Македонија
Бајден во Минхен: Се радувам на денот кога Северна Македонија ќе стане еднаква со другите сојузници во НАТО
Премиерот Зоран Заев во делот на својата агенда од учеството на Минхенската конференција за безбедност, се сретна со поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден.
Како што информираат од владината прес-служба, Бајден упатил силни честитки за статусот поканета земја во НАТО и изразил цврста подготвеност да ја поддржи ратификацијата на Протоколот во американскиот конгрес, како и да ги охрабри парламентарните претставници на другите земји членки на НАТО, истото да го направат колку што е можно побргу.
Поранешниот потпретседател на САД нагласил и дека успехот на Република Северна Македонија е успех и на политиките на САД и на Европската Унија и дека се радува на денот кога ќе биде заокружена ратификацијата на Протоколот и кога Северна Македонија ќе стане еднаков по важност партнер со другите сојузници во НАТО.
Двајцата соговорници на средбата ги потврдиле и идните перспективи за соработка меѓу САД и Република Северна Македонија во повеќе области, со посебен нагласок на прашањата од заедничките безбедносни политики.
Премиерот Заев и членовите на владината делегација – министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на средбата ја изразиле својата и благодарноста на граѓаните за поддршката што низ целиот процес на решавање на спорот со Грција доаѓал од страна на САД и нивните највисоки претставници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

