Економија
Заев на средба со делегација на одборот на директори на ЕБОР
Претседателот на Владатa, Зоран Заев, заедно со министерот за финансии, Драган Тевдовски, оствари средба со висока делегација на одборот на директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која е во официјална посета на нашата земја.
Делегацијата на ЕБОР ја предводеа директорот на ЕБОР за Холандија, Кина, Монголија, Арменија и за Република Македонија, Франс Викер, и директорката на ЕБОР за Полска, Бугарија и за Албанија, Виолета Барвицка-Лофтхаус.
На почетокот на средбата директорите на Европската банка за обнова и развој ги пренесоа честитките од менаџментот до претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, и до граѓаните за постигнатиот историски успех за пристапувањето на нашата земја во НАТО со потпишувањето на пристапниот протокол за членство од страна на земјите членки на НАТО во седиштето на алијансата во Брисел.
Во таа насока беше истакнато дека со зачленувањето на нашата земја во НАТО, најмоќниот воен сојуз, се гарантираат безбедноста и стабилноста, се зајакнува довербата на инвеститорите и се отвораат економските перспективи за развој.
„Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) е голем пријател на нашата земја и тоа пријателство е потврдено уште од периодот на нашето осамостојување. Денешната средба со делегација на одборот на директори на ЕБОР на овој историски ден за нас е уште една голема потврда дека во иднина соработката ќе се продлабочува и ЕБОР со својата експертиза, искуство и финансиска поддршка ќе ни помага во реализација на проекти што ќе придонесат за позитивните економски достигнувања и резултати што ги очекуваме оваа година“, порача премиерот Заев.
Оваа посета на Република Македонија на делегацијата на одборот на директори на ЕБОР е во рамките на периодичните посети на Банката на земјите со кои соработува со цел одблиску да се согледаат предизвиците, напредокот на реализацијата на реформите и да се утврдат приоритетите на понатамошната соработка. На средбата се зборуваше и за новата стратегија на Банката за нашата земја 2019 – 2023, која се очекува да биде усвоена во следниот период и во таа насока беше посочено дека приоритетите на Банката се совпаѓаат во голема мера со владините политики и приоритети за 2019.
Премиерот Заев ја нагласи големата поддршка и помош што во континуитет ЕБОР ѝ ја дава на нашата земја во изградба, реконструкција и рехабилитација на патната, железничката и енергетската инфраструктура и зајакнувањето на капацитетите и додаде дека во иднина соработката ќе се прошири и на поддршка на приватниот сектор во насока на зголемување на конкурентноста и потенцијалите за освојување на домашните и меѓународните пазари.
„Приватниот сектор треба да биде двигател на нашата економија, мора да им помогнеме на приватните иницијативи. Во тој правец нашата заедничка соработка и на проекти од јавно-приватно партнерство ќе биде многу значајна за раздвижување на економската активност“, нагласи премиерот Заев на средбата со висока делегација на ЕБОР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средба со раководството на МЕПСО, ЕСМ и МЕМО: во фокусот состојбата и проблемите на претпријатијата
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, одржа работна средба со директорите и дел од раководството на АД МЕПСО, АД ЕСМ и Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО. Ова е прва заедничка работна средба меѓу раководството на овие три најголеми државни претпријатија од областа на енергетиката и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, која во иднина ќе се одржува на месечно ниво.
Божиновска на средбата ја истакна важноста од редовни средби и координација со челните луѓе на овие три државни претпријатија. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини дава силна поддршка и вложувања во донесувањето и имплементацијата на сите позитивни практики во доменот на енергетиката и врши усогласување со европските регулативи како дел од законодавниот пакет.
На состанокот се разговараше за состојбата во овие три државни претпријатија, мерките и активностите што ги преземаат за надминување на затекнатата лоша состојба, како и за плановите за подобрување и иден развој. На состанокот беа изнесени и предлози за подобрување на работните процеси во насока на унапредување и развој на енергетскиот сектор во земјата.
Божиновска беше подетално информирана за затекнатите проекти во овие три претпријатија, за ревизијата на истите, која е во тек, како и за финансиските обврски што секое од овие три претпријатија ги има до крајот на годината.
Се разговараше за плановите за претстојната сезона и мерките што се преземаат за да се обезбеди непречено снабдување со електрична енергија на граѓаните.
Генералниот директор на АД МЕПСО, Бурим Латифи, ја информираше министерката за активностите што се преземаат во насока на модернизација на постојната електропреносна мрежа, изградба на нова и модернизација на електропреносната инфраструктура.
„Како ново раководство, се соочивме со голем број постапки за јавни набавки кои не беа од суштинско значење за потребите на МЕПСО. Во духот на оптимизација, одлучивме средствата од овие постапки да ги пренасочиме кон реконструкција на командните згради на клучните трансформаторски станици во Македонија, кои се изградени пред повеќе од четириесет-педесет години. Со овие проекти ќе овозможиме значително подобрување на енергетската ефикасност и намалување на сопствената потрошувачка, што дополнително ќе придонесе кон економичноста на системот“, истакна Латифи.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, најави дека се спроведуваат серија активности со кои ќе се оптимизираат трошоците на работа, а во исто време ќе се фокусираат кон зголемување на производството на електрична енергија. ЕСМ се посветени да обезбедат сигурна, стабилна и непречена испорака на електрична енергија, нагласи Узунчев.
Управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, информираше дека МЕМО е фокусиран на успешно спроведување на планот за издавање гаранции за потекло на електрична енергија, со кој МЕМО ќе биде задолжен да го воспостави и води регистарот за нивно издавање, евидентирање на пренос, признавање, укинување или поништување.
На средбата, која се одржа во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, присуствуваа Горан Николов, посебен советник за енергетика; државниот секретар на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Горан Јовановски; претседателот на надзорниот одбор на ЕСМ, Иван Куковски; Александар Пауноски, заменик на генерален директор на МЕПСО; Анастасија Илиевска, директор за финансии на МЕПСО; Елизабета Гиовска, координатор на оддели во МЕМО; и Иван Стојановски, директор за финансиски работи на АД ЕСМ.
Економија
Македонија во фокусот на Microbalkans 2024: Никола Јошевски за улогата на финтек-иновациите
Никола Јошевски, генерален менаџер и сопственик на Mint Fintech Group и претседател на Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија, од вчера учествува на престижната конференција Microbalkans 2024, што се одржува во Сараево, Босна и Херцеговина. Како клучен панелист на темата дигитализација во микрофинансискиот сектор, Јошевски зборуваше за улогата на финтек решенијата во модернизацијата на финансиските услуги, нагласувајќи дека „технологијата драстично го менува нашиот секојдневен живот и овозможува микрофинансиските институции да нудат поефикасни, поудобни и безбедни услуги на корисниците преку дигитални платформи.“
Во своето обраќање, Јошевски ја истакна важноста на законските регулативи, кои, според него, ја зајакнуваат стабилноста и транспарентноста на македонскиот финансиски сектор. „По сите дискусии и панели, сите се едногласни дека Македонија има една од најдобрите законски рамки за градење на здрав и квалитетен финансиски екосистем,“ посочи Јошевски, додавајќи дека ваквата регулаторна поддршка создава поконкурентна средина за финтек индустријата и микрофинансиските компании.
Македонската делегација на конференцијата ја сочинуваат и други претставници на финансиските друштва, како и претставници на Министерството за финансии кои ќе дискутираат за ESG практиките и инклузијата во финансискиот сектор. Конференцијата, организирана од Асоцијацијата на микрокредитни организации на БиХ (AMFI) со поддршка од Европската унија, ги привлекува водечките имиња од регионот и пошироко. Меѓу реномираните говорници се Елма Зукиќ, претседателка на AMFI, Јасмина Селимовиќ, гувернерка на Централната банка на БиХ, и Ричард Хатавеј, потпретседател на Habitat for Humanity за ЕМЕА регионот.
Јошевски посебно го истакна успехот на Mint Fintech Group во развојот на финтек услугите и важноста на соработката со банки и глобални партнери, наведувајќи: „Горди сме на нашето партнерство со банка во Македонија и со VISA, со што креиравме наша прва VISA картичка и овозможивме средствата од нашите кредити да станат подостапни за клиентите.“ Mint е исто така една од ретките микро-кредитни организации во Македонија која нуди заеми и за поединци и за мали и средни претпријатија, со што 30% од портфолиото е насочено кон корпоративни заеми.
Конференцијата Microbalkans 2024 ја истакнува улогата на Македонија во микрофинансискиот сектор на Балканот и ја зацврстува позицијата на Mint Fintech Group како
лидер во финтек иновациите, промовирајќи ги новите можности за раст и развој преку дигитализација и засилена соработка во регионот.
(ПР)
Економија
Средби на Ангеловска-Бежоска со Бериган и Андреоли: Напредува процесот на оценување на земјата за пристапување кон СЕПА
Напредува процесот на оценување на земјава за пристапување во Единствената област за плаќањa во евра (СЕПА). За таа цел, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска одржа средби во Брисел со генералниот директор на Директорaтот за финансиска стабилност, финансиски услуги и унија на пазарите на капитал при Европската комисија, Џон Бериган, како и со Џорџо Андреоли, генералниот директор на Европскиот совет за плаќања, институцијата којашто ја носи конечната одлука за членството на земјите во СЕПА.
На средбите се зборуваше за барањето на земјава за членство во СЕПА, коешто беше официјално поднесено во јули оваа година, по обемната измена на законската и подзаконската регулатива во сферата на платежните услуги, банкарскиот систем и спречувањето перење пари, заради усогласување со европската правна рамка. Официјалното барање, на почетокот на октомври, беше дополнето и со најновите измени на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, со што се оценува дека се направени сите неопходни измени на законската и подзконската правна рамка. Во моментов се оценува нашето барање. Имајќи го предвид високиот степен на усогласеност на правната рамка, се очекува позитивна оцена со што нашата земја ќе може наскоро да пристапи во СЕПА. По добивањето позитивна оцена, деловните банки ќе треба оперативно да се приклучат кон европскиот платежен систем, за што е потребна претходна подготовка.
Членството во СЕПА е една од приоритетните активности поддржани со Планот за раст на Европската комисија од 2023 година, чијашто цел е забрзана економска интеграција на регионот во единствениот пазар на ЕУ. СЕПА ќе донесе бројни придобивки за граѓаните, фирмите и целокупната економија, преку обезбедување побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра кон и од земјите членки на СЕПА, поедноставување на процедурите, поголема транспарентност и засилена заштита на потрошувачите. Граѓаните ќе можат поевтино, побргу и поедноставно да примаат и да испраќаат парични средства во евра во земјите од СЕПА. Фирмите ќе можат полесно да се вклучат во прекуграничната трговија со стоки и услуги во земјите од областа на СЕПА, да го прошират својот бизнис и да ја зголемат конкурентноста. Пристапувањето за нив подразбира и пониски надоместоци, како и подобрено управување со паричните текови, имајќи предвид дека трансферите на СЕПА вообичаено се обработуваат во рок од еден работен ден, а кај инстант плаќањата, преносот на паричните средства ќе се извршува за 10 секунди најмногу, во кое било време во текот на денот.