Македонија
(Видео) Заев: Договорот од Преспа е нужен влог за децата да ни живеат подобро
Премиерот Зоран Заев, денеска се обрати пред македонската јавност за ратификацијата на Договорот од Преспа кој вчера беше прифатен со потребното мнозинство во грчкиот парламент.
Својата изјава за овој настан, Заев ја даде на трибината со граѓаните на Велес со наслов „Силна економија – шанса со сите“, на која заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, ги презентираа економските политики за 2019 година.
„Почитувани граѓани, вие, заедно со граѓаните на нашиот пријател, Грција, со право можете да бидете горди. Вие сте генерацијата која стави крај на една епизода од незавршениот мир на Балканот“, рече Заев во обраќањето пред присутните.
Премиерот посочи дека со Договорот од Преспа, победници се граѓаните на двете земји, но и граѓаните од целиот регион.
„Победници се и оние кои се противеа на Договорот, бидејќи и за нив доаѓа време на просперитет, мир и пријателство, исто како и за прогресивните припадници на народите на двете земји.
Со гордост и со благодарност му честитам на мојот пријател, премиерот Алексис Ципрас, за победничкото гласање во парламентот за Преспанскиот договор“, порача Заев.
Тој упати и благодарност до членовите на парламентите на двете земји.
„Благодарност за сите храбри жени и мажи кои избраа заеднички да го дадат својот глас со кој победува иднината, глас со кој се стави крај на стравот којшто ни го прикажуваа како несовладлив. Разрешивме спор кој ни го прикажуваа како нерешлив“, рече премиерот.
Заев Договорот го оцени како нужен влог за децата и граѓаните да живеат подобро.
„Храбрите граѓани избраа да ги отфрлат сеништата од минатото, и на светот да му дадат Балкан од кој извираат можности и политичка стабилност, место со поврзани соседи и пријателство, зона на економски процут, модел за интеграција. На Европа и на светот им треба стабилност и соработка за решавање на глобалните проблеми кои се и наши проблеми. Еве ме, штотуку вратен од Давос, Швајцарија, каде заедно со вицепремиерот за економски прашања Анѓушев и со министерот за економија Бектеши, бевме да ги мотивираме инвеститорите на најголемиот Светски економски форум и да потврдиме дека сме подготвени за глобалниот демократски и економски свет“, истакна премиерот и додаде дека сите веќе знаат оти Република Македонија е фактор на стабилност и безбедност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво

