Свет
Кинезинки организирано оделе да се породат во САД заради државјанство, почнаа апсења

Три лица беа уапсени во четвртокот во Калифорнија под обвинение дека воделе компании што се занимавале со нелегален облик на медицински туризам т.н. birth tourism, пишува Си-ен-ен.
„Ова е прво кривично обвинение од таков вид во американскиот федерален суд“, изјави Том Мрозек, портпарол на американското државно обвинителство.
Компаниите им ја даваа услугата birth tourism на кинески клиенти.
При овој облик на медицински туризам странските државјани патуваат во странство за да раѓаат надвор од својата матична земја и со тоа им овозможуваат на своите деца да добијат државјанство во странство.
Во САД државјанството автоматски им се дава на луѓето родени на територијата на САД за разлика од некои други земји, како што се Швајцарија или Јапонија, каде што државјанството не се стекнува автоматски, туку само ако барем еден од родителите е државјанин на таа земја.
Министерството за правда на САД тврди дека компаниите рекламирале добивање на „најатрактивната националност“, „поквалитетен воздух“ и „помалку загадување“. Тие исто така промовираа подобри средни училишта за децата на клиентите, постабилна политичка ситуација, социјални бенефиции и така натаму.
Во обвинението се наведува дека компаниите им советувале на жените да носат удобна облека што ја крие бременоста при влегувањето во САД.
Министерството за правда на САД поведе обвиненија против 19 лица. А еден од тројцата уапсени е 41-годишниот Донгјуан Лиу, кој добил 3 милиони долари од Кина преку меѓународни парични трансакции. Другите двајца обвинети, Мајкл Веи Јуе Лиу (53) и Џинг Донг (42) во САД, ја водеа компанијата Happy Baby Inc, која за овој вид услуга на корисниците им наплатувала до 100.000 долари.
Обвинението исто така наведува дека Лиу и Донг користеле 14 банкарски сметки за да добијат повеќе од 3,4 милиони долари од Кина во 2013 и 2014 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Иран истрела проектили кон Израел по американскиот напад

Војската на Израел објави дека два брана проектили биле истрелани кон Израел од Иран по американскиот напад во текот на ноќта врз клучните центри на иранската нуклеарна програма.
Сирените за воздушен напад се вклучија во Ерусалим и Тел Авив, а новинарите на „АФП“ објавија дека слушнале силни експлозии. Дописникот на „Би-Би-Си“ од Ерусалим, Хуго Бачега, јави дека над градот се слушнале повеќекратни детонации како резултат на активирањето на израелската противвоздушна одбрана.
„Армијата неодамна идентификуваше проектили лансирани од Иран кон територијата на Израел. Одбранбените системи се активираат за да се пресретне заканата“, објави ИДФ околу 6:30 часот по средноевропско време.
Околу половина час подоцна, армијата објави втор бран проектили, пред да биде укината тревогата. ИДФ ги повика граѓаните веднаш да се засолнат во заштитените подрачја и да останат таму до понатамошно известување.
Според израелските служби за итни случаи, најмалку 11 лица се повредени во нападите.
Нападите се случија неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека американските сили извршиле напади врз три ирански нуклеарни постројки – Фордо, Натанц и Исфахан – и ги нарече „исклучително успешни“.
Како одговор, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи рече дека Иран го задржува правото на сите форми на самоодбрана и предупреди дека невидените американски напади ќе имаат трајни последици.
Свет
Шефот на ОН: Американскиот напад може да доведе до катастрофални последици

Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, го прогласи американскиот напад врз Иран за „опасна ескалација во регион кој веќе е на работ“, нагласувајќи дека тоа е директна закана за меѓународниот мир и безбедност.
„Постои се поголем ризик овој конфликт брзо да излезе од контрола, со катастрофални последици за цивилите, регионот и светот“, рече Гутереш.
„Во овој опасен момент, клучно е да се избегне вител на хаос. Нема воено решение. Единствениот пат напред е дипломатијата. Единствената надеж е мирот“, нагласи функционерот.
Свет
Нема контаминација околу нуклеарните постројки што ги нападна САД, објави иранскиoт регулатор

Иранскиот надзорник за нуклеарна енергија извести дека нема траги од контаминација околу погодените објекти и дека нема опасност за жителите на околните области, пренесува Ројтерс.
Американските сили бомбардираа три ирански нуклеарни постројки во неделата рано наутро кои се целосно уништени, според американскиот претседател Доналд Трамп.
Иранските медиуми објавија дека по американските напади не се пронајдени траги на контаминација во областите околу нуклеарните постројки и дека нема опасност за жителите на околните градови, пренесе Ројтерс.
Не се откриени радиоактивни траги во околината на Саудиска Арабија и другите земји од Персискиот залив по американскиот напад врз иранските нуклеарни постројки, објави во неделата нуклеарната организација на Саудиска Арабија на платформата „Икс“.