Македонија
Контролата на летање ќе им го освежува англискиот на вработените за 65 илјади евра
Контролата на летање М-НАВ АД Скопје објави тендер на Бирото за јавни набавки за образовни и услуги за стручно усовршување за вработените. Станува збор за отворена постапка со која се прибираат понуди за обука за освежување на т.н. воздухопловен англиски јазик во земја во која англискиот е официјален јазик. Проценетата вредност на тендерот е 4 милиони денари или приближно 65 илјади евра, без вклучен ДДВ.
Во техничката спецификација на огласот пишува дека курсот треба да трае 5 работни дена за секоја група, 25 часа за секој кандидат, а опфатени се 97 лица. Времетраењето на обуката е 12 недели или три месеци и ќе биде спроведена од 4 март до 10 мај и од 21 октомври до 15 ноември 2019 година.
Програмата опфаќа слушање, разбирање, говорење и вежби за интеракција на англиски јазик. Меѓу другото, вклучени се и вежби за справување со невообичаени ситуации. Во условите пишува дека понудувачот треба да располага со соодветна просторија, литература и соодветен аудио и видеоматеријал.
Претседателот на Управниот одбор на М-НАВ и извршен директор на секторот за воздухопловна навигација, Николче Тасевски, за „Макфакс“ рече дека тендерот е поради регулативата 340 на Европската комисија во која, како што рече е клучно познавањето нивото на англиски јазик на контролорите на летање и пилотите.
„Агенцијата за цивилно воздухопловство на 1 јануари 2019 ја прифати директивата 340 во која се предвидува редовно освежување на англискиот јазик“, рече Тасевски за „Макфакс“. Тој рече дека и лани се објавил таков оглас, но немало ниту еден заинтересиран и пријавен на огласот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петрушевски: Поднесените амандмани се популистички, ДУИ правеле дваесетина буџети и не покажале демократски капацитет
Денес во Собранието на амандманската расправа за предлог буџетот за 2025 година во Комисијата за финансирање и буџет се обрати пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски којшто посочи дека поднесените амандмани од опозициските пратеници се популистички и дека се поднесени само од причина да ја поткрепат тезата на опозициската ДУИ.
„Многу популистички амандмани кои што многу добро знаат дека се поднесени само од причина да ја поткрепат тезата на опозициската ДУИ, дека не знам некој друг ги правел буџетите. А, од друга страна истите имаат дваесетина буџети кои што ги правеле во изминатиот период. И јас би сакал да прашам било кој претставник од ДУИ да ми каже, во кој од тие дваесет буџети кога ги правеле земале во предвид учество на опозиција и во делот на албанската опозиција и во делот на ВМРО-ДПМНЕ кој што биле опозиција и колку наши предлози во тие периоди биле прифаќани и покажувале. Каков демократски капацитет како што сега од позиција на опозиција многу добро го прават тоа“, рече Петрушевски.
Тој посочи дека Општина Липково од тековниот буџет за 2024 година имало добиено 55 милиони денари за три проекти.
„Меѓутоа фактите и бројките се немилосрдни, Општина Липково само за овој буџет тековен 2024 година има добиено пари од 55 милиони денари за три проекти. Така што не може да се настапува од перспектива дека граѓаните на Липково не добиле ништо. Напротив, добиле многу и тоа не се проекти за коешто одлучило владејачкото мнозинство или пратениците туку напротив тоа се проекти за кои што аплицирал градоначалникот на општина Липково кој што за среќа или несреќа на липковчани е од ДУИ“, истакна Петрушевски.
Тој демантираше дека некој не ги почитува градоначалниците од ДУИ, бидејќи Општина Липково имало добиено средства многу повеќе за разлика од другите општини.
„Така што, тезата дека некој не ги почитува градоначалниците од ДУИ не држи вода. Затоа што во тековниот буџет Општина Липково има добиено 55 милиони денари за 3 проекти. Многу повеќе од некои други општини кој што добиле помалку средства за разлика од Липково, што е добро и за поздравување, бидејќи доаѓам од изборна едница 2“, посочи Петрушевски.
Македонија
(Видео) Тренчевска: ДПМНЕ одби амандман на СДСМ за изградба на пречистителна станица за отпадни води
СДСМ поднесе амандман со кој бара да се обезбедат средства за изградба на пречистителна станица за отпадни води во општина Кавадарци, рече пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска на денешната комисија за финансирање на буџет.
Таа образложи дека со овој проект трајно ќе се реши проблемот со отпадните води во општината и ќе се подигнат дополнително стандардите за живот и за заштита на животната средина.
-Пречистителната станица треба да се изгради за да се исполни основната цел, односно, прочистување на отпадните води во градот и истата би била лоцирана после село Марена на излезот од Кавадарци, рече Тренчевска.
Македонија
Герасимовски: Против насилството врз жените, за безбедна средина
Општина Центар активно се вклучува во иницијативите за подигнување на свеста и спречување на насилството врз жените и девојчињата. По повод Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените, градоначалникот Герасимовски ја истакна важноста од давање поддршка за жртвите и превенција во справувањето со овој сериозен проблем.
„Покрај психичкото и физичкото насилство врз жените кое е секојдневно, особено загрижува растечкиот тренд на онлајн насилство. Општина Центар ќе продолжи да создава поддржувачка средина, да ги поттикнува жртвите да го пријавуваат насилството, ќе ја засили соработката со институциите и стручните служби и ќе организира активности за едукација на младите за опасностите од дигиталнaта агресија“, истакна Герасимовски, посочувајќи ги последните истражувања според кои речиси 70 проценти од жените во земјава биле изложени на ваков вид вознемирување.
Општина Центар преку соработка со Националниот совет за родова рамноправност овозможува бесплатни советодавни услуги од психолог, правник и социјален работник за граѓаните кои претрпеле насилство или биле било како злоупотребени. Овие услуги се обезбедуваат од страна на стручни тимови од различни области со цел да им се понуди соодветна помош и поддршка на сите на кои им е потребна.