Македонија
Здружението ,,Стар Лагадин” бара да престане урбанистичката деструкција на Охридското Езеро
Здружението за заштита и зачувување на интегритетот на село Лагадин ,,Стар Лагадин” реагира по повод изјавата на премиерот Зоран Заев дадена на настанот ,,Силна економија – шанса за сите” во Охрид. Тие очекуваат од Уставниот суд да донесе одлука со која ќе престане изградбата на хотел на крајбрежјето на езерото.
,,Со вчудовиденост и индигнација ја проследивме јавната вербална комуникација на премиерот Заев со инвеститорот на спорниот хотел во Лагадин на организираниот настан во Охрид ‘Силна економија – шанса за сите’ со која сметаме дека тој отворено се стави во улога на поттикнувач на еден од најтешките облици на корупција и криминал кој ние, граѓаните на оваа земја, го именуваме како градежна или урбанистичка мафија. Видовме и слушнавме како премиерот му ветува на ‘чичко Никола’, со кого си разменувале приватни СМС-пораки, дека тој лично ќе се погрижел градбата на неговиот криминален хотел непречено да продолжи.
Кон крајот на 2015 година од страна на криминалните структури на тогашната власт на локално и државно ниво незаконски беше суспендиран постоечкиот урбанистички план за населбата Лагадин со донесување на т.н. општ акт со кој, со игнорирање и прекршување на дузина законски и уставни одредби, се овозможи не само почнувањето на градбата на овој хотел туку и натамошна тотална урбанистичка деструкција на населбата Лагадин со која населбата неминовно ќе претрпи трансформација налик на онаа која се му случи на скопското Дебар Маало”, се вели во реакцијата.
Здружението во април 2017 година покрена инцијатива во Уставниот суд за поведување постапка за оценување на законитоста на општиот акт за с.Лагадин и негово поништување.
„Иницијативата ја поткрепивме со експертиза на врвен експерт и судски вештак од областа на урбанизмот, како и правно мислење на реномирана адвокатска канцеларија. Произнесувањето на Уставниот суд очекуваме да се случи набргу, во текот на овој или наредниот месец. Напоменуваме дека поништувањето на општиот акт ќе подразбира и отстранување на градбата на тој хотел.
Не можеме да веруваме дека премиерот не бил запознаен со оваа околност бидејќи со неа го имаме запознаено министерот Сугаревски, кој беше исто така присутен на настанот во Охрид.
Убедени сме дека правото и правдата се на наша страна и дека нашите сегашни и идни заложби се придонес во справувањето со корупцијата и сето она кое го перцепираме како градежна мафија, која со уништување на крајбрежјето со хиперурбанизација сериозно го загрозува статусот на Охридскиот Регион како светско наследство на Унеско”, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче слепо ја следи агендата на Заев и ја игнорира потребата од реформи во партијата, смета ВМРО-ДПМНЕ
Венко Филипче безрезервно ја следи политичката стратегија на Заев штитејќи ги бизнис интересите на кланот Заеви, а притоа целосно ги игнорира барањата на базата во партијата и ја занемарува потребата од реформи, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче доживеа дебакл на изборите со само 120 илјади гласа и 6 општини ја уништи довербата кај граѓаните и членството на партијата. Единствен приоритет на Филипче е исполнување и реализација на барањата и планот на Заев. Реформите и напредокот на СДС се во втор план на Филипче, а фокус му се желбите и заштитата на Заев. Филипче делува по насока на Заев, потврда за тоа е изборот на лојални кадри блиски до Заев и поставувањето на Александар Трајановски за потпретседател на партијата“. велат од партијата.
И додека Филипче ја турка СДС во лидерска криза, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, актуелни и поранешни функционери се дистанцираат од него и не сакаат да бидат дел од раководството на СДС токму поради недовербата во неговото лидерство.
„Филипче со своето делување ги блокира реформите во партијата. Единствен чекор со кој може да ја спаси партијата од дополнително раслојување е оставка и целосна внатрешна реформа низ транспарентен и демократски процес. На Македонија и е неопходна силна и конструктивна опозиција“, смета ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Започна аплицирањето за набавка на електронски уреди, 55.000 студенти добиваат по 15.300 денари, информира Владата
„Ветеното, го реализиравме. Од вчера официјално започна аплицирањето за набавка на електронски уреди. Студентите ги добиваат ветените 250 евра или 15.300 денари за набавка на електронски уреди, лаптоп, таблет или персонален компјутер“, велат од Владата.
„Оваа мерка на Владата подразбира дека сите студенти до 29 години кои имаат запишано семестар во учебната 2025/2026 на додипломски студии на државните или приватните факултети ќе добијат по 15.300 за набавка на електронски помага, во зависност од тоа што им е потребно.
850 милиони денари од буџетот се издвојуваат за студентите.
Со оваа мерка директно помагаме на сите семејства и ги олеснуваме трошоците за студирање.
Студентите ќе можат да аплицираат до 20 декември, додека пак подигањето на ваучерите ќе можат да го реализираат до 31 декември 2025 година. Условите за аплицирањето се објавени на веб сајтот на Влада.
Линкот е јавно достапен и можат да аплицираат сите студенти: https://vlada.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/soopstenija/vlada-zapocna-apliciranjeto-za-elektronski-vauceri-za-studenti-preku-nacionalniot-portal-za-e-uslugi
Ги повикуваме студентите да ја искористат оваа мерка и да аплицираат навремено.
Владата продолжува посветено да реализира мерки за студентите.
Студентите се иднината на Македонија и наша обврска како Влада е да им обезбедиме пристојни услови за студирање преку низа на мерки кои значат квалитетно образование“, се наведува во соопштението на Владата.
Македонија
Бесплатно тестирање за ХИВ и сексуално преносливи болести: „Тестни се! Прегледај се бесплатно, доверливо и безбедно“
Европска недела на ХИВ и СПИ тестирање: „Тестни се! Прегледај се бесплатно, доверливо и безбедно“ ХИВ не избира – но секој може да избере да се тестира.
Во време кога терапијата за ХИВ е достапна и ефективна, најголемиот ризик е да не го знаеш својот ХИВ статус. Навременото тестирање значи здравје, контрола и мир.
Во рамки на Европската есенска недела на ХИВ и СПИ тестирање, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување ги повикува сите граѓани на бесплатно и доверливо тестирање за ХИВ и сексуално преносливи инфекции (СПИ), кое се спроведува во Младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно, од 17 до 21 ноември, секој ден од 15.00 до 18.00 часот.
ХИВ денес е контролирана здравствена состојба, кога е откриена навреме. Луѓето кои редовно се тестираат и се на терапија имаат недетектибилен вирус, што значи дека не можат да го пренесат ХИВ преку сексуален пат.
Освен за ХИВ, во текот на неделата граѓаните можат да се тестираат и за сифилис, гонореја, кламидија, хепатит Б и хепатит Ц, со резултати готови за најмногу 30 минути.
Тестирањето е анонимно, бесплатно и доверливо, а го спроведуваат обучени здравствени работници и советувачи во пријателска и безбедна средина.
Редовното тестирање е чин на свесност и одговорност, затоа што здравјето на заедницата почнува од секој поединец.
Како да закажете тестирање: Со јавување во Младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно на телефонскиот број 070 227 386 или 02/3176 – 950; Преку оналјн закажување на преглед на следниов линк; или со посета на Младински центар „Сакам да знам“ на Водно на ул. Елисие Поповски Марко бр.2
„Грижата за здравјето започнува со еден едноставен чекор. Тестни се! Твое право е да се чувствуваш здраво! Услугите се реализираат преку Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекцијата, поддржана од Министерството за здравство. Европската недела на ХИВ тестирање е Европска иницијатива со цел зголемување на пристапот до тестирање за ХИВ и СПИ и подигнување на свеста за важноста на раната дијагноза, особено кај лицата кои се изложени на зголемен ризик“, велат оа ХЕРА.

