Македонија
Клиниката за стоматологија: Нема нови случаи на заразени од МРСА

Клиниката за стоматологија информира дека нема нови случаи на заразени од МРСА откако кај вработен на Клиниката беше откриена оваа бактерија.
„Во врска со настаните за веста за откриената бактерија МРСА кај еден од вработените во ЈЗУ Универзитетски стоматолошки клинички центар ‘Свети Пантелејмон’ – Скопје, информираме дека работниот процес се одвива непречено во континуитет. Покрај генералното чистење и дезинфицирање од страна на нашите вработени, во текот на денешниот ден во периодот по 14.30 часот превентивно ќе биде извршена дезинфекција на целата клиника“, велат од Клиниката.
Од таму додаваат дека се чекаат резултати од санитарниот преглед направен на вработените и дека нема нови пријавени случаи.
„Во интерес на пациентите, апелираме до јавноста дека нема потреба од каков било сомнеж за сигурно и квалитетно давање стоматолошки здравствени услуги“, велат од Клиниката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорѓиевски: Пожарот е злосторство против народот, скопјани не смеат да се гушат во чад и отров

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, реагираше по повод големиот пожар што избувна во Скопје, оценувајќи го како директна закана за здравјето на граѓаните и за животната средина.
„Во овој момент сведочиме на ужас што не смее да се повтори – огромен пожар ја уништува животната средина и директно го загрозува здравјето на скопјани,“ изјави Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека од самиот почеток, заедно со колегите Бобан и Дејан, е на терен и дека се вложуваат максимални напори за ставање на пожарот под контрола.
„Ангажиравме општествено одговорни компании кои со машинерија и песок помагаат во негово затрупување. Со нас се и екипите на Противпожарната служба од Скопје и МВР. Се користат сите расположливи сили за ставање под контрола на оваа катастрофа,“ нагласи Ѓорѓиевски.
Тој го нарече настанот „злосторство против народот и луѓето на Скопје“ и порача дека „некој си игра со трпението и здравјето на граѓаните“.
„Упатувам апел до сите надлежни институции: постапете итно и безмилосно! Скопје и неговите граѓани не смеат да се гушат во чад и отров,“ рече кандидатот за градоначалник на Скопје.
Ѓорѓиевски додаде дека ќе останат на терен со граѓаните сѐ додека пожарот целосно не биде изгаснат.
Македонија
Движењето „Стоп за Вардариште“ во понеделник наутро ќе го блокира мостот „Близнаци“

Движењето „Стоп за Вардариште“ ја информира јавноста дека на ден 15.09.2025, понеделник, покрај протестот во 18:00 часот, ќе се одржи и протест со почеток од 07:30 часот наутро, со блокада на мостот „Близнаци“ помеѓу општините Аеродром и Гази Баба.
„Овој чекор го преземаме поради немањето слух на надлежните органи за нашите барања и се поголемото труење кое му се прави на овој народ.
Ги повикуваме работодавците да бидат толерантни за работниците кои ќе задоцнат тој ден на работа“, се вели во известувањето на Движењето „Стоп за Вардариште“.
Македонија
Електронскиот отпад што гори во Трубарево ќе се гасне со песок

Електронскиот отпад што гори во Трубарево ќе се гасне со песок, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Тој беше прашан дали огнот досега соодветно се гаснел со вода, пришто појасни дека дел од пожарот зафаќа дрвја, даски, пластика и друг запалив материјал. Делот во кој се наоѓа електронскиот отпад, рече Ангелов, се изолира и ќе биде гаснет со песок. Најави и дека во секој момент ќе пристигне голема количина на песок.