска во Брисел: Реформите остануваат клучни за конкурентноста на европската економија

Целосна имплементација на новиот Закон за буџети и спроведување прудентна фискална политика преку усвојување конкретни мерки за фискална консолидација, намалување на дефицитот, зајакнување на ефикасноста на прибирање на приходите во буџетот, се дел од препораките за РС Македонија од заедничките заклучоци од овогодинешниот 11-ти по ред Економски и финансиски дијалог меѓу ЕУ и земјите кандидати за членство на кој учествуваше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
„Усвоените заеднички заклучоци во рамки на дијалогот коишто се однесуваат на зајакнување на фискалното управување, имплементирање на капиталните инвестиции, зајакнување на оперативноста на даночната администрација и следење на фискалните ризици, се во линија на реформите предвидени како со реформската агенда, така и со Програмата за реформи во управувањето со јавните финансии“, рече министерката за финансии.
Таа додаде дека во услови на глобална економска нестабилност, фискалната политика е насочена да одговори на неизвесностите присутни во глобалната и домашната економија. Притоа, додаде, имајќи предвид дека фискалниот простор е ограничен како резултат на последователните кризи, фискалната политика е исправена пред предизвикот за постигнување фискална консолидација, но истовремено и финансирање иницијативи коишто го поддржуваат растот.
„Во услови на геополитички турбуленции и трговска војна, ние треба да им овозможиме на нашите компании да се развиваат преку креирање динамична деловна средина која ќе го ослободи нивниот потенцијал за раст. Значајно за приватниот сектор е подготвеноста на нашите влади да обезбедат квалитетна даночна политика, квалитетна инфраструктура, расположива и квалитетна работна сила, пристапна енергија, помал административен товар и правна рамка којашто ќе овозможи креирање на регионални ланци на снабдување. Она што ние како креатори на политики и носители на одлуки треба да размислиме и одлучиме е како да се креира динамично деловно окружување кое ќе им помогне на нашите компании брзо да се прилагодат на сегашната остра конкуренција на глобалниот пазар“, рече министерката за финансии.
Во таа насока, таа потенцира дека Владата е посветена на трансформативни реформи во земјата фокусирани на дигитална трансформација, одржлива енергетска транзиција, јакнење на човечкиот капитал, јакнење на владеењето на правото и подобро управување со јавните финансии, коишто области се во фокусот на реформската агенда на земјата.
Според учесниците, Економскиот и финансиски дијалог, и понатаму ќе игра значајна улога во постигнување на пошироките цели на добро управување и економски просперитет, и се сoгласија дека дијалогот треба да продолжи да игра централна улога во утврдување на заедничките насоки за политики за поддршка на одржлив среднорочен економски раст и постепено усогласување со економските критериуми за пристапување во ЕУ. Учесниците нагласија дека клучна улога за остварување на напредок е спроведување на заедничките заклучоци, како и програмите на економски реформи и реформските агенди .
Дискусијата на годинешниот Економски и финансиски дијалог беше фокусирана на конкурентноста на Европа во контекст на сегашните геополитички случувања и потребата за поедноставување на правната рамка со цел намалување на административниот товар врз компаниите. За да може економијата да креира раст и работни места, во услови на трговска војна, на компаниите треба да им се овозможи да ја зајакнат конкурентноста преку инвестиции и иновации.
На годинашниот Економски и финансиски дијалог во Брисел учествуваат министрите на тековното и двете последователни претседателства со Советот на ЕУ, претставници на земјите членки на ЕУ, претставници на Европската комисија, Европската централна банка, Европска инвестициска банка, како и министрите за финансии и гувернерите на централните банки од земјите на Западен Балкан, Турција, Грузија, Молдавија и Украина.
Економија
Бислимоски: Oд 1 јуни ќе бидат на располагање дополнителни 500 GWh, со кои ќе може да се тргува на слободниот пазар во Косово, одлична бизнис-можност

Од 1 јуни македонските снабдувачи и трговци со електрична енергија ќе имаат можност да снабдуваат нови 1.000 потрошувачи од косовскиот пазар, каде што почнува дополнителната фаза на либерализацијата на пазарот со електрична енергија. Ова беше повод Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) да иницира состанок на кој косовскиот регулатор пред македонските снабдувачи и трговци ги презентира чекорите како полесно да пристапат на пазарот кај нив.
„Откога ги презедовме сите неопходни активности како регулатори и извршивме заемно признавање на лиценците за снабдување и трговија, сега сакаме компаниите да ги мотивираме да ја искористат оваа можност. Поголем пазар носи поголема конкуренција, а бенефитот е пониски цени за електрична енергија. Сега, за помалку од еден месец, односно од 1 јуни, ќе бидат на располагање дополнителни 500 GWh, со кои ќе може да се тргува на слободниот пазар на Косово и ова е одлична бизнис-можност за наште снабдувачи и трговци“, посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Претседателот на косовскиот регулатор, Канцеларијата на енергетскиот регулатор од Република Косово (ЕРО), Имер Фејзулаху, им посака добредојде на македонските снабдувачи истакнувајќи дека тие имаат повеќе искуство со оглед на тоа дека македонскиот пазар е одамна либерализиран.
„Ова е само меѓучекор кон приклучување кон единствениот пазар што го бара од нас Европската Унија. Во прилог на сите ни е да има намалени административни бариери, а зголемена конкуренција“, изјави Имер Фејзулаху од ЕРО (Канцеларијата на енергетскиот регулатор од Република Косово) (Energy Regulatory Office).
Со цел да се зголеми конкурентноста на пазарите во двете држави, РКЕ и ЕРО во 2023 година потпишаа меморандум за соработка со кој заемно се признаваат лиценците за снабдување и тргување со електрична енергија.