Македонија
Црногорските социјалдемократи ги номинираа Заев и Ципрас за Нобелова награда за мир

Лидерот на Социјалдемократската партија на Црна Гора, Ранко Кривокапиќ, поднел формална номинација до норвешкиот Нобелов комитет годинешната награда за мир да им се додели на премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас.
Кривокапиќ предлага двајцата премиери да ја добијат наградата поради постигнувањето на преспанскиот договор, со кој се стави крај на 27-годишниот спор за името меѓу Македонија и Грција.
„Со овој историски договор затворено е прашањето што ја блокира европската и евро-атлантската иднина на Македонија и создаваше јаз меѓу двете држави“, изјавил лидерот на СДП.
Тој истакнал дека на тој начин Заев и Ципрас покажале политичка подготвеност да донесат надворешнополитички одлуки, кои се однесуваат на иднината на нивните добрососедски односи и на иднината на Европа.
Нобеловата награда за мир претставува признание за заслуги од областа на обединување на народите, разоружување или намалување на воените потенцијали, политичко и друго образование и одржување мировни конференции.
Ова е втора номинација на Заев и Ципрас за Нобеловата награда за мир. Во декември лани во Скопје добитничката на Нобеловата награда за мир во 2015 година, Уидед Бушамауи, објави дека ги номинирала двајцата премиери за оваа престижна награда.
„Номинацијата не е само лично за Зоран Заев и Алексис Ципрас, туку и за сите граѓани. Ова е модел за дијалог и просперитет. Силно верувам дека Македонија или треба да кажам Северна Македонија и Грција ќе ја добијат Нобеловата награда и ќе бидат доказ за светот дека сѐ може да се постигне со договор. Кога ќе биде ратификуван договорот, тој ќе биде силна порака дека дијалогот е можен“, рече тогаш нобеловката Бушамауи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сајкоски: Собранието е дом на граѓаните, законот за финансирање донесе нова поддршка

На денешниот Саем-Отчет „4 години работа за тебе“ учествуваше генералниот секретар и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, кој порача дека Собранието останува клучен претставнички дом на граѓаните и преку носење квалитетни закони работи за подобрување на нивниот живот.
„Собранието претставува претставнички дом на граѓаните и со самото тоа се труди најмногу да врати на граѓаните преку носење на квалитетни закони, подобрување на законите и сè она што во делот на локалната самоуправа треба да се направи, за да се подобри таа легислатива“, изјави Сајкоски.
Тој посочи дека изминатата година биле донесени суштински закони кои овозможиле на општините дополнителни средства за реализација на значајни проекти. Како пример го наведе законот за финансирање на локалната самоуправа, преку кој општините добиле повеќе средства за развој.
„Собранието донесе и закон за заем со кој се овозможија средства на секоја општина, што до сега не било. Вкупно 80 општини добија поддршка од Владата за да реализираат проекти. Овие проекти што сега се спроведуваат се суштински и неопходни за граѓаните“, истакна Сајкоски.
Македонија
Гори депонија кај Ново Село, под контрола пожарот во „Јасен“, осум се изгаснати

На територијата на Македонија до 18:00 часот се регистрирани вкупно десет пожари на отворен простор, од кои еден сè уште е активен, еден е ставен под контрола, а осум се целосно изгаснати, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Најтешка е состојбата во општина Ново Село, каде што пожарот кој зафатил депонија и сува трева кај селото Колешино сè уште гори и ги мобилизира екипите на терен. Додека таму битката продолжува, во Македонски Брод, во повеќенаменското подрачје „Јасен“, огнената стихија што зафати мешана шума е ставена под контрола, но пожарникарите и шумската полиција и натаму внимателно го следат теренот за да спречат повторно разгорување.
Останатите осум пожари кои денеска предизвикаа сериозни грижи се целосно изгаснати. Во Илинден, кај клучката Инџиково, беше запалено ѓубре на обиколницата, додека во Студеничани и во селото Подвис во општина Кривогаштани огнот зафати сува трева. Слична слика имаше и кај селата Турново и Секирник во општина Босилово, каде што беше зафатена депонија и тревна површина. Во Струга, пак, пожарот во селото Дрслајца, каде што гореше ѓубре, е изгаснат со брза интервенција на екипите.
И во Кичево, кај селото Цер, беше забележан пожар во ѓубре, додека во Куманово, на локацијата Пчињски Пат, огнот зафати сува трева, дрва и дури четири моторни возила на еден авто плац. Во општина Липково, кај селото Ваксинце, беше запалено стрниште, но пожарот таму е ставен под целосна контрола.
Според ЦУК, иако голем дел од пожарите се изгаснати, вниманието останува на теренот, особено во Колешино, каде што пламениците и натаму се шират.
Македонија
Коњановски вети големи проекти, како реконструкција на улици, нов мост и инвестиции во спортот

На денешниот Саем-Отчет под мотото „4 години работа за тебе“, свое обраќање имаше градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој ги претстави проектите и инвестициите што се реализираат во градот.
Коњановски истакна дека општината вложува во инфраструктурата преку целосна реконструкција на улици со водоводна и канализациона мрежа. Според него, веќе е завршена првата третина од комплетната реконструкција на 800-метарскиот влез во Битола – долгогодишен проблем на градот.
„Направивме над 50 километри улици и во урбаните и во руралните средини. Улицата Бурса го решава густиот транспорт, влезот спрема Охрид е дооформен со нов мост, а реконструирани се и неколку поголеми улици како Крушевска Република и Стив Наумов“, изјави Коњановски.
Градоначалникот најави и големи инвестиции во спортот – реконструкција на стадионот „Петар Милошевски“, изградба на нова боксерска сала, велосипедски патеки и памп трака за рекреација.
„Стадионот го подготвуваме во полн сјај за претстојните натпревари, реконструкцијата на јужната трибина е огромен проект за градот. Во непосредна близина изградивме нова боксерска сала на местото на старата руина, а реконструиравме и спортска сала која по многу години повторно ги исполнува условите за Лигата на шампионите“, рече Коњановски.
Покрај тоа, општината веќе изгради два нови паркинга, а со проектите поддржани од Владата се очекуваат уште пет. Битола издвојува и значителни средства за спортските клубови – над 1,5 милиони евра годишно.
„Првите велосипедски патеки се завршени – повеќе од 5,5 километри со комплетно обележување, но тука не застануваме“, додаде градоначалникот.