Македонија
Џафери и Брегу разговараа за евроинтеграциите
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со новиот генерален секретар на Советот за регионална соработка (СРС), Мајлинда Брeгу, во рамките на нејзината посета на земјава. Претседателот Џафери ѝ го честита на Брегу назначувањето на функцијата и ѝ посакa успех во напорите за зајакнување на регионалната соработка во Југоисточна Европа. Toj потенцира дека високо ја цени улогата на Советот за регионална соработка како оперативна рака на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) нагласувајќи дека Собранието е активен учесник во Парламентарното собрание на ПСЈИЕ и претседавач со Генералната комисија за правда, внатрешни работи и безбедносна соработка.
Тој се осврна на состојбата во земјата и регионот, како и неопходноста за унапредување на добрососедските односи и соработка, при што како пример ги наведе договорите што Република Македонија ги постигна со своите соседи Бугарија и Грција.
Генералниот секретар Мајлинда Брегу изрази задоволство што нејзината посета се реализира во одличен политички момент за земјата и регионот. Таа упати честитки за усвојувањето на уставните амандмани и Законот за употреба на јазиците изразувајќи надеж дека најбргу што може договорот од Преспа ќе биде ратификуван и во грчкиот парламент.
Брегу нагласи дека во фокусот на активностите на Советот за регионална соработка се мобилноста, конкурентноста, поврзаноста и владеењето на правото во земјите од ЈИЕ. Во врска со ова таа информира дека во моментот во Скопје во тек е втората рунда на преговори за заедничко признавање на дел од дипломите меѓу земјите од Западен Балкан, што се очекува да резултира со спогодба, со која ќе се обезбедат еднакви услови за прифаќање на професионалните квалификации и непречено движење на професионалците од регионот. Генералниот секретар на СРС го истакна значењето на поврзаноста на регионот и потребата за интегрирање на економиите во единствен пазар и нагласи дека Советот е подготвен да им помогне на земјите од ЈИЕ во процесот на европска интеграција.
Изразувајќи задоволство од визијата и приоритетите на Брегу за идните активности на Советот за регионална соработка, претседателот Џафери изрази надеж за понатамошна плодна соработка меѓу парламентите од регионот и СРС. Соговорниците се согласија дека регионалната соработка е клучна компонента за евроинтеграцијата на земјите од ЈИЕ и оценија дека се потребни видливи резултати на овој план, што е битен предуслов за стабилноста и просперитетот на регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

