Македонија
АХВ: Со предложените законски измени се забранува неконтролирано размножување и продажба на домашните миленици
„Решавањето на проблемот со бездомните животни бара мултисекторски пристап и соработка меѓу институциите на системот, невладините организации и локалните самоуправи и налага преземање законски дефинирани мерки и спроведување активности со кои конечно ќе се стави ред и ќе се реши овој децениски проблем. Предложените измени на Законот за заштита и благосостојба се во насока на подобрување на одговорното сопствеништво на домашните миленици, со цел намалување на бројот на бездомни кучиња”, изјави директорот на Агенција за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, за време на трибината посветена на предложените измени и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните, која се одржа на Факултетот за ветеринарна медицина.
Директорот на АХВ истакна дека новините кои сега се предлагаат се во насока на унапредување на заштитата и благосостојбата на животните, пред сè на поставување основа за решавање на проблемот со бездомните кучиња и реалната опасност од нивното неконтролирано размножување.
„Комисијата за благосостојба во рамки на агенцијата даде виза на предложените законски измени. По нивното донесување ќе се донесат и правилниците за одгледувачниците и за продавниците за домашни миленици, но и други подзаконски акти кои произлегуваат од овој закон“, изјави Атанасов.
Кампањата за бесплатно микрочипирање на домашните миленици е во тек, рече тој и е една од мерките што ги презема агенцијата за олеснување на контролата за заокружување на концептот на одговорното сопствеништво и решавање на проблемот со бездомните кучиња.
Стручни лица од Агенцијата за храна и ветеринарство ги објаснија предложените законски измени за благосостојба. „Се забранува неконтролирано размножување и продажба на домашните миленици, продажба на кучиња и мачки во продавници за домашни миленици и на продажба на домашни миленици на малолетни лица“, наведуваат од АХВ.
На ваквиот законски предлог, претставниците на Кинолошкиот сојуз и одгледувачите на расни кучиња дадоа предлог во измените на законот да се додаде и одредба за забрана за подарување домашен миленик на малолетни деца. Со предложените измени се врши унапредување на одредбите во однос на контролата на популација на бездомни кучиња па така секој сопственик кој држи две или повеќе репродуктивно способни женки од видот куче ќе треба да се регистрира како одгледувачница, а физичкото или правно лице кое има една репродуктивно способна женка, согласно со измените ќе биде евидентиран како регистриран одгледувач на куче.
Директорот Атанасов појасни дека идејата на вака предложените законски измени е да се воспостави контрола на неодговорното сопствеништво како извор на досегашното неконтролирано размножување на кучињата и да се постави основата за вршење инспекциска контрола и на сопствениците на кучиња.
Со предложените измени, сопствениците кои држат репродуктивно способни женски кучиња ќе имаат обврска да го стерилизираат својот миленик доколку не се регистрираат како одгледувач на куче или не регистрираат одгледувачница, што во голем дел ќе придонесе за намалување на бројот на бездомни кучиња на улиците. На овој предлог претставниците на невладините организации за заштита на правата на животните и одгледувачите на расни кучиња предложија со оваа мерка да бидат опфатени и машките единки.
Како што посочија од АХВ регистрираните одгледувачи на куче и одгледувачниците треба да го пријават леглото од своите животни во овластено ветеринарно друштво, да ги идентификуваат и регистрираат младенчињата согласно со Законот за идентификација и регистрација на животните пред да ги вдомат, како и да ги пријават лицата каде што ги вдомиле младенчињата. Трошоците за овие постапки се на товар на регистрираните одгледувачи на куче и одгледувачниците кои со предложените законски измени имаат обврска да водат евиденција за милениците.
Новина во законските измени е можноста за вклучување на здруженијата за заштита и благосостојба на животните во носењето на годишниот план за спроведување на активностите, бришењето на одредбите кои се однесуваат на прогласување на куче за опасно врз основа на расата и расните карактеристики, како и давањето надлежности на Државниот комунален инспекторат општинските комунални редари и инспектори за вршење на контроли во поглед на одговорното сопствеништво.
Законот, велат од АХВ, предвидува повисоки казни и за неодговорното сопствеништво, за физичките и правните лица кои нема да се регистрираат како одгледувачи, како и казни за неконтролирано размножување на кучињата.
Габриел Стибел од Кинолошкиот сојуз на Македонија на трибината посочи дека како држава мора да водиме сметка за генетскиот потенцијал на кучињата кои се чуваат во руралните средини како овчарски кучиња. Неопходно е и оваа популација кучиња, рече тој, да биде ставена во системот на евиденција.
Претставникот на ловечката федерација на Македонија предложи место стерилизација на кучињата да се воспостави систем на ДНК-анализа и креирање база со податоци за секој миленик, што според директорот Атансов е прифатливо, но, како дополнителна мерка. Примарно, истакна тој, во овој момент треба да бидат мерките кои ќе бидат насочени кон стерилизација/ кастрација на репродуктивните единки, или регистрирањето на одгледувачница или како одгледувач на куче и создавањето база за следливост на милениците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

