Македонија
„Зоо Скопје“ бара графитчии, уметници и креативци за разубавување на Зоолошката градина

„Зоо Скопје“ почнува со кампања за разубавување на зоолошката, како и збогатување на реквизитите за животните. Кампањата ќе трае до 30 март, а секој кој ќе придонесе за новиот имиџ на Зоолошка ќе добие табличка со своето име на ѕидот на пријателите и помагачи на „Зоо Скопје“.
„Секој кој е креативен, сака животни или, пак, поседува нешто кое може да го подари е добредојден да помогне. Графитчии кои би ги разубавеле ѕидовите, уметници кои би ги развеселиле патеките, скулптори кои би ни направиле статуетки животни, креативци кои би изработиле играчки и реквизити за животните, општествено одговорни компании кои би донирале алат или други средства за одржување на зоолошката, одгледувачи кои би подариле цвеќе и дрвца, хуманитарци на кои веќе не им се потребни старите транспортери и кафези за мали животни.Сите сте добредојдени“, велат од Зооошката градина.
Сите заинтересирани за креирање и донирање можат да се јават на телефонскиот број 070 688-014.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) „Скандал – СДС одржува партиски состанок во училиште во Струмица, училницата претворена во штаб“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„СДС не запира со злоупотреби. Институциите каде се власт на локално ниво им служат како партиски штабови. Фотографии и видеа од пред неколку дена, кои сега преку свиркач, од незадоволен член на СДС стигнаа до нас и од овие фотографии се гледа како СДС злоупотребува училиште за партиски активности“, вели Жан Дрвошанов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Струмица.
„Јасно се гледа како училница е претворена во штаб, и како училиштето е специјално отворено за СДС во доцните ноќни часови.
Оваа злоупотреба не може да се случи без дозвола на директорот на училиштето и градоначалникот Костадин Костадинов.
Ги прашуваме Филипче и Костадинов, дали е ова демократија, и дали за ова се борат? За државниот имот да биде партиски и во партиска функција?
Ова е начин на работа на СДС со години. Овој начин на работа беше поразен низ цела Македонија, а ќе биде поразен дефинитивно и во Струмица“, соопшти Жан Дрвошанов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Струмица.
Македонија
„Лицемерноста на СДС ги поминува сите граници“, реагира ВМРО-ДПМНЕ

„Лицемерноста на СДС ги поминува сите граници. Ниту се загрижени, ниту ги интересираат граѓаните. Единствено што ги интересира е политичкиот ќар кој тие би го имале од одредена ситуација“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
„Виновници за разурнатото општество, лошото здравство, дебаклот на меѓународното поле, високата инфлација и нискиот економски развој се СДС, Филипче и неговиот ментор Заев.
Срамно е во вакви тешки моменти за сите граѓани, баш тие, СДС и Филипче, кои молчеа и се криеја за Модуларна болница, за Ласкарци, за Беса транс, за Онкологија, за неуспешноста со справувањето со КОВИД кризата, денес да зборуваат за морал и правда.
Упатуваме порака до СДС – Правда ќе има, одговорност ќе има!
Само што овој пат, правдата нема да е кабелот, ниту пајакот. Овој пат, правдата ќе биде име, а одговорноста – презиме!“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Фото) Одбележана 10-годишнината од настаните во Диво Насеље во Инџиково

Денеска во населеното место Инџиково, пред споменикот на херојот Горан Стојменовиќ се одржа настан за одбележување на 10-годишнината од настаните во Диво Насеље, Кумановско кои се случија во 2015 година, извести општина Гази Баба.
Пред присутните се обратија министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски и член на семејството на Горан Стојменовиќ.
„Никогаш во ниедна страница на македонската историја, нема да избели споменот на кобниот мај пред 10 години, денот кога нашите македонски јунаци, припадници на Министерството за внатрешни работи ги положија своите животи во жестокиот судир за одбрана на нашата татковина“, истакна министерот Тошковски.
„Македонија загуби осум свој синови, луѓе со имиња, семејства и соништа. Тоа беа луѓе кои облекоа униформа не поради должност, туку поради верба дека Македонија колку и да е мала, заслужува мир, безбедност, а пред и над се достоинство! Нивната жртва не е само симбол на трагедија. Таа е симбол на храброст и љубов кон татковината“, заклучи градоначалникот Стефковски.
„Во знак на длабока почит и сеќавање, по повод 10-годишнината од трагичните настани во Диво Насеље, беа пуштени 8 бели балони кон небото – симбол на чест, мир и благодарност. На секој балон беше испишано името на еден од нашите херои кои го положија својот живот за татковината.
Овој чин е тивка, но моќна порака дека нивната жртва не е заборавена. Белите балони го прободеа небото како симбол на нивната вечна слобода и нашата трајна должност да се сеќаваме.
Нека се издигне нашето сеќавање – нека лета нивната храброст!“, соопшти општина Гази Баба.