Македонија
Собранието објави оглас за aнтикорупциската комисија, Тасева обвинува дека добрите антикорупционери не се пожелни
Собранието го објави огласот за избор на новиот состав на Комисијата за спречување на корупцијата. Огласот ќе трае 7 дена по што ќе следува и јавно интервју на кандидатите. Роковите за избор на првиот состав на антикорупциската комисија, според новиот закон, се скратени со цел новата комисија да се формира пред да почне кампањата за претседателските избори.
Интервјуата на кандидатите ќе се пренесуваат директно на МТВ, а ќе ги водат претставници од МАНУ, од Интерпарламентарната унија, здруженија на граѓани што се занимаваат со антикорупција.

Како што е наведено во огласот, се избираат претседател на комисијата и шест члена со мандат од пет години, кои нема да имаат право на повторен реизбор. При изборот, според новиот Закон за спречување на корупцијата и судир на интересите, ќе важи принципот на соодветна и правична застапеност и принципот на еднаква родова застапеност.

Законот за спречување на корупцијата ги забранува антикорупционерите од сите состави. Добрите антикорупционери се помалку прифатливи од политичарите, реагира претседателката на „Транспаренси интернешнл“, Слаѓана Тасева, на „Фејсбук“.
„Поголемо признание не сме можеле да добиеме! Законот за спречување на корупцијата ги забранува антикорупционерите од сите состави! Ова е многу повеќе брутално и видливо изразено во огласот објавен од Собранието. Поранешните членови на Државната комисија за спречување на корупцијата од сите состави во изминатите 17 години, а особено оние со интегритет, не се пожелни. Не дека имав намера да се пријавам. Тоа за мене е веќе надминато, ама овој гест многу кажува .СЕ ПЛАШАТ!! Или нема да има вистинска борба против корупцијата.
Во законот ограничувањето за членство во комисијата за политичари и членови на власта е 10 години, а за членовите на ДКСК – засекогаш. БРАВО! Добрите антикорупционери се помалку прифатливи од политичарите. Нека ни е со среќа новата антикорупциска комисија“, напиша Тасева.
Новиот Закон за спречување на корупцијата предвидува за претседател и членови на ДКСК да не може да биде избрано лице што во последните 10 години било донатор на политичка партија, пратеник или член на влада. Исто така, новите членови мора да имаат шестгодишно работно искуство во областите на откривање или спречување на корупцијата, владеење на правото и да имаат завршено правни, економски, политиколошки или комуникациски студии.
Антикорупциска комисија ќе ги следи промените на имотите на функционерите и по завршувањето на нивниот мандат, ќе проверува сомнителните грантови и тендери и ќе има увид во финансиското работење на партиите. Државната комисија за спречување на корупцијата не функционира повеќе од 11 месеци по оставките што ги поднесоа членовите на комисијата поради сомнеж за злоупотреби на буџетски пари.
Даниела Т. Зафировска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

