Македонија
Се отворија понудите за тендерот за вакцини од 10 милиони евра: големите играчи со обвинувања за фаворизирање фармацевтски компании
Сторијата е изработена од Истражувачката репортерска лабораторија – „ИРЛ Македонија“ во партнерство за публикација со „Макфакс“
Автори: Александра Денковска и Деница Чадиковска
Тимот на Истражувачката репортерска лабораторија беше на отворањето на понудите од тендерот за имунизација на населението. Отворањето помина во тензична атмосфера со обвинувања за фаворизирање одредени производители и забелешки за технички пропусти кај конкуренцијата. Министерството за здравство не ги читаше јавно сите документи од договорот, така што јавноста не знае кој понудувач со кој производител има договор. Новинарите на ИРЛ присуствувале и на други отворања тендери и праксата била – целосно презентирање на тендерските документи. ИРЛ побара од Министерството за здравство да ни испрати записник од отварањето на понудите, како и информациите, кои ќе покажат кој фармацевтски играч од земјава со кој светски производител има договор. Исто така, претставниците на компаниите понудувачи воопшто не се претставуваа, а од комисијата од Министерството никој не ги повикуваше да се претставуваат и впечатоците за целата постапка беа дека големиот тендер се отвори бргу, без позначајни процедури и без детаљно читање на понудите.
Пет компании, меѓу кои и „Македонијалек“, денеска му понудија зделки на Министерството за здравство за набавка на вакцини, раствори за вакцини и други трошоци поврзани со имунизацијата. Целиот тендер тежи 10 милиони евра, а меѓу нив е и набавка за вакцини против морбили. За сите делови од тендерот за набавка на разни вакцини, меѓу кои и оние против морбили, се пријавија пет фирми: „Македонијалек“, „Феникс фарма“, „Елбијор“, „Пановски“ и „Алкалоид конс“.
Со овој тендер ќе се набават повеќе видови вакцини, раствори и слично. Најмногу понуди – осум – поднела компанијата „Елбијор“, која е релативно понова на фармацевтскиот пазар и која тендерите со крупни милионски суми почнува да ги добива во последните две години. Седум понуди поднесоа и компаниите „Феникс фарма“ и „Македонијалек“. „Алкалоид конс“ поднела понуди за 3 дела и „Пановски“ за еден дел од тендерот.
„Македонијалек“ не бара тендер за морбили, „Гласко Клајн Смит“ со обвинувања за тендерот за ХПВ и пневмонија

Со забелешки и обвинувања за фаворизирање помина денешното отворање на понудите за набавка на вакцини за континуирана имунизација на населението и вакцини по епидемиолошки индикации.
Претставничката на компанијата „Глаксо Смит Клајн“, која досега преку „Македонијалек“ ги набавуваше вакцините против морбили, на отворањето на понудите даде забелешка дека Министерството за здравство во делот за набавка на вакцините за ХПВ и ПЦВ фаворизирало еден светски понудувач.
„Во деловите 9 и 12 за ХПВ и ПЦВ-вакцините тендерската спецификација е затворена, а досега не било така. Со спецификацијата се фаворизира еден светски понудувач“, рече претставничката на „Гласко Смит Клајн“.
На прашање на ИРЛ за кој понудувач станува збор, таа рече дека не сака да коментира и дека Министерството знае кого фаворизира и треба да каже. По отворањето на понудите, ја прашавме претставничката на „Пановски“ за став за обвинувањата на претставничката на „Глаксо“, на што таа кусо одговори дека тоа не е точно и дека не постои можност да се фаворизира само еден понудувач.
„Тендерот го правиме врз основа на спецификации. Спецификациите за тендерот се направени врз основа на барањето што го доставуваме до комисијата за имунизација и комитет во таа комисија ги подготвува спецификациите. Тоа го прават тие, јас не знам што точно се зборувало на тендерот за вакцините“, изјави министерот за здравство Венко Филипче на обвинувањата од претставничката на компанијата „Глаксо Смит Клајн“ дека со дел од тендерот се фаворизира само еден светски понудувач.
За ХПВ-вакцините понуда дала компанијата „Алкалоид конс“, а за ПЦВ компанијата „Д-р Пановски“, која првпат учествува на тендер за набавка на вакцини.
Претставници на другите компании пред комисијата забележаа дека за вакцините на „Глаксо“ за рота-вирусот не би требало да бидат дел од понудите. Тие тврдеа дека овие вакцини немале одобрение за пуштање во промет од Македонија, туку само од Европската Унија.
За тендерот за морбили двајца понудувачи

Во делот од тендерот што се однесуваше на вакцините против морбили се пријавија две компании: „Алкалоид конс“ и Феникс фарма“. Досегашниот набавувач „Македонијалек“ нема поднесено понуда. Понудата на „Алкалоид конс“ е 352 илјади евра, а „Феникс фарма“ понудила 461.463 илјади евра.
Во екот на епидемијата на морбили и антивакциналната кампања на почетокот на годинава на социјалните мрежи се појави слика од кутија со вакцините за морбили Priorix, на која можеше да се види дека македонската декларација залепена врз оригиналната содржи информација со постара важност од онаа втисната на амбалажата од белгискиот производител. При вонредна контрола во сите вакцинални диспензери беа пронајдени 635 кутии од МРП-вакцините со погрешни датуми на декларациите.
„Македонијалек, компанијата што ги набави вакцините преку „Глаксо Смит Клај“, беше парично казнета, а министерот Филипче на прес-конференција изјави дека се разгледува можноста за одземање на дозволата, вклучително и раскинување на веќе потпишаните договори со увозникот на вакцините.
„Македонијалек“ сè уште може да аплицира на тендери бидејќи дозволата не ѝ е одземена, а истрагата уште трае“, изјави Филипче.
Од „Македонијалек“ се правдаа дека вакцините не се со изминат рок, туку станува збор за ситна техничка грешка, при што на кутиите биле залепени погрешни декларации на кирилица. Тие тврдеа дека вакцините се со добар и проверен квалитет од реномираниот европски производител „Глаксо Смит Клај“ од Белгија. ИРЛ дознава дека минатата недела претставнции на оваа компанија биле во посета на „Македонијалек“, но никој од засегнатите не сака да разговара на оваа тема.
Агенцијата за лекови и медицински помагала – МАЛМЕД донесе решение вакцините за морбили со погрешни декларации, иако се исправни, да бидат уништени на „Дрисла“. Уништувањето на вакцините во јавноста предизвика дополнителен страв и револт.
Обвинителството по допрен глас отвори истрага за овој случај, но засега не се соопштени повеќе детали за тоа до каде е истрагата, освен дека сите вакцини се попишани и се наоѓаат во просториите на „Македонијалек“, каде што има соодветни услови за чување.
„Надлежен јавен обвинител веќе издаде наредба до Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работин со која побара да се извршат проверки во правното лице ‘Македонијалек’ како увозник и дистрибутер на вакцината МРП. Од фирмата увозник ќе треба да се обезбеди комплетната документација поврзана со увозот на вакцините и нивното етикетирање. Проверки ќе се извршат и во Агенцијата за лекови и медицински помагала – МАЛМЕД во поглед на извршените контроли на увезените вакцини и евентуално констатираните неправилности“, соопштија од Обвинителството.
„Феникс фарма“ и „Елбијор“ бараат најмногу пари од државната зделка вредна 10 милиони евра. По нив, следуваат „Д-р Пановски“ и „Алкалоид“ и најмалку пари во шест понуди поднела „Македонијалек“. Сите компании заедно имаат поднесени понуди од 11.600 милиони евра.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

