Македонија
(Видео) Османи: Не се работи за злоупотреба на ниту еден денар од средствата на пензионерите
Министерката Мила Царовска имаше несреќна изјава, која отвори можност за спектакуларни шпекулации во однос на тоа што се случило во Фондот на ПИОМ за наводна можна злоупотреба, изјави денеска заменик претседателот на Владата Бујар Османи, по обвинувањата за злопутреба на парите на осигурениците во вториот пензиски фонд и побара извинување од сите кои вчера ја инволвирале ДУИ оваа вест.
„По вчерашната фама и спектакуларни наслови за злоупотреба на 19 милиони евра од пензискиот фонд, морам да кажам дека вчера министерката Царовска имаше несреќа изјава која отвори можност за шпекулации околу тоа што се случило во Фондот, за некаква можност за злоупотреба. Откако вчера верификувавме и со Министерството за труд и социјална политика и со Фондот дека не станува збор за злоупотреба на ниту еден денар од средствата на пензионерите и од Фондот, туку дека поради административни пречки и дел поради недовеолен буџет заради тогашната одлука на владата да се намалат придонесите, средствата не биле префрлени во вториот пензиски столб, истакна Османи.
Османи посочи дека побарал и од министерката Царовска и од Фондот да објаснат пред граѓаните што всушност се случило.
„Поради штетата што е направена на ДУИ најавувам дека за сите политичари, политички партии и медиуми кои вчера ја инволвираа ДУИ во оваа лажна вест, дека ако не се извинат во наредните 24 часа ќе мора да покренеме правна постапка за да ја докажеме вистината“, додаде Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

