Македонија
„Транспаренси интернешнл“: Македонија, Албанија и Косово најкорумпирани земји во Западен Балкан
Најкорумпирани земји во Западен Балкан, според истражувањето на „Транспаренси интернешнл“ (ТИ), се Албанија, Македонија и Косово, кои се наоѓаат на 99., односно 93. место според Индексот на корупција. По нив следуваат БиХ и Србија на 89., односно на 87. место, Црна Гора е на 67., а Хрватска на 60. место.
ТИ објави годишен извештај за Индексот на перцепција на корупцијата во светот за 2018 година, кој го мери нивото на корупција во јавната администрација во 180 земји и територии во светот. Индексот е создаден врз основа на 13 истражувања во деловниот сектор, како и стручни процени.
Посебен акцент на ова истражување е ставен на врската помеѓу корупцијата и кризите на демократијата и растот на десничарските и популистичките тенденции, особено во рамките на Европската Унија (ЕУ) и другите западни демократии.
Според извештајот, повеќе од две третини од земјите имаат индекс што укажува на недоволно ефикасна борба против корупцијата. Најмногу загрижува фактот што повеќето земји не направиле никаков или многу мал напредок во областа на искоренување на корупцијата и се оценува дека само 20 земји направиле значаен чекор во оваа смисла.
Западен Балкан има втор по ред најслаб резултат во индексот. Речиси секоја земја направила многу ограничен напредок во борбата против корупцијата. Недостигот на политичка волја, ослабените институции и ограниченоста на политичките права создадоа атмосфера во која корупцијата цвета, а постои многу малку волја за борба против неа.
Како што се наведува во извештајот на ТИ, само три земји од регионот на Источна Европа и Централна Азија имаат резултати над просекот – Грузија, која се наоѓа на 41., Црна Гора на 67., и Белорусија на 70. место. Во комбинација со недостиг на политичка волја за борба против корупцијата во јавниот сектор државите од двете региони ги поткопуваат политичките права на своите граѓани.
Црна Гора во однос на минатата година падна за еден процент и евидентна е стагнацијата на земјата. Покрај напредувањето во европските интеграции, државата уште треба значително да го поправи владеењето на правото. Се нагласува загриженоста во однос на финансирањето на политичките партии, како и финансирањето на изборите.
Србија падна за два поена во однос на претходната година и ако владата продолжи со тенденција за потиснување на органите и институциите што се одговорни за одржување на владеењето на правото, падот може да продолжи, се додава во извешајот.
Меѓу земјите кандидати за ЕУ и потенцијалните кандидати, од оние што имаат пристапни преговори, четири од седум забележуваат пад во степен на перцепција на корупцијата од претходната година.
Косово во однос на претходната година падна за два поена. Некои од најголемите антикорупциски предизвици во Косово претставуваат недоволна транспарентност, слаби институции и владеење на правото и недоволен простор за граѓански ангажман.
Македонија спаѓа во групата за набљудување во наредните неколку години заедно со Босна и Херцеговина, Турција, Грузија, Украина и Ерменија. Од наведените, само Ерменија има позитивен тренд благодарение на промената на владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алијанса за Албанците на 27 декември ќе одржи собрание за реогранизација на партијата
На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на Претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание, соопштија од партијата.
Според најавата, Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи.
„Алијансата за Албанците продолжува да останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните“, пишува во соопштението.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија за Кочани
Во пресрет на утрешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, повторно апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, да не измислуваат изговори и да се појават на седницата, велат од Левица.
„Повторуваме дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е успгласен токму со нив, бидејќи единствено утре не е закажано судско рочиште за „Пулс”. Оттука, утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека три пати се обиделе да закажат седница за трагедијата во Кочани.
„Три пати беше блокирана со директна улога на спикерот Гаши и ДПМНЕ. Власта која не најде сила ниту за комеморативна седница во Собранието, сега нема никаков легитимен изговор да ја кочи расправата. Досегашните изјави на власта дека токму утре било предвидено да се започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за повторно избегнување на седницата, е несоодветен и невистинит. Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на Буџетот е најдоцна до 31 декември“, велат од Левица.
Од таму упатија апел утре да не се повтори уште еден институционален срам.
„Седницата мора да се одржи, без одлагања, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена. Секое ново бегање и саботирање би било уште една навреда за семејствата, но и народот, како и уште еден чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедии“, се наведува во соопштението.

