Македонија
Поместен датумот на „Визер – Скопски маратон“ поради претседателските избори

Поради одржување на претседателските избори, чиј втор круг ќе се поклопи со првичниот датум на одржувањето на 15. издание на „Визер – Скопски маратон“, 5 мај, организаторите донесоа одлука годинешниот маратон да се помести еден ден порано, односно во сабота, 4 мај.
„Датумот ние секогаш го одредуваме една година пред одржување на трката, тоа е една од нашите обврски што ги имаме кон меѓународните асоцијации ИААФ и АИМС. Па, оттаму не можевме да предвидеме дека на денот на одржувањето на 15. Скопски маратон може да се одржат избори во државата. Затоа, одлучивме по официјалното распишување на претседателските избори од страна на претседателот на Собранието, да го преместиме датумот на маратонот еден ден порано. Ова нема да биде ниту прв ниту последен пат да се случат вакви поместувања, како што во минатото било случај и на други маратони во светот. Иако пријавувањето за маратонот е отворено уште од 15 септември 2018, моравме да се одлучиме на ваква тешка одлука за нас во овој момент како би избегнале поголеми штети и последици во организацијата во следниот период. Свесни сме дека оваа непопуларна мерка можеби нема да им се допадне на некои од досега пријавените учесници, посебно на странските тркачи, но се надеваме дека ќе наидеме на нивно разбирање“, изјави Кире Синадиновски, спортски директор на „Визер – Скопски маратон“.
Од Сојузот на спортовите на Скопје им се извинуваат на сите досегашни пријавени учесници за новонастаната ситуација. Сите досега пријавени учесници ќе добијат електронска порака од организаторот, во која ќе биде наведен линк со анкетен прашалник во кој ќе се изјаснат дали ќе може да учествуваат на 4 мај или не за потоа да им се јават организаторите за следните чекори.
Повеќе информации може да се најдат на официјалната веб-страница на „Визер – Скопски маратон“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вреди: Пописот беше дело на ДУИ, Албанците беа оставени како странци во сопствената земја

Вреди остро ја обвини Демократската унија за интеграција (ДУИ) дека создава неправди врз Албанците, а потоа вината ја префрла врз други.
„ДУИ се преправа дека е загрижена за правичната застапеност на Албанците, но вистината е горчлива: тие ја создадоа неправдата што денес ја осудуваат“, стои во соопштението на ВЛЕН.
Оттаму потсетуваат дека Законот за попис бил изготвен и предложен токму од министрите и пратениците на ДУИ, меѓу кои Бујар Османи, Артан Груби, Фатмир Бесими и Арбер Адеми. Тие додаваат дека во законот биле внесени одредби кои, според нив, ги третираат Албанците од дијаспората како странци во сопствената земја.
„Резултатот не е статистичка грешка, туку намерно намалување на бројот на Албанците и напад врз правичната застапеност. Тоа е историска неправда и едно од најголемите предавства на албанската кауза“, наведуваат од Вреди, додавајќи дека додека раководството на ДУИ се занимавало со бизнис интереси, Албанците доживеале неправда од државата.
Во соопштението се истакнува дека Вреди ќе биде коректор на „свесните грешки на ДУИ“ и дека нема да дозволи повторно фалсификување на бројките и достоинството на Албанците.
„Нема амнестија за политичка вина. Времето на измама заврши, сега е времето на албанскиот граѓанин“, порачаа од Вреди.
Македонија
На Табановце се чека до 15 минути за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, соопшти Автомотосојузот на Македонија (АМСМ). Интензитетот на сообраќајот е зголемен, особено надвор од градските средини, поради летните одмори.
На граничниот премин Табановце, времето на чекање за излез од државата изнесува околу 10 до 15 минути. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања ниту при влез, ниту при излез од земјата.
Во меѓувреме, поради пожар во Националниот парк „Јасен“, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје е целосно затворен за сообраќај.
Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, строго да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат внимателно, особено на делниците низ котлини, речни долини и клисури каде што постои можност за појава на одрони. Како критични делници се посочуваат патиштата Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Попладне дожд и грмежи во западните делови

Денеска времето во земјава ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а попладневните часови носат локален пороен дожд и ретки грмежи, особено во западните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер, а долж Повардарието засилен ветер од северен правец. Минималните температури ќе се движат меѓу 11 и 20 степени, додека максималните ќе достигнат од 25 до 33 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со сончеви интервали. Северниот ветер ќе дува умерено, а повремено и засилено. Температурата ќе се движи од утрински 17 до максимални 31 степен.
Според прогнозите, во недела ќе продолжи да дува слаб до умерен северен ветер, а долж Повардарието ќе биде засилен, што ќе предизвика намалување на дневните температури. Од почетокот на следната недела пак, се очекува стабилизирање на временските услови и благ пораст на дневните температури.