Култура
Со „Исцелител“ почна Неделата на македонскиот филм во Софија
Со проекција на „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески во кинотечната сала „Одеон“ на Бугарската националната филмотека синоќа започна Неделата на македонскиот филм во Софија.
„Полната сала на „Одеон“, култно кино меѓу бугарските филмофили и автори, со аплаузи го пропратија филмот и гостите од филмската екипа на „Исцелител“, актерот Аксел Мехмед и кинематограферот Дејан Димески“, велат од Кинотеката на Македонија.
Неделата на македонскиот филм во Софија е прво претставување на современата македонска кинематографија пред гледачите во Софија по подолго време и е реализирана благодарејќи на соработката на Бугарската националната филмотека, Кинотеката на Македонија и Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија. На присутните пред проекцијата им се обрати и македонскиот амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев.
Како што посочи Антонија Ковачева, директорка на Бугарската националната филмотека, на разговорот со Мехмед и Димески по проекцијата на „Исцелител“, македонските и бугарските филмски автори засегаат слични теми во нивните дела, со социјално-општествени проблеми кои се многу блиски за двете држави. Затоа и публиката на отворањето на Неделата на македонскиот филм во „Одеон“ реагираше со многу симпатии и смеа на поентите во црната комедија „Исцелител“.
Неделата на македонскиот филм во Софија ќе трае до 27 јануари, а вечерва во 18 часот продолжува со проекција на „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар Митевска. На 23 јануари, со почеток од 18 часот, ќе се прикажат краткометражните филмови „Еклер“ на Марко Ѓоковиќ, „Долорес“ на Радован Петровиќ, „Види ја ти неа“ на Горан Столевски и „Децата ќе дојдат“ на Ана Јакимска. На 24 јануари, со почеток од 18 часот, ќе следи вториот блок краткометражни филмови: „Пепи и Муто“ на Георги Унковски, „Амби“ на Марија Апчевска, „Тие дојдоа од центарот на светот“ на Дина Дума и „Коливо“ на Андреј Волкашин. На 25 јануари од 18 часот е филмот „Враќање“ на Кастриот Абдули на . На 26 јануари од 17 часот е филмот „Џган“, а на 27 јануари од 17 часот, на затворањето на Неделата на македонскиот филм во Софија ќе биде прикажан филмот „Џипси меџик“ на Столе Попов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Мојсова-Чепишевска: Треба да сме среќни што во нашево време имаме автор од форматот на Венко Андоновски
Треба да сме среќни што во нашево време имаме автор од форматот на Венко Андоновски. Треба да се среќни и писателите што имаат таков колега по перо, и книжевните критичари, и читателите… Треба да е (и е) среќен и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ што го има во својот колектив, на Катедрата за македонска книжевност и култура на која заедно работиме повеќе од три децении. Треба да е среќна и Македонската академија на науките и уметностите што го има во своите редови, како дописен член што може уште многу да придонесе за развојот и на книжевноста и на науката… Едноставно, треба да сме среќни сите како културна средина што го имаме за современик и што современата македонска книжевност има дела какви што се неговите!
Денес, истакнатиот македонски прозаист, драмски автор и универзитетски професор, Венко Андоновски полни 60 години. А по тој повод и по повод 30 години од објавувањето на неговиот прв роман, ова го порачува неговата колешка, универзитетската професорка и книжевна критичарка од Катедрата за македонска книжевност и култура, Весна Мојсова-Чепишевска, во новиот критички осврт за творештвото на Андоновски објавен денес во чест на двојниот јубилеј и како прва роденденска честитка.
Во текстот што пред сè се однесува на реизданието на неговата збирка раскази „Фрески и гротески“ и на романот „Азбука за непослушните“ во една книга, Мојсова-Чепишевска за Андоновски се осврнува како за реставратор на фреските и азбукословец на современата македонска книжевност, продолжувач на линијата на Стале Попов и Петре М. Андреевски во македонката проза и на Војдан Чернодрински и Горан Стефановски во македонската драма.
– Јубилеите, и оние што се однесуваат на некои случувања во книжевната, културната и општествената стварност, и оние што се поврзани со биографиите на личностите што се двигатели на таа стварност, не треба да се повод само за потсетување и вреднување, туку и за превреднување на постигнатото, запишаното, оставеното зад себе… Затоа, во годината кога чествуваме шест децении од раѓањето и три децении од објавувањето на првиот роман на еден од најчитаните и еден од најзначајните македонски автори на / во Македонија на преминот од XX кон XXI век, и особено во последниве две децении на овој век – Венко Андоновски, чувствувам дека на планот на издаваштвото, можеби и не можеше да се случи нешто посоодветно од тоа во една книга да се преобјават неговата збирка раскази „Фрески и гротески“ и неговиот прв роман „Азбука за непослушните“, во издание на „Три“, посочува Мојсова-Чепишевска.
Според неа, оваа нова книжевна објава е значајна не само затоа што за расказите од „Фрески и гротески“, Андоновски за првпат го доби „Рациновото признание“ и не само затоа што „Азбука за непослушните“ е неговиот прв роман за кој доби и прва награда на издавачот „Зумпрес“, туку затоа што едноставно, ваквото издание во кое на едно место се и двете дела им го должевме и на оние што се родија или што станаа читатели по почетокот на деведесеттите години на минатиот век.
– Зашто токму овие дела се оние коишто громогласно обзнанија дека Венко Андоновски е авторот што ја продолжува линијата на двајцата претходни најчитани и најзначајни македонски раскажувачи, но и негови книжевни татковци: Стале Попов и Петре М. Андреевски. Иако, до 1993 година кога беше објавена „Фрески и гротески“ и до 1994 година кога беше објавен „Азбука за непослушните“, веќе неколку години, Андоновски беше познато име на македонската книжевна сцена, и тоа и како книжевен истражувач – научник, теоретичар на книжевноста, и како книжевен критичар и антологичар со полемичен дух, и како писател што веќе ги имаше објавено поетската книга „Нежното срце на варварот“ (1986) и дебитантската збирка раскази „Квартот на лиричарите“ (1989), сепак, овие две дела, како да беа пресвртни. И за неговото творештво во кое најавија еден поинаков дискурс од оној што дотогаш го имаше во македонската проза, и за неговиот однос со читателите, а согледано од денешна перспектива – пресвртни и за современата македонска книжевност. Затоа, повеќе од потребно беше овие две клучни дела од опусот на Андоновски, одново да ги имаме, за обединети во ново издание да се подостапни за читање и за оние што тогаш во периодот на првообјавата не можеле да ги прочитаат, нагласува универзитетската професорка.
Според Мојсова-Чепишевска, ова издание е не само за оние што тогаш не можеле да ги прочитаат двете клучни дела на Андоновски поради своите години и затоа што во периодот на првообјавата уште не биле родени или не биле читатели, туку и за сите оние што до сега пропуштиле да ги прочитаат овие дела, како и за сите што веќе ги имаат прочитано, бидејќи одново треба да ги прочитаат за да ги доисчитаат.
– Наједноставно речено, вакво издание на „Фрески и гротески“ и на „Азбука за непослушните“ си го должевме и на себеси и на македонската книжевност и култура. И добро е што го имаме, за да нè поттикне на препрочитувања. Дури некои од поновите генерации можеби за првпат ќе го читаат ова писмо од она што Андоновски би го нарекол македонско лепословие, посочува Мојсова-Чепишевска.
Во критичкиот осврт, таа остварува одделни микроисчитувања на двете дела на Андоновски, со осврнување и во контекст на македонскиот книжевен развој и во контекст на јужнословенската книжевност.
– По „Фрески и гротески“ и „Азбука за непослушните“, од перото на Венко Андоновски како прозаист, во 2000 година следуваше „Папокот на светот“ – романот со кој тој го доживеа успехот за кој не еднаш сум рекла дека личи на вистинска експлозија. Овој роман понуди нов начин на читање и овозможи поинакво согледување на целокупната авторска традиција на Андоновски. Но, како и големи имиња од историјата на светската книжевност претходно, со него тој фрли дополнителна светлина на претходните книги – на „Фрески и гротески“ и на „Азбука за непослушните“ и насочи кон една следна. „Папокот на светот“ ги допишува и неговиот прв роман „Азбука за непослушните“ и неговата збирка раскази „Фрески и гротески” и го најави „Папокот на светлината“. Па така, секој што го прочитал „Папокот на светот“ и/или „Папокот на светлината“, се чини, треба/мора да ги прочита и „Фрески и гротески“ и „Азбука за непослушните“ што сега се обединети во една книга. И вистински, читателски и да ужива, и да размислува, сфаќајќи дека голем писател како Андоновски, во сиот свој живот пишува една, голема книга што ја сочинуваат сите негови дела, стои во завршницата на освртот на Мојсова-Чепишевска.
Таа напоменува дека во времето што е пред нас, потребно е во едно издание да ги имаме и првите објавени драми на Венко Андоновски – „Адска машина“ (1993) и „Бунт во домот за старци“ (1994) – врсници на „Фрески и гротески“ (1993) и на „Азбука за непослушните“ (1994), а можеби во истото издание и „Словенски ковчег“ (1998).
– Затоа што како што „Фрески и гротески“ и „Азбука за непослушните“ се темелот на она што го има во неговата проза, така и овие драмски текстови се темелот на она што го има во неговото натамошно драмско творештво, порачува универзитетската професорка и книжевна критичарка.
Култура
Изложба „Infinity/Бесконечност“ на Ирена Паскали во Крива Паланка
Во галеријата на ЛУ Градски музеј Крива Паланка, вечерва (30 мај) , со почеток во 20 часот, ќе бите отворена изложбата „ Infinitiy/Бесконечност“ на светски познатата уметница Ирена Паскали.
Изложата претставува мултимдијален проект кој комбинира инсталација во простор од целулоидни ленти и камен, видео , фотографија и цртеж.
Според авторката, целулоидот е носител на идеологии, агитација, информации, но и филмска уметност, а пренесувањето на оваа содржина ги одредува патиштата на идентификација, културен идентитет и чувство на заедништво. Просторната инсталација има за цел да покаже дека носачот на информации –целулоидот, ги содржи актуелните подвижни слики од вестите, културните програми и кината.
„Инсталациите кои ги создавам со целулоид се привремени, тие се реализирани за самата локација каде се поставуваат, се документираат, а по изложбата се уништуваат“, истакнува Паскали.
Ирена Паскали дипломира на ФЛУ во Скопје , а магистрира во Келн, Германија, каде живее и работи од 2004 година. Таа е уметница од светски ранг , која континуирано е присутна во сферата на визуелната уметност, секогаш претставувајќи се со инсталации, интервенции во простор, со комбинирани медиуми и материјали, цртеж, фотографија, звук и видео.
Изложбата е дел од манифестацијата „ Крива Паланка – Град на културата 2024“.
Култура
Концерт на Националниот џез оркестар со уште еден Греми-добитник, тапанарот Џон Рајли и светски познатиот биг бенд диригент, Зиги Фајгл
Националниот џез оркестар го најавува следниот настан за оваа сезона – Концерт на Националниот џез оркестар со гостите Џон Рајли (тапани) и, за нас добро познатиот диригент, Зиги Фајгл во сабота, на први јуни од 20 часот, Македонски народен театар.
Џон Рајли e светски реномиран и признат изведувач, автор и учител, кој соработува со светските водечки џез музичари повеќе од 40 години. Четирикратен добитник на Греми наградата, од вкупно 14 номинации, Џон има реализирано стотици снимки и настапи со Мајлс Дејвис, Дизи Гилеспи, Стен Гец, Вуди Херман, Џон Скофилд, Џо Ловано, Боб Минцер, Карнеги Хол џез бендот, џез оркестарот Вангард и многу други.
Џон е автор на The Art of Bop Drumming, моментално објавена на пет јазици, Beyond Bop Drumming, The Jazz Drummer’s Workshop, и The Master Drummer.
Џон има завршено дипломски студии по џез музика на Универзитетот во Северен Тексас (1975) и мастер студии на Музичката школа на Менхетен (1985), каде денес е и професор. Тој исто таке е професор и на Универзитетот Куцтаун, визитинг професор на Конзерваториумот во Амстердам во Холандија, и редовно држи предавања низ целиот свет.
Зиги Фајгл е добро познат на нашата публика, меѓу другото и по неколкуте досегашни настапи со нашиот оркестар. Фајгл е светски познат диригент на биг бенд, првенствено познат по неговиот придонес за австриската џез сцена. Водел различни биг-бендови и ансамбли, меѓу кои биг бендот во Грац, каде што е и декан и професор на Универзитетот за музика и изведувачки уметности; ХГМ биг бендот, биг бендот Суд, преку својата работа покажувајќи го својот талент за аранжирање и диригирање на големи музички состави.
Работата на Фајгл во музиката за биг бенд често опфаќа широк спектар на стилови, од традиционалните свинг и џез стандарди до посовремени и експериментални композиции. Соработувал со многу реномирани музичари и уметници, како во Австрија, така и на меѓународно ниво, меѓу кои Бил Холман, Тутс Тилеманс, Арт Фармер, Марк Марфи, Боб Брукмаер, Артуро Сандовал и други, и се стекнал со репутација за неговото вешто лидерство и иновативни аранжмани.
Како диригент на биг бенд, Сиги Фајгл игра витална улога во обликувањето на звукот и насоката на ансамблите што ги води, здружувајќи ги талентираните музичари за да создадат динамични и привлечни изведби. Неговата посветеност на уметничката форма и неговиот придонес во традицијата на биг бендот го зацврстија неговото место како почитувана личност во светот на џез музиката.
На програмата ќе бидат композиции од оркестарот Тед Џонс/Мел Луис, оркестарот Vanguard Jazz, како и од Бади Рич биг бендот и Оркестарот Стен Кентон, создадени од повеќе различни композитори меѓу кои: Тeд Џонс, Џим Мекнили, Боб Брукмаер, Бил Холман. Извонредни стандарди и аранжмани кои дополнително ќе ги истакнат способностите на нашиот гостин – тапанар.