Македонија
Заев и Филипче: Издвоивме повеќе средства за здравствената заштита
Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче, се обратија на националниот форум за здравство „За поздрав живот: патот до квалитетна и ефикасна примарна здравствена заштита во Република Северна Македонија“, кој во Скопје беше организиран од Светската здравствена организација (СЗО).
„Создавајќи сигурен и цврст здравствен систем, систем што за сите ќе нуди беспрекорни услуги, Република Северна Македонија истовремено исполнува една од 17-те цели за одржлив развој од агендата за одржлив развој 2030 година на Организацијата на Обединетите нации. Постигнување на целите што се содржани во целта за одржлив развој под број 3, која вели: ‘Обезбеди здрав живот и промовирај благосостојба за сите граѓани, на сите возрасти’ може да се направи исклучиво преку унапредување на превентивната здравствена заштита“, истакна премиерот Заев говорејќи за темата на денешниот форум.

Премиерот истакна дека фокусот на Владата е да обезбеди и гарантира што поквалитетна примарна здравствена заштита за сите граѓани.
„Годинава во буџетот за здравствена заштита се издвоени средства во износ од 30 милијарди денари, што во споредба со 2018 година е речиси две милијарди денари повеќе“, рече премиерот Заев.
За измените на законските регулативи како еден сегмент во настојувањата за подобрување на целокупниот здравствен систем и превенцијата и грижата за мајките и децата, старите и ранливите групи на населението како дел од примарната здравствена заштита, говореше министерот за здравство Филипче, кој пред аудиториумот на форумот ги изнесе и анализите од секундарната и терцијалната здравствена заштита како дел од севкупниот систем.

„Со добар систем за релативно кус период успеавме да ја намалиме смртноста кај новороденчињата. Условите на Клиниката за гинекологија и акушерство ги доведовме на ниво, каде што смртноста кај новороденчињата е намалена 8-процентни поени или од 25 на 18 отсто. Ги подобруваме условите секаде каде има деца на лекување, купуваме нова опрема, образоваме и вработуваме соодветен стручен кадар. Одобрена е набавка за осум мамографи во вредност од 85 милиони денари. Мамографите ќе се дистрибуираат во цела Северна Македонија, онаму каде што е најкритично и во руралните средини. До граѓаните ги доближуваме програмите за скрининг и превенција од рак на дојката и цервикален карцином“, информира министерот Филипче, кој истакна дека со поддршка на СЗО во нашата држава се спроведуваат низа процени на системот за спроведување на здравствените услуги со посебен фокус на примарната здравствена заштита.
На форумот, на кој беа презентирани резултати од истражувања, модели, како и услови за нивна интеграција и имплементација за примарната здравствена заштита во Република Северна Македонија, воведно обраќање имаше и Ханс Клуге, директор на одделот за здравствени системи и јавно здравје во рамките на Светската здравствена организација (СЗО).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Охрид најкритично во Далјан, се излеа и Кочанска река – извештај за состојбата по обилните дождови
Обилните врнежи на дожд предизвикаа зголемен водостој на реките и локални излевања во повеќе делови од државата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), според состојбата до 18:00 часот.
Во Штипско–Кочанскиот регион е регистрирано локално излевање на Кочанска река кај селото Горни Подлог, каде што интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Оризарска река има излевање кај селото Грдовци, а на терен интервенира Водостопанство „Брегалница“, додека полицијата од Кочани го обезбедува подрачјето и го регулира сообраќајот. Зрновска река се излева пред вливот во Брегалница, а состојбата ја следи Регионалниот центар за управување со кризи. Злетовска река и Брегалница имаат зголемен водостој, но без излевање. На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса се интервенира поради одрон.
Во Охрид, најкритична е состојбата во населбата Далјан по излевање на реката Далја. ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат со механизација, додека Територијалната противпожарна единица и Дирекцијата за заштита и спасување со пумпи вршат испумпување на водата од поплавените објекти. Регионалниот центар за управување со кризи Охрид ги координира пријавите преку бројот 112. Кај Коселска река, во правец на селата Ливоишта и Вапила, се преземаат мерки за заштита на патниот правец.
Во Кичево, поради претходните врнежи, дел од површините се заезерени, а состојбата со поплавените објекти на улицата „Прилепска“ е непроменета. ТППЕ, ДЗС и ЈП „Комуналец“ вршат испумпување и обезбедување на теренот, додека Општина Кичево и Црвениот крст се грижат за евакуираните лица.
Во Битолскиот регион, во Општина Битола се вршат теренски контроли од страна на РЦУК и општинските служби. ЈКП „Комуналец“ интервенира во населбата Стрчин, „Македонија пат“ расчистува на регионалниот пат Р-2333, а Водостопанство ја следи состојбата на реките Шемница и Црна. Во Ресен и Демир Хисар се врши испумпување и заштита на загрозените површини.
Во Куманово, Липково и Крива Паланка состојбата се следи од РЦУК, општините и Водостопанство, а „Македонија пат“ и комуналните претпријатија вршат превентивно расчистување и посолување на ризични патни делници.
Во Тетово се интервенира со механизација на патиштата кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Во Мала Речица полицијата и инспекциските служби постапуваат по уривање на потпорен ѕид, а во Желино се интервенира по излевање кај реките Стримница и Палатица. На Попова Шапка, по координација со РЦУК Тетово, патот се расчистува со механизација. Во Гостивар, ЈП „Комуналец“ и Водостопанство преземаат мерки по пријавени излевања.
Македонија
ЗНАМ: Одбивањето лидерска средба е признание за политичка слабост
Движење ЗНАМ за Наша Македонија ја поздрави иницијативата на претседателот на Владата за одржување лидерска средба, оценувајќи ја како одговорен и државнички чекор насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во, како што наведуваат, клучен момент за државата.
Од ЗНАМ реагираат дека денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Филипче, покажала отсуство на капацитет и волја за конструктивен политички дијалог, при што, според нив, наместо аргументи се нудат поделби, навреди и неосновани обвинувања.
„Кога се нема аргументи и резултати, се посегнува по стари сценарија – плашење на јавноста, теории на заговор и етикетирање на политичките противници“, се наведува во реакцијата, додавајќи дека, наместо соочување со сопственото минато, СДСМ повторно бега од разговор и се крие зад техничката влада.
Од Движење ЗНАМ за Наша Македонија нагласуваат дека се залагаат за целосно и непречено функционирање на институциите, одговорно носење одлуки и изнаоѓање конкретни решенија во интерес на граѓаните и државата. Според нив, на Македонија ѝ е потребна политичка храброст и зрелост, а не блокади, уцени и калкулации.
Во соопштението се посочува дека иницијативата за лидерска средба претставува можност релевантните политички чинители да покажат одговорност кон државата и граѓаните, при што одбивањето на дијалог, како што наведуваат, е признание за слабост.
ЗНАМ порачува дека останува определено за транспарентност, почитување на демократските процеси и враќање на довербата во институциите, како предуслови за стабилна држава и јасен, одговорен пат на Македонија кон полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
Променливо облачно утре, дожд и снег најавени за северозападните делови
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, во северозападните делови од земјата ќе има повремени врнежи од дожд, додека на планините се очекува снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од -9 до -2 степени, а максималните од 3 до 9 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви периоди и слаб променлив ветер. Утринската температура ќе се спушти до -6 степени, а дневната ќе достигне околу 4 степени.
Во наредните денови следува нестабилен период. Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и повисоките места од снег, а во пониските предели од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, каде што се очекува и дополнително зголемување на снежната покривка.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер со брзина над 60 километри на час, а ќе има и повремени локални врнежи од снег. Температурите ќе бидат во опаѓање, при што на одредени места дневните температури ќе останат под нула степени.
Од вторник се најавува период на стабилно и суво време.

