Македонија
Ерјавец на средба со Џафери: Потешкиот дел доаѓа по членството во НАТО

Потешкиот дел од работата доаѓа по членството во НАТО кога ќе биде потребно да се преземат поголеми реформи и да се обезбеди соодветен процент од буџетот за одбраната. Ова го истакна министерот за одбрана на Република Словенија, Карл Ерјавец, кој престојува во официјална посета на Република Македонија за време на средбата со претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Министерот Ерјавец додаде дека Словенија стои на располагање да ги понуди сите свои ресурси и експертиза и истакна дека членството на Република Македонија ќе биде позитивен сигнал во насока на стабилноста на Балканот.
Според Ерјавец, членството на Република Македонија во НАТО би придонело за стабилноста во безбедносен аспект на државата, но и за стабилноста во економска смисла, со што ќе се овозможат поголеми перспективи за младите.
Џафери се заблагодари за поддршката што Република Словенија ја дава за членството на Република Македонија во НАТО и ЕУ.
„Неговата посета во овој клучен момент за Република Македонија, кога Амбасадата на Република Словенија станува контактна точка за НАТО, е уште една потврда за пријателството меѓу двете држави кое се негува со децении“, истакна претседателот Џафери.
Тој го информира соговорникот за процесот на уставните измени и за реформските процеси во Собранието на Република Македонија во контекст на процесот на пристапувањето во НАТО и изрази надеж дека најдоцна до почетокот на наредната година земјата и официјално ќе биде триесеттата земја членка на НАТО.
Соговорниците беа едногласни дека одличните билатерални односи, без отворени прашања, треба да бидат зајакнати во процесот на хармонизацијата со законодавството на ЕУ, како и во доменот на економијата, животната средина и другите области од заемен интерес по принципот на научени лекции и добри практики во процесот на пристапувањето на Република Македонија за членство во Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес се навршуваат 24 години од загинувањето на бранителите кои нагазнаа на мина кај Љуботенски бачила

На повеќе локации во Скопје денеска ќе бидат одбележани 24 години од загинувањето на осуммината бранители, припадници на резервниот состав на Армијата кои загинаа во 2001 година кај месноста Љуботенски бачила.
Делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата предводена од директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев ќе положи венци со свежо цвеќе пред спомен обележјето на паднатиот бранител Томислав Настевски во Општина Ѓорче Петров, споменикот на паднатите бранители во село Волково, споменик на загинати бранители во село Љубанци и спомен-плоча во касарната „Илинден“.
Делегација на Собранието во состав на пратеничките Емилија Ангелова и Каролина Насковска, ќе положи свежо цвеќе пред спомен-обележјето поставено во чест на загинатите бранители во село Љубанци.
Општина Ѓорче Петров организира оддавање почит пред спомен-чешмата на Томислав Настески – Бумбар, во урбана заедница Мирче Ацев (ул. „Ѓорче Петров“) додека централна комеморативна манифестација ќе биде пред споменикот на загинатите бранители во Волково.
На 10 август 2001 година со воено товарно возило на патот кон месноста Љуботенски Бачила при активирање на мина животот го загубија осум припадници на резервниот состав на Армијата: Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски. На овој ден се оддава почит и на Ацо Ангеловски кој во 2000 година загина во Арачиново при вооружен напад врз полициска патрола.
Македонија
Летните одмори направија редици на Табановце

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез во државата е околу еден час, на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Внимавајте на сонце, денес многу топло со температури до 39 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од источен и североисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен променлив ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на многу топла воздушна маса од југ во текот на наредната седмица времето ќе биде претежно сончево и многу топло.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30 степени, а наместа ќе достигне и 40 степени.