Македонија
(Видео) Шекеринска – Димитров: Договорот од Преспа стана најважната европска приказна
Заменик-претседателката во Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заедно со заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска одржаа заедничка прес-конференција, веднаш откако на денешната седница на Владата помина точката информација за извршување на договорот од Преспа.
Со одлуките поврзани со имплементацијата на одредбите од преспанскиот договор се предвидува сет од мерки и активности што треба да ги преземе Владата на РМ, како и сите други органи на државната управа и сите државни институции, а кои произлегуваат од усвоените амандмани на Уставот на Република Македонија и кои ќе стапат на сила седум дена по влегувањето во сила, односно веднаш по ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО од страна на Грција, и кои ја регулираат употребата на новото уставно име согласно амандманите.
„Ова е новата реалност во нашата земја што дојде како вистински акт на патриотизам и во Скопје и во Атина, и со кој пратениците во двата парламента, како и огромното мнозинство од народите во двете земји промовираа политика на 21 век“, изјави Шекеринска.
„До пред година и пол, секој пат кога ќе се спомнеше нашата држава, асоцијацијата во Брисел и во сите европски престолнини беше хаос, криминал, замолчени медиуми, заробена држава, политички дури и физички пресметки помеѓу политички неистомисленици. Денеска асоцијацијата е сосема променета. Денеска асоцијацијата што се случи во изминатиов период е нова перспектива, постабилна и побезбедна држава, постабилен Балкан, слободни и критични медиуми, слободна критичка мисла, сигурни инвестиции и во правна и безбедносна смисла, нова 30-та членка на НАТО, земја која ќе ги почне преговорите со Европската Унија”, истакна министерката Шекеринска.
Османи во оваа насока ги пренесе пораките од неговите средби со европските дипломати и лидери на земјите членки на ЕУ и нагласи дека на договорот од Преспа гледа како на дипломатско чудо, кое не само што ги отвора нашите европски перспективи, не само што има влијание врз целиот регион туку за нив Македонија во моментов претставува и една од најважните европски приказни, вистински репрезент на трансформативната моќ на европската идеја.
Од држава во која МВР беше претворено во партиски штаб и центар за прислушување, станавме држава која е во процес на сериозни реформи на безбедносните служби и во која веќе нема нелегално прислушување, рече во своето обраќање пред новинарите министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, и истакна дека Владата останува максимално посветена на реформите во сите области што како приоритет ни претстојат до извештајот за напредокот на нашата земја во април оваа година.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, пред медиумските претставници на прес-конференцијата истакна дека лидерите на двете земји, на Република Грција и на Република Македонија, како и пратениците и народите што го поддржаа договорот поместија планина и заедно покажаа дека можеме да создадеме и иднина, учејќи од историјата.
„Отвораме едно ново, евро-атлантско поглавје и ја поставуваме последната цигла во куќата што почнавме одамна да ја градиме. Најдовме заеднички јазик со нашите соседи од Грција, како два вистински европски соседи. Убедени сме дека со мудра политика и добра волја и најострите противници од двете страни за некоја година ќе се прашуваат зошто толку време ни требаше да го решиме проблемот“, рече министерот Димитров и накратко ги објасни основните контури на обврските што се утврдени во информација за извршување на договорот од Преспа, а кои произлегуваат од усвоените амандмани на Уставот на Република Македонија и кои ќе стапат на сила седум дена по влегувањето во сила, односно веднаш по ратификацијата на протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО од страна на Република Грција, и кои ја регулираат употребата на новото уставно име, Република Северна Македонија, согласно амандманите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

