Македонија
Дескоска: Директната комуникација со граѓаните е најдобро оружје во борбата против лажни вести
Во рамките на своето учество на Регионалниот форум за соработка, „Денешните предизвици, утрешни перспективи: Балканот во 2030“ кој се одржува во Република Грција, министерката за правда Рената Дескоска имаше обраќање на денешната сесија „Борба против лажни вести и дезинформации – Заштита на демократијата во дигиталната ера“.
Зборувајќи за ситуациите во кои граѓаните на нашата земја се најдоа во улога на емитери на лажни вести, каков што беше случајот со тинејџерите од Велес за време на претседателските избори во САД, но и за ситуациите во кои граѓаните биле цел на лажни вести, при што таа посочи случаи за време на референдумската кампања за Договорот од Преспа, Дескоска укажа на можните чекори за заштита на демократијата од лажните вести.
При тоа, министерката истакна дека не го гледа решението во затворањето на веб-порталите или цензурата на интернет, туку со воспоставувањето етички стандарди во работата на медиумите, но и самата Влада.
„Отвореност, транспарентност, навремено информирање и проактивна транспарентност, директна комуникација со граѓаните – тоа е најдоброто оружје во борбата против лажните вести, бидејќи истовремено ја зголемува довербата во Владата“, истакнала Дескоска, а информираат од министерството за правда.
Министерката како втора значајна работа што може да се направи за да се намали негативното влијание на лажните вести, го навела фокусирањето кон консументите на вестите и нивната навремена едукација.
„Лажните вести се последната епизода на најстарата војна – војната помеѓу лагата и вистината. Во сказните, вистината секогаш победува. Во денешниот свет, победникот претендира да биде носител на вистината, бидејќи историјата секогаш ја пишуваат победниците“, потенцирала Дескоска.
Регионалниот форум за соработка во Република Грција е платформа која овозможува прогресивен дијалог меѓу клучните актери од политичката, економската, академската, бизнис заедницата и граѓанското општество на Балканот, истакнуваат од министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Алжир, Абделмаџид Наaмун
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Алжир, со седиште во Букурешт, Абделмаџид Наaмун.
Неговото именување, како што рече претседателката, е уште една потврда за добрите македонско-алжирски односи, втемелени на заемно разбирање и почит.
За неа, посветениот и професионален ангажман на амбасадорот Наамун ќе придонесе кон продлабочување на пријателските и партнерски односи на билатерален и мултилатерален план.
Истакнувајќи дека обете држави имаат богата историја и вредно културно наследство, Сиљановска-Давкова очекува интензивирање на соработката во културата, образованието и туризмот, како и во рамките на ООН и другите меѓународни организации.
На церемонијата, новоименуваниот амбасадор Абделмаџид Наaмун ја истакна својата желба да гради нови мостови на пријателство и меѓусебно разбирање.
Двајцата изразија загриженост за геополитичките предизвици со коишто се соочени сите држави и народи, без оглед на географската положба и големина. Тие ја потенцираа потребата од мултилатерализам како соодветен одговор и механизам за решавање на проблемите.
Сиљановска-Давкова и амбасадорот Наамун се согласија дека донесувањето правна рамка за регулирање на меѓусебните односи, како и размената на посети на највисоко ниво ќе ја поттикат соработката.
Соговорниците имаа усогласен став и во однос на потребата од реформи во Обединетите нации, како и за неопходноста од назначување на жена на највисоката позиција – генерален секретар.
Македонија
Петрушевски: Оставката на Љупчо Коцевски е значајна победа за правната држава
За првпат и самиот обвинител го признава тоа што целата јавност го кажуваше: дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт. Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот“, вели тој.
Според Петрушевски, оставката е јасен сигнал за крајот на практиките на заштита на поранешната власт на СДС и ДУИ и почеток на процесот на департизација и европеизација на јавнообвинителската дејност.
„Оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение. Ова е јасна порака дека никој не е недопирлив“, вели Петрушевски.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.

