Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и Заев на граѓаните им донесоа поголеми давачки

Владата на СДСМ и Заев ја доведоа економијата во Република Македонија пред целосен колапс, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на соопштението на СДСМ во кое се наведува дека растот на индустриското производство во 2018 година е највисок во последните седум години.
Од опозициската партија ваквите информации од СДСМ ги оценуваат како обид да се дефокусира јавноста со лажни соопштенија.
„Економијата стагнира, цените се качуваат, а стандардот на граѓаните е во пад. За прв пат државниот долг ја надмина психолошката граница од над 5 милијарди евра, додека пак државниот долг порасна над 4 милијарди евра. ММФ оцени дека растот на БДП во 2018 година ќе биде 2%, што е многу далеку од ветените 5%“, се вели во партиската реакција.
Во неа се додава дека индексот на трошоците за живот во 2018, наспроти 2017 е пораснат за 1,5%, а индексот на цените на мало пораснат е за 2,7% .
„Ова покажува дека СДСМ и Заев на граѓаните им донесоа поголеми давачки и наместо парите да одат кај граѓаните тие одат кај криминалниот картел на власт. СДСМ донесе уназадувања, порази и црнила на секое можно поле. Криминалот, корупцијата, насилството, сиромаштијата и бедата се вистинската слика која што ја донесе СДСМ и Зоран Заев“, велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека време е од владејачката партија да ги извадат розевите очила и да ја видат правата слика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Филипче: Пораката на Венецијанската комисија е јасна, реформи за независно судство

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ што се одржа вечерва во Маврово и Ростуше, нагласи дека денешната порака на Венецијанската комисија е јасна- потребни се итни реформи за независно судство.
„Денеска стигна известувањето од Венецијанската комисија и јасно укажуваат дека се потребни реформи во правосудниот систем. Како никогаш до сега, пред неколку месеци, се обидов да ја променам политичката култура и бев на состанок кај премиерот. Една од работите за коишто разговарав беше заеднички да работиме на реформистката агенда, да ги донесеме сите реформски закони во правосудството, за да се придвижи тој сегмент напред, да се придвижиме кон Европа така како што сите очекуваат од нас, така како што нашите граѓани сакаат тука да видат“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присустните тој посочи дека и покрај сите обиди на СДСМ за реформи во судството, власта не прифатила ниту една забелешка.
„И покрај тоа што формиравме наш експертски тим, нашите забелешки за реформските закони, никој не ги зема предвид. Одговор од Министерството за правда, до сега немаме. Ниту еден од 12 закони кои се дел од реформската агенда, не само што не се донесени во Собрание, тие до ден денес не се ни поднесени“, рече Филипче.
Затоа, како што кажа Филипче овој изборен циклус е важен и историски, циклус од кој зависи иднината на државата и на граѓаните.
„Овој изборен циклус ќе биде сериозен знак за оваа власт, ќе испратиме силна порака дека се некадарни, дека се незаинтересирани, дека немаат капацитет. И затоа, мораме масовно да излеземе на гласање во недела. Секој еден од нас, од нашите семејства, нашите пријатели, да го заокружиме бројот пет, тука во Маврово Ростуше, во целата држава. Не може една мала група на луѓе да ја држи во заложништво оваа држава, не може да се поигруваат со судбината на сите граѓани. Ова е прогресивна држава, прогресивен народ кој сака реформи, кој сака можности, кој сака напред во Европа“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Соопштенија
Мицкоски: Венко на власт и Венко во опозиција е различен за 180 степени

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг повика на масовност на изборите на 19 октомври и укажа дека вистинскиот избор за Делчево е Иван Гоцевски.
Мицкоски се осврна и на состојбата во СДСМ и однесувањето на претседателот на партијата, Венко Филипче.
„Сакам да обрнам внимание на еден парадокс кој се случува, гледајќи ја кампањата на нашите конкуренти. Го слушам Венко како на државава ѝ се случувало цунами, од лошо – полошо. Бил загрозен домот, семејството, луѓе почнале да се иселуваат, имало нечесни игри, ама судиите биле професионалци. Инфлацијата галопирала и не знам што уште не. Каде беа тие пред година и половина, тие заедно со ДУИ беа власт седум години. Ние не почнавме од прозорците, фасадата, кровот на нашиот дом. Почнавме од темелите. Сменија име, устав, донесоа двоцифрена инфлација, профитираа од тендери, дури и од вакцини правеа профит. Ветуваа дека ќе ги донесат Фејсбук и Гугл, а единствената инвестиција беше таа во фабриките за марихуана“, рече Мицкоски.
Се прашувам, додаде Мицкоски, „дали човеков е свесен дека ако се слушнат говорите и настапите на Венко кога тие беа власт и сега кога се опозиција, тоа се два комплетно различни света“.
„Венко на власт и Венко во опозиција е различен за 180 степени, или сега е Венко против Венко. Проблем е што мислат дека со ваквите настапи ќе ја продолжат истата песна и мислат дека народот има кратко помнење, но не е така“, посочи Мицкоски.
Соопштенија
Гоцевски: Ќе го оживееме Голак гордоста на Делчево, a младите ќе ги поддржиме со стипендии

Иван Гоцевски, кандидат за градоначалник за општина Делчево од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати и истакна дека главен столб на предизборната програма е локалниот економски развој и подобар животен стандард за граѓаните на Делчево.
„Делчевчани заслужуваат иднина, иднина создадена врз основа на реален план, знаење и силен капацитет на нашиот народ, делчевчани заслужуваат секој дом да добие доволно количини и квалитетна вода за пиење. Ќе го реконструираме главниот доводен цевковод за град Делчево, и ќе ги поврземе селата Вирче, Град, Стамер, Ѕвегор, Полето, Габрово, Очипала. Главен столб на нашата предизборна програма е локалниот економски развој и подобар животен стандард за сите граѓани, со серија на мерки, политики и активности ќе поставивме темели за локална заедница, за одржлив раст и развој, безбедноста, заштитата и пред се здрава и хумана животна средина се наш приоритет околу кој ќе ги обединиме сите чинители за подобрување на состојбите“, истакна Гоцевски.
Гоцевски наброи дел од приоритетните проекти на изборната програма.
„Ќе го оживееме Голак гордоста на Делчево, ќе ги поддржиме младите со стипендии, стажирање, кариерни центри и манифестации, ќе ја дигитализираме општината, е-седници на Совет, е-општина, подостапни и надградени електронски услуги, нов објект за дневен престој на нашите најмлади, отворање на нов дом за стари лица, многу нови урбани содржини за подобар јавен живот за сите возрасти, значително ќе го зголеми обемот на урбана, зелена површина, ќе воспоставиме нова програма за нов зелен катастар, велосипедски патеки и субвенции за енергетски фасади и инвертери, ќе поставиме мерни станици за квалитет на воздух и вода, фиксни точки за рана детекција на пожари, од локалната патна инфраструктура изградба на нов булевар „Индустриска“ во централното подрачје, изградба на нови кружни текови и нов мост на реката Брегалница, изградба на улици со тротоари, изградба на улици во населбата Ѕвегорска река, решени сме да изградиме модерни сообраќајници до секое домаќинство, конечно започнува со реализација на проектот за експресниот пат Делчево-Виница-Кочани“, истакна Гоцевски.
На крај Гоцевски ги повика граѓаните да гласаат на 19 октомври, и да ја поддржат неговата визија и советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ.