Македонија
Шест нови заболени од мали сипаници, докторите очекуваат бројката да се зголемува
Во текот на вчерашниот ден на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби примени се вкупно 6 нови заболени од морбили, а уште тројца амбулантски се прегледани, со јасна клиничка слика на морбили (мали сипаници), информираат од Министерството за здравство.
Ова е бран на ново заболени и здравствените работници очекуваат бројката да се зголемува.
„Епидемијата од морбили се шири во некои од градовите во внатрешноста на земјава. Две деца се во потешка здравствена состојба и за што постои можност да бидат поставени и на апарати за дишење. Здравствената состојба на детето со церебрална парализа кое беше во потешка состојба, значитело е подобрена. Исто така, подобрена е и постабилна состојбата и на 8 годишното девојче кое има астма и се заразило со морбили и варичела. Во моментов, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби има вкупно 24 пациенти со мали сипаници“, стои во соопштението на министерството во кое се додава дека заклучно со 13:00 часот денеска, вакцинирани се вкупно 4.345 деца со МРП вакцини.
Од таму појаснуваат дека за да се спречи ширењето на епидемијата на морбили во Скопје, во сите Универзитетски Клиники донесена е одлука за ограничување на посета на пациентите, односно за забрана за посета на пациенти кои лежат на клиниките се до крајот на траењето на епидемијата.
„На трите пунктови во поликлиниките ‘Јане Сандански’, ‘Бит-пазар’ и ‘Ѓорче Петров’ има дежурни лекари секој работен ден од 19.30 часот до 7.30 наутро, а за викендите се на располагање 24 часа во текот на денот. Во работните денови, родителите треба децата прво да ги однесат на матичен лекар. На овие три места ќе се вршат комплетни прегледи со лабораторија на децата чии родители ќе се посомневаат дека можеби се заболени од морбили. Доколку лекарите утврдат дека е потребно, пациентите ќе ги упатуваат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Апелираме до сите родители, кои ќе забележат или ќе се посомневаат на првите знаци на болеста, висока температура, децата прво да ги однесат на овие три пунктови“, посочуваат од Министерството за здравство.
Потсетуваат и дека сѐ уште е на сила наредбата дека децата кои се невакцинирани нема да бидат примени во детските градинки, со цел да се спречи ширењето на епидемијата прогласена во Скопје.
„Апелираме до сите родители да ги вакцинираат своите деца со МРП вакцина, која е висококвалитетна и ефективна, а производител е GlaxoSmithKline од Белгија“, нагласуваат од надлежното министерство и уверуваат дека вакцините кои се користат во сите здравствени домови се со проверен квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

