Култура
Светската премиера на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ закажана за 10 февруари во Берлин

Најновиот филм на Теона Стругар-Митевска, „Господ постои, името ѝ е Петрунија”, кој е во главната конкуренција на престижниот Берлински филмски фестивал, својата премиера пред интернационалната публика ќе ја има на 10 февруари, а ќе биде прикажан 8 пати во текот на фестивалските денови.
Премиерата ќе биде во главната сала на Берлинскиот филмски фестивал Berlinale Palast, чиј капацитет е 1.800 гледачи. Истовремено, во последните две недели беше потврдена и продажбата и дистрибуцијата на филмот во Франција, која е закажана за 26 април од страна са агентот за продажба „Пирамид“. Всушност, ова е само трет македонски филм кој добива целосна кино дистибуција во Франција.
Инаку, „Господ постои, името ѝ е Петрунија” е прв македонски филм кој е избран во главна конкуренција на Берлинале, а, пак, прв пат по 25 години, односно по „Пред дождот“ во Венеција 1994 година, воопшто да биде во главна селекција на филмски фестивал од А категорија.
„Навистина сме возбудени пред големата премиера во Берлин, дотолку повеќе што целата комисија на фестивалот беше видно импресионирана од нашето дело. Верувам дека и на публиката еднакво ќе ѝ се допадне приказната на Петрунија, особено што преку неа допираме до многу позначајна тема, а тоа е улогата на жената во општество полно со стереотипи, нејзиното место во религијата, но и тоа каков свет ќе ѝ оставиме на жената во иднина“, вели Теона Стругар-Митевска.
Филмот инаку е инспириран од вистински настани кои се одиграа во Македонија кога жена за првпат го фати крстот за Водици. Приказната во „Господ постои, името ѝ е Петрунија” се одвива во Штип, во текот на 24 часа по Водици, кога токму Петрунија успева да го фати крстот, но нејзиниот успех е дочекан со револт од страна на локалното население и впрочем целото општество, црквата, системот.
Преку оваа приказна, како што вели Митевска, допираме до многу посуштински проблем со кој се соочува една жена во претежно „машки“ систем, а проблемот е кренат дотаму што дури се истакнува идејата за полот на Бога и важноста на факторот на полот како еден од главните чинители во нашето општество.
„Ликот којшто го играм е навидум обична жена, донекаде и типична за нашето секојдневие, меѓутоа нејзиниот лик се коси токму со ‘типичното’ однесување. Впрочем, таа одбива да ја прифати традиционалната улога што ѝ ја наметнува општеството, а ниту јас лично не би се согласила со тие стереотипни општествени норми. Оттука, веројатно и не беше тешко да се идентификувам со главниот лик, меѓутоа сепак се работи за комплексна улога која носи многу повеќе на својот грб, па верувам дека успеав да ја доловам нејзината природа и на големото платно“, изјави Зорица Нушева, актерката во улога на Петрунија.
Филмот е на „Сестри и брат Митевски продукција“ и истиот е комплексна копродукција помеѓу Македонија, Франција, Белгија, Словенија и Хрватска, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Македонија, како и од престижниот Ероимаж фонд, и Медиа фондот за развој на проекти.
По неговата голема премиера во рамките на Берлинале, кој инаку се одржува од 7 до 17 февруари, пред македонската публика за прв пат ќе биде прикажан во текот на месец март.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Откриј ја „Ноксиа“ – аудиовизуелна магија оваа сабота во Аеродром

В сабота (20.9.2025), со почеток од 20 часот, ќе биде поставена аудиовизуелната инсталација „Ноксиа“ во надворешниот простор на локалот Books&Dogs Café во Аеродром.
Проектот интегрира транс-медиуми кои со поврзување на алатките на генеративната вештачка интелигенција прикажува комуникациски можности и дисфункционалности. Дигиталнaта комуникација со виртуелните соговорници е функционално истражување на аудио-визуелната инсталација која поврзува уметничко видео, звучен дизајн, актерска игра и поезија.
Инсталацијата интегрира експериментално прикажување на специфична локација (site-specific).
Автори на проектот се видео-авторката Вероника Камчевска и дизајнерoт на звук Горан Москов. Актерката Јасмина Василева ја деконструира човековата состојба, а поезијата е на авторката Елена Пренџова и Владимир Петровиќ. Ова е почеток на серија истражувања на влијанието на алатките на ВИ, а како прв соговорник се анализира Chat GPT.
Повеќе за проектот
Аудио-визуелниот проект „Ноксиа“ (noxia) е видео инсталација која претставува систем на медиумски можности во пренесување на информација и прекини во комуникациски процеси. Низ видео и звучен приказ „Ноксиа“ прикажува недоследности во искази кои настануваат со користење на алатките на генеративната вештачка интелигенција. Во проектот се истражува начинот на кој вревата (noise, noxia) која постои или настанува во перцептивниот процес на комуникаторите станува дисфункционален дел на информацијата сè до пренесувањето на пораката. На тој начин таа метаморфозира и созадава код на новонастаната ситуација во која когнитивната способност на рецепиентот е тестирана. Како замислените факти се претвараат во препозиција на логичности и стварности е истражувачки предизвикот на аудиовизуелниот проект „Ноксиа“ со кој низ експеримент се обидуваме да симулираме комуникациски процес на човекот кој користи алатки на генеративна вештачка интелигенција за да постигне значење. Може ли да се создаде комуникациска состојба ако комуникаторите не користат човечки предиспозиции туку синтетички изградени модели на свест? Алатките на генеративната вештачка интелигенција преку ChatGPT, Character AI, Gemini, X, Facebook овозможуваат виртуелни соговорници и виртуелни асистенти да помогнат или остварат комуникациски систем преку природен процесиран јазик (NLP). Возможно ли е да се комуницира ако комуникаторот е празен простор исполнет со кодови и факти, а емоционалноста ја создава врз база на интерпункциски знаци, емотикони, емоџи и граматички структури во реченицата?
Аудиовизуелниот проект „Ноксиа“ симулира врева која настанува во самата намера да се комуницира со податоци кои создаваат логички композиции каде се исклучува одговорноста за влијанието од создаденото значење врз корисниците. Кога фактите изгледаат навидум реални и стварни, настанува поле на фантазии и замисли кои можат да креираат простор на брзо и автоматизирано комуницирање, но да го намалат потенцијалот на човековото автономно размислување.
Како автори го следиме и аналзираме процесот на создавање комуникациски варијации на визуелни искази кои се генерички и синтетички. Низ аудио-визуелен процес , „Ноксиа“ ја интегрира природата како основен функционелен дел на пренесување пораки.
Аудиовизуелниот проект „Ноксиа“ ќе започне циклус на истражувачки процес за тоа како генеративната вештачка интелигенција создава нов систем на разбирање на стварноста, потенцијалните ризици врз разбирањето на информациите и влијанието на аудио визуелните потенцијали на креативното изразување.
Вероника Камчевска
Култура
Собрана поезија од Игор Исаковски на 55-тата годишнина од неговото раѓање

Во слава на поетот Игор Исаковски (1970-2014), на 55-годишнината од неговото раѓање, на 19 септември во кафе-книжарницата Буква од 20 часот ќе се претстави книгата со неговата собрана поезија со наслов „Совршен поет“ во издание на Или-Или.
Книгата има 700 страници собрана поезија на еден од најзачајните и најпознати современи македонски поети.
Уредничката на ова издание, Елизабета Баковска, во поговорот на книгата вели:
„Препрочитувањето на поезијата на Игор за мене беше еден долготраен, тегобен и мачен, но едновремено и неверојатно просветлувачки процес, едно од оние животни искуства кои некако го менуваат човека. Читањето на овој обемен корпус стихови што се мрачни, љубовни, еротски, безобразни, сурови, цинични, алкохолизирани, повторливи, баладни, епски, сатирични, филозофски, осамени, гневни, возбудливи, ритмични, екстатични, телесни, отуѓени, бунтовни, помирливи, животворни, смртоповикувачки, разурнувачки, бесни, смирувачки, роморливи, обилни, но никако невпечатливи, рамнолиниски и занемарливи, беше едно повторно, длабоко медитативно соочување со она што за (во и од) Игор беше поезијата: „чувствено продирање низ суштината“.
Во вториот поговор на ова издание, Елизабета Шелева истакнува:
Никојпат не знаеме која песна ќе (ни) биде последна, заветна – и која песна (или книга) ќе ја втисне неизбежната есхатолошка точка на нечие творештво и, уште поважно, живот.
Кога станува збор за близок и драгоцен човек, одличен и посветен поет, бескомпромисен и огнен маж, граматиката одеднаш станува мошне сурова дисциплина. Како (одеднаш) да се говори за некого во минато време, како веќе еднаш да бил и никојпат повеќе нема да биде? Ова (студено граматичко време) особено паѓа тешко, кога тој исклучителен и редок човек заминал ненадејно, во својата полна животна и, уште повеќе, творечка сила, кога немал ниту едно бело влакно во бујната долга коса, ниту еден траг од толку блиската конечност…
Оти премногу енергија, премногу супстанција, премногу живот, премногу „музики“, премногу прашања, што живот значат „полн сум сокови и стихови“ – му останале несподелени, недокажани, незаобиколни – да ги сподели со своите читатели-сојузници, од онаа страна на баналното, од онаа страна на рамнодушноста, од онаа страна на темницата и на небитието…
Фотографиите во книгата се на Сашо Димоски, дизајнот на корицата е на Марија Смилевска а графичкото уредување на Светлана Кочовска-Стеовиќ.
Култура
Изложба на Друштвото на ликовните уметници на Македонија во македонскиот КИЦ во Софија

На 19 септември, со почеток од 18:30 часот, во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе се одржи отворањето на изложбата на Друштвото на ликовните уметници на Македонија со наслов „Експериментален цртеж“.
Изложбата ќе биде отворена во присуство на претседателката на ДЛУМ – проф. д-р Јана Манева Чупоска, претставници на управниот одбор, совет и членови на Друштвото.
Учествуваат 42 ликовни уметници: Синиша Новески, Иво Пецов, Јасмина Главинче, Стефан Младеновски, Татјана Ристовска – Керакамика, Јана Јакимовска, Ана Ивановска, Ненад Тонкин, Ирена Паскали, Дејан Иванов – Маргуш, Дијана Томиќ-Радевска, Марина Цветановска-Мартиновска, Стефан Јакимовски – Стеф, Марија Сотировска-Богдановска, Марија Мицова-Гацова, Кирил Гегоски, Валентина Илијевска, Ристо Мијаковски, Љубица Мешкова-Солак, Гоце Божурски, Ивона Велковска, Страхил М. Петровски, Борче Богоевски, Трајче Чатмов, Ангел Димовски, Душан Георгиевски, Златко Глигоров, Ана Спасова, Христина Зафировска, Ацо Таневски, Стефан Анчевски, Филип Јовески, Јана Манева-Чупоска, Јовица Мијалковиќ, Шќипе Мехмети, Софија Грабулоска, Златко Хаџи Пецов, Анета Стојчевска, Драган Вреговски – Алпи, Марија Чепешиева, Слободан Милошески, Љупка Делева.