Свет
Ријад ослободи 10 бизнисмени притворени во „Риц Карлтон“

Властите на Саудиска Арабија ослободија 10 бизнисмени од притвор, информира група на активисти.
„Властите ослободија 10 од приведените во ‘Риц Карлтон’ во последните два дена“, објави групата „Затвореници на совеста“ на „Твитер“.
Активистите додадоа дека милијардерот роден во Етиопија, Мохамед Хусеин ал-Амуди, е меѓу ослободените.
Власта на Саудиска Арабија не даде коментар во врска со објавата.
Во понеделникот телевизија од Етиопија потврди дека Ал-Амуди е ослободен од Ријад.
Во ноември 2017 година Саудиска Арабија притвори десетици бизнисмени и принцови поради сомнение за корупција и ги држеше во хотелот „Риц Карлтон“ во Ријад.
Во последните неколку месеци Ријад ослободи голем дел од затворениците со кауција од над 107 милијарди долари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Во Еквадор е воведена вонредна состојба, немирите ескалираа на улиците

Еквадорскиот претседател, Даниел Нобоа, прогласи вонредна состојба во десет од 24 провинции во земјата поради внатрешни немири предизвикани од протестите на заедницата на староседелци поради зголемувањето на цените на дизелот, јавуваат денеска медиумите.
Како што се наведува во декретот на Нобоа, овие протести станале насилни, па вонредната состојба била воведена со цел да се избегне нивната понатамошна радикализација, пренесува агенцијата Ефе.
Тој додаде дека за време на насилните демонстрации, припадниците на полицијата и војската биле нападнати, а некои од нив биле киднапирани и физички малтретирани.
Нобоа забрани јавно собирање во десет провинции, додавајќи дека мирни протести ќе бидат дозволени доколку не ги загрозуваат правата и слободите на другите граѓани.
Меѓу причините за воведување на овие мерки, кои ќе важат 60 дена, тој ги наведува и неодамнешните изјави на претседателот на Националната конфедерација на староседелечки народи (CONAIE), Марлон Варгас, кој предупреди дека протестите може да ескалираат и да доведат до заземање на главниот град Кито, ако нивните барања не бидат уважени.
Свет
Хрватот кој беше уапсен поради летање дрон близу аеродромот во Франкфурт се соочува со казна до 50.000 евра

Германската полиција презеде мерки против 41-годишен хрватски државјанин поради управување со дрон во зона забранета за летови во близина на аеродромот во Франкфурт.
Портпаролот на полицијата во Франкфурт изјави за ДПА дека нема докази дека уапсениот маж е поврзан со Русија.
Човекот им рекол на полицајците дека „само сакал да го испроба својот нов дрон“.
Хрватскиот државјанин се гони за прекршок и се соочува со парична казна. Во Германија, летовите со беспилотни летала над чувствителни области како што се аеродроми, затвори или воени бази се строго забранети. Казните за нелегални летови се до 50.000 евра.
Уште посериозно, ако се утврди дека летот претставувал опасна интервенција во воздушниот сообраќај, сторителот се соочува со затворска казна од шест месеци до десет години.
Свет
Трамп: Хамас ќе се соочи со тотално уништување ако не се согласи со планот за прекин на огнот

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека палестинската милитантна група Хамас ќе се соочи со „тотално уништување“ ако одбие да ја предаде власта и контролата врз Газа.
„Тотално уништување!“ , рече Трамп за Си-Ен-Ен, кога го прашаа што ќе се случи со планот за прекин на огнот од 20 точки на Белата куќа ако Хамас инсистира да остане на власт.
На прашањето дали израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го поддржува прекинувањето на бомбардирањето на Газа и пошироката визија за САД, Трамп за Си-Ен-Ен изјави: „Да, Биби е за“.
Американскиот лидер додаде дека наскоро ќе се знае дали Хамас е навистина посветен на мирот.
– Ќе дознаеме. Само времето ќе покаже – одговори Трамп.
Овде прочитајте што содржи планот на Трамп за прекин на војната во Газа составен од 20 точки.