Македонија
Груби очекува Грција да го ратификува договорот од Преспа

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, Артан Груби, заедно со членовите и замениците на Комисијата, имаше средба со француските пратеници во Националното собрание на Франција, Лилијана Танги и Жак Мер, во придружба на амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние.
На средбата Груби, заблагодарувајќи се за француската поддршка за нашите евроинтегративни процеси, информира и за успешно завршените задачи на почетокот на годинава, со посебен акцент на усвоените уставни амандмани, со кои се имплементира преспанскиот договор.
Претседателот на Комисијата притоа изрази надеж дека и грчката страна ќе го ратификува овој договор, со што би се надминала блокадата од грчка страна за добивање датум за почеток на преговорите.
Во однос на реализацијата на реформите во владеењето на правото, Груби на средбата ги информмира соговорниците и за неодамна усвоениот Закон за борба против корупцијата и судир на интересите, како и за повеќе закони од областа на правосудството, кои се во собраниска процедура. За работата на Комисијата за европски прашања, истакна дека за поздравување е што во Комисијата се постигнува консензус за ЕУ-прашањата помеѓу опозицијата и позицијата.
Француските пратеници го поздравија усвојувањето на уставните амандмани како важен чекор на патот кон ЕУ и НАТО и ја потврдија подготвеноста за понатамошна соработка и помош во евроинтегративните процеси од страна на Франција. Во тој контекст истакнаа дека за успешно реализирање на преговорите за членство во Унијата првенствено е значајна квалитетна и професионална администрација како за подготовка на ЕУ-законите така и за нивна имплементација. Поради тоа, информираа дека Франција е подготвена да ѝ помогне на Македонија во давање експертска и стручна помош за подготовка на администрацијата во земјата и дека во тек е проект за поддршка на реформата во оваа сфера на владино ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност, од утре пад на температурите

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Кон крајот на денот облачноста ќе се зголемува и во текот на ноќта ќе има повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од -3 до 2, а максималните ќе бидат до интервал 12 до 20 степени целзиусови.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура во главниот град ќе се спушти до 1 степен, а максималната ќе достигне 17 степени.
Од понеделник до среда ќе дува умерен до засилен северен ветер, а температурите ќе се задржат под просекот за овој период од годината. Пораст на дневната температура се очекува од четврток.
Македонија
Мицкоски: Црвените линии на Венко се тројанскиот коњ, Бојко зборуваше дека дал пари, сега што ли е во игра?

На денешниот народен митинг во Куманово во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, обраќање имаше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при што се осврна на политичките трикови со црвените линии на Венко за кој рече дека се тројанскиот коњ.
„Ќе се осврнам и на политичките настани. Триковите веќе не поминуваат. Погледнете каков подарок од СДСМ сега спремаат за Бугарија. Тој подарок е тројански коњ, убаво спакуван, со таканаречени црвени линии, а всушност тоа е ново попуштање кон нашиот источен сосед. Нова бонбона бизнис која СДСМ ѝ ја дава на нашиот источен сосед. Се сеќавам, не заборавам, дека поранешниот премиер на нашиот источен сосед јавно зборуваше дека финансиски ја помогнал таа опција на СДС, партијата на чие челo е Венко, и тоа директно преку куферче пари кон неговиот гуру и ментор од Струмица. Сега не сакам да верувам, но многу е логично дека повторно тропнале на истата врата и повторно се надеваат на ново куферче, а подарокот кој што нашиот источен сосед може да го плати е пробив одвнатре – нов предлог за ново предавство на националните и државни интереси“ нагласи Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека политичките трикови на СДС и Филипче нема да поминат и дека врз грбот на националните и државни интереси нема да дозволи некои да градат политички кариери.
Но овој пат големата пречка за тоа сме ние народот на Македонија и ВМРО-ДПМНЕ, затоа што добро знаат дека тоа нема да дозволам да помине. Она што е непознато е само колку пари овој пат од кај нашиот источен сосед се слеале во раководството на СДС за да излезат во јавноста со ваков предлог па и бесрамно да го брендираат како резолуција со црвени линии зарем некој овде верува дека има малку патриотизам во СДС и ова раководство на СДСМ. Јас не верувам. Затоа да излеземе масовно на 19 октомври и да го заокружиме бројот 9. Тоа што за нашиот Источен сосед Венко е добар, за Македонците значи само едно – ново предавство, кое ние нема да го дозволам. Не постои цена не постои ништо коешто може да го извалка овој образ. Јас ветувам само чесна работа и дека ќе биде тешко но нема да биде срамно. Сите заедно одлучивме да го одиме тешкиот пат. Но не и срамниот пат. Националните и државни интереси нема да бидат крчма над која тие ќе ги градат своите кариери, а овој пат народот ги знае сите нивни трикови и ќе загубат дебело на овие избори“ заклучи Мицкоски.
Македонија
Филипче: Дали сега Мицкоски е криминалец што склучи договор со ИРД?

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на граѓанската трибина во Свети Николе, ја коментираше последната информација дека Владата склучила договор со фирмата ИРД инженеринг, иако токму оваа компанија беше цел на жестоки напади од ВМРО-ДПМНЕ кога беше опозиција.
„Денес излезе информација дека Владата склучила договор со ИРД инженеринг – фирмата со која и нашата Влада имаше договор. Тогаш Александар Николовски и сите челници на ВМРО-ДПМНЕ секој ден држеа прес-конференции, обвинувајќи дека оваа фирма е криминална. Јавно го повикуваа обвинителството, тврдеа дека преку неа се перат пари. И денес договор со нив,“ рече Филипче.
Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ со месеци водеше кампања со обвинувања за наводен криминал и за Бехтел и Енка, а сега, како што истакна, го прави истото што тогаш го критикуваше и ги продолжува истите проекти.
„Истото како со Бехтел и Енка, единствениот проект на кој сега нешто се работи. И тој беше ‘криминален’, според нив. Па ги прашувам јавно – што е разликата сега?“ праша лидерот на СДСМ.
Филипче јавно упати прашање до премиерот Мицкоски:
„Го прашувам јавно Мицкоски – дали си ти сега криминалец? Ако беше криминален проектот што ние го започнавме, ако беше криминален надзорот што го потпишавме, тогаш дали значи дека и ти си криминалец кога продолжуваш со истото?“