Македонија
Владата усвои план за извршување на обврските од договорот од Преспа
Владата ја одржа својата 117-та седница, а меѓу првите точки на денешната седница, како што информираа од владината прес-служба, Владата ја разгледала информацијата за извршување на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, односно договорот од Преспа.
Со одлуките поврзани со имплементацијата на одредбите од преспанскиот договор се предвидува сет од мерки и активности што треба да ги преземе Владата, како и сите други органи на државната управа и сите државни институции, а кои произлегуваат од усвоените амандмани на Уставот на Република Македонија и кои ќе стапат на сила 7 дена по влегувањето во сила, односно веднаш по ратификацијата на протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО од страна на Грција, и кои ја регулираат употребата на новото уставно име согласно амандманите.
„Согласно со овие заклучоци, надлежните министерства, државни органи и институции, јавните претпријатија и акционерските друштва во сопственост на државата во предвидениот рок по стапувањето на сила на амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија, ќе треба да извршат промена на таблите на граничните премини и државната граница на нашата земја, на дипломатско-конзуларните претставништва, како и на влезовите на институциите.
За истата таа постапка, соодветни препораки ќе добијат и единиците на локалната самоуправа, додека, пак, секторите и службите за односи со јавност на државните и јавните институции добиваат насоки за употреба на уставното име согласно усвоените амандмани“, се наведува во соопштението на Владата.
Една од одлуките за оваа точка, додаваат оттаму, е и обврската државните органи да формираат работни групи за утврдување на натамошните мерки и активности за извршување на одредбите на договорот од Преспа, а Генералниот секретаријат на Владата добил задолжение да формира и меѓуресорска група која ќе треба да изработи сеопфатен Национален акциски план за понатамошните мерки и активности за извршување на обврските на Република Македонија кои произлегуваат од договорот со Грција.
Како дополнување на оваа точка, на седницата на Владата било предложено и прифатено овие обврски за извршување на одредбите од Преспа да се усогласат и со Законот за употреба на јазиците.
Меѓудругото, како што соопштија од владината прес-служба, членовите на Владата, припадници на албанската заедница, како заедница од повеќе од 20 отсто граѓани на Македонија, на денешната владина седница зборуваа на својот мајчин јазик.
Од Владата додаваат и дека премиерот Зоран Заев за време на седницата истакнал дека примената на Законот за употреба на јазиците на седниците на Владата, извршната власт, освен што го овозможува законското право, истовремено дава пример дека употребата на јазиците на заедниците, таму каде што тоа го регулира законот е и цивилизациско право и потврда дека нашата земја не само декларативно, туку и практично ги овозможува правата на сите заедници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на ГП „Богородица“ е нормализиран
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ (ГП Евзони) од 21 часот е нормализиран, информира АМСМ.
Поради блокада на границата за влез и за излез во текот на целиот ден, колони возила чекаа на граничниот премин „Дојран“ за влез во земјава. Претходно од АМСМ информираа дека од 11:00 часот сообраќајот на ГП „Евзони“ (Богородица) е блокиран за влез и излез поради штрајк на земјоделците.

На ГП „Дојран“ сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет има задржувања за влез во државата.
Македонија
Алијанса за Албанците на 27 декември ќе одржи собрание за реогранизација на партијата
На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на Претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание, соопштија од партијата.
Според најавата, Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи.
„Алијансата за Албанците продолжува да останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните“, пишува во соопштението.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

