Македонија
Групата ЦИВИТАКС бара одговорност за злоупотребите со вториот пензиски фонд
Министеркството за труд и социјална политика објави дека до Јавното обвинителство поднело кривична пријава против непознат сторител во врска со наодот дека на 12.000 лица не им се уплаќани законските придонеси во вториот столб. Исто така, објави и дека државата ќе ги обесштети со 19 милиони евра од буџетот.
Групата ЦИВИТАКС смета дека наодот од анализите што ги спровело и за кои зборува Министерството за труд и социјална политика не се изненадување имајќи предвид дека слично сомневање за незаконито однесување во ФПИОМ беше откриено и во 2016 година кога се објави дека не се исплаќале средства во вториот пензиски столб.
„Случајот објавен деновиве потврдува дека во Република Македонија институциите не посветуваат внимание на основите за сомневање на злоупотреби и незаконитост во работењето на поединци и одговорни службени лица од институциите со кои се оштетени поединци. На тој начин актерите на еродираната правна држава, поради која и го добивме посебниот извештај од Прибе, и натаму ја држат заробена и не дозволуваат да функционира правната држава.
Сметаме дека е недопустливо оштетените граѓани да се обесштетуваат со средствата на даночните обврзници (нивни лични средства), а притоа сторителот да остане непознат. Во вакви услови владата треба да ја преземе својата одговорност и да утврди кој од одговорните и службени лица во МАПАС, ФПИОМ и раководителите на операторите на вториот пензиски столб се приклучил во незаконитото однесување со прикривање и непријавување, како и да ги утврди дирекните одговорни лица, а против нив да поведе постапка за утврдување на одговорноста и за изрекување санкции со закон предвидени за секое дејство сторено со намера, сторување или пропуштање.
Вакво синдикализирање и прикривање на неодговорно и криминално работење долго време се практикува во Република Македонија на штета на граѓаните и буџетот, а сторителите останале неоткриени. Тоа води до неодговорни и неотчетни политички претставници, кои ја злоупотребуваат функцијата за политички цели на најнизок и најдрзок начин, ја еродираат ефикасноста на јавните финансии, го прават бесмислено постоењето најмалку на регулаторни тела, внатрешна ревизија, надворешна ревизија и јавно обвинителство.
Вакво однесување добива загрижувачки и алармантни димензии, особено затоа што создава впечаток за недопирливост и монолитност на политичките елити и нивно влијание над работата на регулаторните тела и независните институции“, се вели во соопштението.
Групата ЦИВИТАКС ја повикува министерката за труд и социјална политика да направи јавна презентација на наодите со стручните лица од Министерството и директно да го посочи основаното сомневање до соодветните органи и потоа да посочи што е преземено за заштита на правата на даночните обврзници, т.е. од каде ќе се надоместат штетите во централниот буџет и кај даночните обврзници по обесштетувањето. Централниот буџет и даночните пари не се каса за опростување на криминално работење и за злоупотреби од страна на оние што ја држат заробена државата, туку треба да користат во градење механизми за заштита од злоупотреба и корупција, што не е случај во Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски домаќин на министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Елиса Спиропали
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје беше домаќин на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, која престојува во прва официјална посета на нашата земја.
На средбата беа разменети мислења за билатералната соработка меѓу двете земји, европската перспектива, како и за можностите за понатамошно унапредување и динамизирање на односите во сите области од заемен интерес.
Посебен акцент беше ставен на економската соработка, со фокус на реализацијата на проектите од Коридорот 8, зајакнувањето на трговската размена и проширувањето на соработката во други сектори.
Двајцата министри ја истакнаа и важноста на националните малцинства во двете земји, нагласувајќи ја нивната улога како значаен фактор во градењето на стабилни, добрососедски и пријателски односи.
Во рамки на разговорите беше отворено и прашањето за регионалната соработка, сојузништвото во рамки на НАТО, како и за актуелните геополитички предизвици со влијание врз безбедноста и стабилноста на регионот.
Македонија
(Фото) Николоски: На автопатот Охрид – Кичево се вршат сложени инженерски зафати, кои првпат се користат во регионот
Првпат на автопатот Охрид-Кичево изведуваме сложени инженерски и градежни зафати и ова првпат се изведува во регионот, а се со цел да се овозможи стабилизирање на косините и земјиштето од овој обем. Ова го изведуваме за целосна доизградба и ставање во функција на безбедно автопатско решение, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој заедно со директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, пратеникот Ѓорѓи Сајкоски и градоначалниците од Кичево и Дебрца извршија увид на работите на автопатот Охрид-Кичево.


„Ние досега само зборувавме колку е тежок овој проект, но денеска целата македонска јавност може да се увери, дека се работи за најтешкиот инженерски проект, не само во Македонија, туку и во целиот регион. Се работи буквално на пробивање на планини, за косини коишто се од 100 до 200 метри, за земјиште коешто постојано се спушта до главната траса и за бројни проекти, кои што за жал 11 години откако почнал да се гради овој автопат не биле решавани. Со изборот на новата Влада, почнаа овие проблеми да се решаваат. Решаваме вкупно 16 косини, од кои што на 14 ќе имаме стабилизација со така наречени галерии, нешто што за прв пат ќе се изведува, не само во Македонија, туку во целиот регион, каде што со армиран бетон се застанува цела планина, нешто што регионот го нема видено”, истакна Николоски.


Вицепремиерот Николоски упати благодарност за посветеноста на сите инволвирани работници, изведувачи и инженери, кои работат на изведбата на овие инженерски зафати и како што потенцира, целта на изградбата на автопатот Охрид-Кичево не е само да се заврши, туку да биде и безбеден патен правец кој што ќе се користи во наредните децении.
Македонија
Ѓорѓиевски најави модернизација на Зоолошката градина во Скопје
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска ја презентира стратегијата за развој на Зоолошката градина во Скопје, со која, како што рече, почнува ново поглавје во развојот на оваа институција.
„Зоолошката градина во Скопје ќе стане водечки центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните. Чест ми е што денес ја презентираме стратегијата за развој на Зоолошката градина во Скопје, документ што носи јасна визија за модерна, одговорна и хумана институција. Со неа правиме суштински исчекор од поимот зоолошка градина како место за забава кон центар за едукација, заштита на природата и грижа за животните“, вели Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека целта е Зоолошката градина да стане училница на отворено, од каде што децата ќе заминуваат не само со спомени туку и со знаење, свест и емпатија кон природата.
„Клучен столб на стратегијата е трансформацијата на Градината во функционално прифатилиште за заштитени и ранливи видови, со професионална ветеринарна грижа и безбедни услови. Скопје ја презема моралната обврска да биде дом за животните кои не може сами да опстанат во дивината. Стратегијата е целосно усогласена со строгите стандарди на ЕАЗА, со јасна цел за полноправно членство. Тоа значи високи стандарди за благосостојба на животните, активна научна и конзервациска улога, како и највисоки норми за безбедност и одржливост“, рече градоначалникот.
Тој најави целосна модернизација на Зоолошката градина, подобри услови за животните, посетителите и вработените, енергетски ефикасни решенија, зголемена безбедност, како и нови содржини, меѓу кои и центар за хипотерапија за децата со посебни потреби.
Со овие чекори, рече Ѓорѓиевски, Зоолошката градина во Скопје ќе прерасне во современа, едукативна и хумана институција, место каде што се среќаваат науката и грижата за животот.

