Економија
МЗШВ: Буџетот нема да биде оштетен со исплатата на лозарите
Државата ќе ги обештети лозарите, буџетот нема да биде оштетен, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, по одлуката на Владата за утврдување на дополнителна помош, како мерка за исплата за продадено винското грозје.
Дополнителната помош ќе им се исплаќа на лозарите коишто го продале своето грозје во периодот од 15 август 2014 година до 15 ноември 2016 година, а коешто досега не им е исплатено од страна на винарските визби кои во тој период биле регистрирани во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и вршеле откуп. За да им се помогне на производителите на винско грозје пред претстојната сезона, со одлуката се предлага продаденото и ненаплатено винско грозје да се исплати од страна на државата.
Дополнителната помош ќе се исплаќа како мерка предвидена во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година. За таа цел Владата вчера исто така ја прифати и предлог-програмата за изменување и дополнување на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година. Во неа, се врши изменување на вкупниот износ на средства во програмата предвидени за растително производство и се додава нова мерка „8-а Дополнителна помош за продадено неплатено винско грозје во период од 15 август 2014 година до 15 ноември 2016 година“.
Висината на дополнителната помош според донесената одлука се утврдува според сортата на продаденото винско грозје која не е повисока од просечната цена за откуп на винско грозје во Република Македонија, која е утврдена по килограм винско грозје на годишно ниво за периодот од 2014 година до 2016 година.
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој по приемот на податоците од страна на Државниот инспекторат за земјоделство, а согласно со висината на дополнителната помош, го утврдува износот на дополнителната помош во решението за исплата по поединечен корисник. Корисникот на дополнителната помош ќе го врати исплатениот износ на дополнителната помош доколку во периодот од три години од денот на исплатата врз основа на судска одлука или исполнување на договорот за откуп/продажба на винско грозје го добие истиот, намален или зголемен износ на име надомест на штета или исполнување на договорот за откуп/продажба на винско грозје. Корисникот на дополнителната помош согласно со владината одлука, средствата ги враќа на сметка на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во рок од 15 дена од денот на наплатата согласно со судската одлука или исполнувањето на договорот за откуп/продажба на винско грозје.
Платежната агенција 60 дена пред истекот на третата година од денот на исплатата на дополнителната помош врз основа на податоците од Управата за јавни приходи врши проверка на исполнувањето на обврската на корисникот.
Врз основа на евиденцијата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и врз основа на анализите на терен од страна на Државниот инспекторат за земјоделство, утврдено е дека голем дел од лозарите кои имаат предадено грозје во текот на 2014, 2015 и 2016 година, сè уште немаат добиено пари.
Оваа одлука не значи дека државата им должи на приватните компании, туку со оваа одлука директно се обештетуваат лозарите, а преку финансиските инструменти на Управата за јавни приходи, парите ќе бидат вратени во буџетот. Мерката се воведува заради одржување на производството на засегнатите лозари на кои досега предаденото грозје не им беше исплатено од страна на винариите. Во насока на заштита на лозарите во делот на исплатата за откупениот род, МЗШВ веќе подготвува и нови измени на Законот за вино, со кои се предвидува воведување меници како гаранција за исплата на откупеното грозје и создавање услови за мали винарии кои ќе ја зголемат конкуренција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците
Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,02 п.п., при што во јануари таа изнесува 2,20%, известува Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,48 п.п. и изнесува 4,73%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска
Економија
Николоски: Растот на превезена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места
Вкупното количество на превезена стока во товарниот патен превоз во четвртиот кварат од 2025 година е за 66, 7 проценти зголемен во споредба со истиот период 2024 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, информира министерот за транспорт, Александар Николоски.
Според него, големиот раст на превезнена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места.
„Државната статистика забележува и зголемување на карго превозот преку авиосообраќајот и тоа за 23, 7 проценти во четвриот квартал од 2025 година во споредба со истиот период 2024 година. Единствено се забележува намалување на железничкиот превоз за 13,4 проценти и тоа се должи на започнатите инфраструктурни проекти на железничката мрежа долж Коридор 10“, вели Николоски.
Ток, исто така, наведе дека во истиот пресметковен период во патничкиот транспорт превезени се вкупно 925 илјади патници, додека во воздухопловниот превоз регистрирани се 889 153 патници што, како што вели, покажува засилен раст како резултат на политиките за финансиска подршка што ги спроведува Министерството за транспорт за воведување на нови авиолинии.
Најмногу од патниците во делот на авиосообраќајот се превезени преку редовни авиолинии, а раст се забележува и кај чартер летовите.
Единствено намалување во четвриот квартал од 2025 година има во железнички превоз на патници и тоа според статистиката превезени се 34 илјади патници.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.

