Култура
„Киненова“: Ни ги прекинаа финансиите поради одлуката да го прикажеме „Ругање со Христос“
Цензурата во Македонија продолжува во жестока форма да ја гуши културата и уметноста. Имено, на Агенцијата за филм оваа година реши да се придружи и Град Скопје, чија комисија донесе одлука оваа година комплетно да ја укине поддршката за Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ Скопје, со што очигледно сакаат да го погазат и неправедно и тенденциозно да го девалвираат трудот на голем број филмски професионалци кои стојат зад истиот, се вели во реакцијата на ,,Киненова”.
Според нив, укинувањето на финансиите на МФФ „Киненова“ за 2019 година следуваат по силните притисоци и официјалниот обид за цензура кои ги вршеа Министерството за култура и Агенцијата за филм врз јавноста и организацијата на фестивалот, поради цврстата одлука која ја донесе Управниот одбор на фестивалот да го прикаже деби филмот „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи на отворањето на изданието во 2018.
„Ова ни дава за право да се сомневаме дека домашните институции, особено Агенцијата за филм и Министерството за култура како најповикани сакаат да ја спречат ‘Киненова’ како независна институција која има свој слободно изграден став и одлучува самосвојно, врз основа на високоизградените филмски критериуми во однос на филмската уметност. Следствено сметаме дека се работи за систематски и смислен институционален бојкот на фестивалот и укинување на слободата на уметничко изразување и искажување на слободен уметнички и ангажиран став. Истите тие треба да се свесни дека тоа се сепак пари од граѓаните, даночните обврзници, и истите треба да се поделат рамноправно, според квалитетот на понуденото, а не по принципот дали некому му се допаѓаме или не. ‘Киненова’ е нова ѕвезда на македонското фестивалско небо, со нов, оригинален концепт кој ги надминува застарените концепции на останатите слични фестивалски содржини од ваков тип, и токму затоа сметаме дека истиот требаше и мораше институционално да биде поддржан и оваа година! Ова го поткрепуваме со штурото објаснување дека ‘проектот Киненова Скопје е одбиен поради тоа што не ги исполнил очекувањата како програмски, така и организациски'”, се вели во реакцијата.
Како потсетување, на „Киненова“ за време на минатите три изданија гости беа едни од најзначајните европски авторски имиња, како и големи актерски ѕвезди од регионот, како Жарко Лаушевиќ, Мира Фурлан, Аница Добра, кои фестивалот ги закити со признанија. Како предавачи и дел од стручните жирија беа врвни сценаристи и режисери, добитници на највисоки признанија во светот на филмот. На минатогодишното издание ја имаше најбогатата програма досега, со вкупно 72 прикажани филмови од најновата светска филмска продукција. Речиси сите програми на фестивалот беа оригинални, неприсутни на ниту еден друг фестивал во Македонија. Пример се програмите: „Бергман како дебитант“ – проект кој беше дел од прославата организирана од страна на шведската влада по повод одбележувањето на големиот јубилеј „100 години од раѓањето на големиот шведски филмски режисер Ингмар Бергман“ и во склоп на која беа прикажани филмови на Бергман за првпат во Македонија; потоа, програмата „Балканската аудиовизуелна уметност како важно европско културно наследство“, програма директно поддржана од Европската Унија, и многу други.
„Сакаме да информираме и дека 95% од фестивалската програма минатата година, а и за сите останати изданија на ‘Киненова’, е составена од филмови кои за првпат се прикажуваат во Македонија и не се постари од 20 месеци. Што е дел и од фестивалската регулатива. Дополнително сакаме да информираме за каков квалитет на фестивал се работи со податокот дека фестивалот до сега е поддржан од бројни странски институции, како: десетици амбасади и неколку големи светски фондови и фондации. Фестивалот за првпат во земјата ги претстави: современата грчка кинематографија, потоа современата венецуелска кинематографија, современата норвешка кинематографија, и многу други слични проекти и програми. Како додадена вредност на фестивалот се и активностите за подигнување на нивото на општествена одговорност преку кои фестивалот директно им помага на ранливите групи граѓани, а минатата година конкретно на децата со посебни потреби преку работилницата за анимација. Фестивалот додаде вредност и во образовниот процес преку организирање на професионална филмска работилница за развој на сценарија под менторство на скрипт-доктор од странство, за млади македонски сценаристи и со тоа секоја година дирекно придонесува во подигнување на филмската култура во земјата.
А дека се работи за тенденциозено и субјективно однесување и евалуирање на проектите говори и фактот дека, иако критериумите на конкурсот се: ставање на македонската кинематографија во меѓународен контекст, промовирање на филмската култура во земјата, европската димензија на програмите, реномето на фестивалот итн., тие очигледно не се земени предвид во случајот на ‘Киненова’ бидејќи фестивалот комплетно ги исполнува и дури и надминува истите, но бодувањето за овие критериуми е минимално. Од друга страна, ќе наведеме дека овие две години поддржани се настани кои биле непостоечки или кои за првпат конкурираат, а за споредба, ‘Киненова’со три меѓународни и програмски квалитетни последователни изданија не е поддржан!
Потоа, поддржувани се, па дури и зголемена е поддршката за фестивали кои немаат вистинска филмска профилација или не се професионални настани, туку се занимаваат со други области користејќи го филмот само како посредна област, а повеќето од истите не прикажуваат филмови ниту на минимум технички стандарди за прикажување, за разлика од фестивалот „Киненова“, каде 95% од проекциите се со највисоки ДСП-стандарди за прикажување филмови. И уште сакаме да ја информираме јавноста дека најголем дел од средствата со кои фестивалот е подигнат и е стигнат до ова ниво се лични влогови на основачите или од странски фондови, а фестивалот е искрен подарок за филмските работници и целата публика и јавност во Македонија, кои силно го поддржаа и препознаа оригиналниот концепт кој го нудиме, глорификација на првите и вторите остварувања на филмаџиите ширум светот, новите сили во филмската уметност.
И на крајот, ја информираме публиката, вистинските филмски љубители и познавачи дека без разлика на сè, нема да дозволиме да бидеме спречени и ќе реагираме соодветно со жалба до Агенцијата за филм”, се додава во реакцијата на Меѓународен филмски фестивал „Киненова“ Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.

