Економија
(Видео) Планови за изградба на модерна патна инфраструктура – граѓаните ќе патуваат побезбедно низ земјава

Во Владата се одржа заедничка прес-конференција на која премиерот Зоран Заев заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, ги презентира плановите за изградба на модерна патна инфраструктура за 2019 на целата територија на Република Македонија.
„Со почетокот на градежната сезона почнуваме со забрзана изградба и рехабилитација на најголем дел од патната мрежа во вкупна вредност од 1 милијарда и 270 милиони евра. Станува збор за големи инвестиции во изградбата на нови патишта, како и реконструкција на постојните во вкупна должина од над 770 километри. Оваа година почнуваме со реализација на нови проекти за изградба, рехабилитација и реконструкција на 43 патни правци, а засилено ќе продолжиме со изградба и реконструкција на веќе започнатите 27 патни правци. Продолжуваме да ја градиме Република Македонија и да ги поврзуваме граѓаните со квалитетни, сигурни и безбедни патишта“, соопшти премиерот Заев во своето обраќање и додаде дека добрата и безбедна патна инфраструктура е главен предуслов за привлекување домашни и странски инвестиции и за локален економски развој.
„Автопатот Кичево-Охрид во должина од 60-ина километри продолжува да се гради. Надминати се проблемите, се потпиша нов анекс на договорот, со кој се заштедија 90 милиони евра, и градежните работи продолжуваат до конечна реализација. Го поврзуваме Охрид како наша стратешка туристичка дестинација со Кичево и остатокот од Македонија. Ова е важно бидејќи ќе се обезбедат услови за унапредување на туризмот, за зголемување на трговската размена во овој регион, што ќе придонесе и за рамномерен економски развој. Минатата година ја достигнавме бројката од 1 милион туристи. Овој автопат и другите што ги поврзуваат нашите туристички центри се нашата инвестиција за уште поголем број туристи и економски раст“, рече премиерот Заев и надополни дека придобивки ќе почувствуваат 225 илјади жители и 13 општини од југозападниот дел на земјава.
Вицепремиерот Анѓушев во своето обраќање потсети дека 2019 е најавена како економска година и дополни дека изградбата и рехабилитацијата на патиштата во земјата е една од активностите потребни да се реализираат за да се постигне економски раст. Тој потенцира дека очекува, по почнувањето на градежната сезона, да нема ниту една слободна градежна машина во Република Македонија, а земјата да биде едно големо градилиште.
„Сите знаеме дека сите други економски сектори, освен градежништвото, во 2018 година бележеа значителен раст. Градежништвото е важен сегмент за економскиот раст и ние сме посветени да го раздвижиме овој сектор. Во овој момент во Република Македонија се градат и рехабилитираат патишта како никогаш досега. Во 2018 година се завршени активности на 192 км во вредност од 30 милиони евра. Тоа не е доволно и токму поради тоа градежништвото минатата година бележеше негативни стапки на раст. Би сакал да истакнам дека проектите за изградба на патишта што ги почнавме како Влада се во вредност од 1 милијарда и 35 милиони евра и се во должина од 363 километри, а во 2019 година почнуваат со реализација проекти во вредност од 236 милиони евра и во должина од 421 километар. Сите овие проекти, чија вкупна вредност надминува 1,27 милијарда евра, се технички подготвени, има обезбедено финансиски средства и подготвени се за имплементација. Доколку вкупните градежни активности изнесуваат од 55 до 60 милиони евра на месечно ниво, вклучително со активностите на приватниот сектор, ќе ги вратиме позитивните стапки на раст на градежништвото, а со тоа и повисоки стапки на економски раст“, потенцира Анѓушев.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, подетаљно зборуваше за плановите за изградба и рехабилитација на патишта во 2019 и во тој правец истакна дека ќе се вложат средства од над 1 милијарда и 200 милиони евра за изградба на патна инфраструктура во должина од над 700 километри.
„Нашата цел е да нема отсечено населено место во земјата, да имаме добра и квалитетна инфраструктура, каде што економски бенефит ќе имаме сите ние граѓаните на Македонија. Но, она што сакам јас да го потенцирам е тоа што програмата за 2019 година е уште пообемна. Четириесетина патни правци со вкупна вредност од над 230 милиони евра и вкупна должина од 420 километри се подготвени за да се почне со рехабилитација и реконструкција. Очекуваме со градежната сезона да ги ставиме во погон сите градежни компании и да се почне со рехабилитација на голем дел од нив.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, даде осврт на плановите и програмите што ги спроведува ова претпријатие и рече дека ЈПДП има спроведено тендерски постапки за рехабилитација на 39 патни правци, кои веднаш во првиот квартал, штом дозволат временските услови, ќе почнат да се градат.
„Во 2019 се продолжува со изградбата на автопатиштата и експресните патишта со вкупна должина од 144 км и вкупна вредност од 770 милиони евра“, соопшти директорот Китанов и информира дека преку „Македонијапат“ се рехабилитираат уште 41 патен правец, во вкупна должина од 93 км, во износ од 9 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Инвертер-клими за ранливите семејства – Министерството за енергетика објави оглас

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави мерка која ги таргетира ранливите категории население.
Преку јавен оглас, што стапи во сила, Министерството, како што информираат од таму, почнува со распределба на енергетски ефикасни инвертер клима-уреди за 2025 година, со што ќе се подобри квалитетот на живеење и ќе се намалат трошоците за енергија во илјадници македонски домови.
„Мерката се реализира во согласност со Програмата за изменување и дополнување на Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија за 2025 година (‘Службен весник на РСМ’ бр. 161/25). Во согласност со јавниот оглас за поддршка на домаќинства што спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија, со цел унапредување на енергетската ефикасност и подобрување на квалитетот на живеење, домаќинствата што ги исполнуваат условите ќе стекнат право на купен и вграден инвертер клима-уред со моќност од 3,5 kW и енергетска класа од најмалку А+. Овие уреди не само што штедат електрична енергија туку обезбедуваат и висока ефикасност за греење и ладење – токму онаму каде што е најпотребно“.
Како што појаснуваат, рокот за пријавување е 60 дена од денот на објавувањето на огласот во дневен весник.
Повеќе информации, како и потребните обрасци за пријавување, се објавени на веб-страницата на Министерството: www.energy.gov.mk.
Економија
Народната банка со нова иницијатива: проширување на услугите што ќе може да се користат преку платежната сметка со основни функции

Гувернерот Трајко Славески истакна дека иницијативата на Народната банка за намалување на надоместоците за користење на платежните услуги веќе ги даде првите резултати и изрази задоволство од одлуките на банките за намалување на трошоците.
Славески, на денешната конференција за печатот, најави дека Народната банка ќе покрене иницијатива и за измени на сегашното законско решение за платежната сметка со основни функции, со кои ќе се овозможи нејзино помасовно користење од страна на граѓаните за извршување на плаќањата кај сите банки. Со измените на Законот за платежни услуги и платни системи, се предлага отстранување на дел од постојните ограничувања и значително проширување на услугите што граѓаните ќе можат да ги користат преку платежната сметка со основни функции.
Најзначајните новини се: можност за дозволено пречекорување, можност да се поседува платежна сметка со основни функции дури и ако потрошувачот има други сметки, како и проширен сет бесплатни или евтини услуги, којшто покрај интерните, ќе ги вклучи и меѓубанкарските електронски трансфери, издавањето дебитна картичка и до четири подигнувања готовина месечно од банкоматите на други банки во износ до 2.000 денари по трансакција. Во овој сет влегуваат и други услуги коишто и досега можеа да ги користат граѓаните, односно уплатите и подигнувањата готовина на банкоматите и шалтерите на банката, користењето на електронското и мобилното банкарство, како и плаќањата со платежна картичка на физичките продажни места и во интернет-трговијата.
„Предлагаме цената на услугите коишто ќе може да се користат преку платежната сметка со основни функции да биде поврзана со износот на минималната бруто-плата во земјава и да биде утврдена најмногу на 0,1% од неа, па согласно важечката минимална бруто-плата за 2025 година, таа би изнесувала 36 денари на месечно ниво. За граѓаните коишто ѝ припаѓаат на групата законски корисници на права, односно т.н. ранливи категории граѓани, овие услуги ќе бидат целосно бесплатни“, истакна Славески.
Народната банка ќе работи со банките и на воспоставување национална мрежа на банкомати за подобар пристап до готовина низ целата земја. Оваа идеја би се остварила најдоцна до крајот на наредната 2026 година.
Покрај ова, Народната банка ќе предложи и приспособен пакет за микротрговци – најчесто семејни бизниси коишто имаат ограничени ресурси, со цел да се поттикне финансиската вклученост и дигитализацијата на плаќањата. Се очекува дека поповолните услови за користење на платежните услуги ќе бидат достапни за граѓаните и за микротрговците по донесувањето на законските измени, односно дека ќе бидат во примена од почетокот на 2026 година.
Економија
Затворени четири субјекти: триесет отсто од контролираните се со неправилности за фискализација, објави УЈП

Во периодот од 28 јули до 3 август 2025 година Управата за јавни приходи (УЈП) спроведе вкупно 214 теренски контроли за фискализација, насочени кон различни типови деловни субјекти, меѓу кои: ресторани, кафе-барови, шанкови на плажа, слаткарници, колонијали, продавници за облека и накит, хотел, автопревозници, паркинзи и други трговски објекти за продажба на мало.
Контролите беа реализирани во државата во повеќе градови, меѓу кои и туристичките места, каде што во летниот период има зголемена фреквенција на туристи. Од 214 контролирани субјекти, кај 30,8 %, односно кај 66 од контролираните се утврдени неправилности во согласност со Законот за регистрирање на готовинскиот промет.
За утврдените неправилности донесени се 66 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени во согласност со големината на субјектот.
За четири, односно три субјекти од Охрид и еден од Струга, поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност (запечатување).
„Анализата на спроведените контроли и утврдените неправилности по градови е следна: • Во Скопје извршени се 14 контроли и при истите утврдени се 4 неправилности; • Во Струга, Охрид и Битола извршени се 126 контроли, а утврдени се 29 неправилности од кои 11 неправилности во Струга и 18 во Охрид • Во Прилеп извршени се 7 контроли, a утврдени се 3 неправилности; • Во Тетово, Гостивар извршени се 32 контроли, а утврдени се 14 неправилности од кој 13 во Тетово и една во Гостивар • Во Штип, Неготино, Демир Капија, Кавадарци Велес и Куманово извршени се 35 контроли, а утврдени се 16 неправилности, по една неправилност во Неготино и Кавадарци, 2 во Демир Капија, 3 во Штип, 4 во Велес и 5 неправилности во Куманово“.
УЈП апелира до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата.
„Управата за јавни приходи врз основа на извршените контроли согласно Закон за регистрирање на готовински плаќања, ќе врши вкрстени проверки со цел да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници. Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска – туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување. Управата за јавни приходи останува цврсто посветена на доследна примена на законите и обезбедување еднаков третман за сите даночни обврзници“.