Македонија
Коневски: Мицкоски да сноси одговорност за евентуалниот неуспех на изборите

Членот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, јавно го повикува лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, во наредниот период да се посвети на многубројното членство.
„Мицкоски, место да се занимаваш со својата позиција и преку медиумите и колумнистите блиски до тебе да ги обвинуваш партиските неистомисленици, многу пати досега ти укажав дека мора да покажеш конструктивност и да го обединиш членството, затоа што тоа е неопходно за ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот успех на претстојните претседателски избори“, пишува Коневски.
Тој исто така додава дека доколку партијата загуби, Мицкоски како актуелен претседател, ќе мора да понесе одговорност.
„На професорката Гордана Силјановска – Давкова ѝ посакувам успех во трката за претседател, што истовремено ќе биде и тест за партијата и нејзиното раководство. Од срце посакувам да победиме, но за да се случи тоа, потребно е обединување. За жал, многу квалитетни и искусни луѓе во моментов се тргнати на страна од партијата, а можат и сигурен сум дека сакаат да му помогнат на ВМРО-ДПМНЕ“, неведува Коневски во обраќањето кое е објавено и на „Фејсбук“.
На крајот тој констатира дека независно од обидите да се релативизираат резултатите од претседателските избори, за евентуалниот неуспех, одговорност мора да има. Во тој контекст, потсетува дека Никола Груевски поднел оставка од позицијата претседател на партијата по поразот на локалните избори во 2017 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче од Кавадарци: ВМРО-ДПМНЕ им го сврте грбот на лозарите

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска во Кавадарци, имаше средба со лозари, на којашто се разговараше за состојбата во земјоделството.
Во обраќањето пред лозарите, Филипче посочи дека за една година ВМРО ДПМНЕ ги понижи и осиромаши сите земјоделци вклучително и лозарите.
„ВМРО ДПМНЕ беа гласни за земјоделците пред изборите, ветуваа се и сешто, а само за една година покажаа дека не го вреднуваат ниту трудот на земјоделецот, ниту ги интересира развојот на земјоделството особено на стратешките гранки како што е лозарството и винарството. Ги стопираа програмите за финансирање на мали семејни винарии. Ланската 2024 година е прва година кога немаше субвенции за килограм предадено винско грозје, додека претходните години беше по 2 или 3 денари за килограм во зависност од приносите на грозје во тековната година. Во програмата за субвенционирање на лозарството укината е и мерката за субвенционирање на хектар лозов насад во висина од 60.000 денари по хектар за производство на грозје за високо квалитетни вина, што како мерка беше во програмата за субвенционирање во 2024 година“, рече Филипче.
Говорејќи за потребата од поддршка на лозарството и винарството како наши извозни се стратешки гранки, Филипче потсети дека Владата на СДСМ во својот мандат, заедно со лозарите, со винариите, донесе низа мерки и нови политики за поголема поддршка на овој сектор.
„Со Законот за вино се загарантираа најниските откупни цени на грозјето, и како резултат на овие измени во 2024 година се постигна највисока просечна откупна цена кај сите вински сорти. Се олеснија условите за формирање на мали семејни винарии кои дотогаш не беа во можност да се формираат и регистрираат како такви. Воведовме нови програми за поддршка на малите винарии, беа доделени над 150 грантови од по 10 илјади евра, за набавка на опрема и за модернизација на малите семејни винарии. Лозарите беа опфатени и со мерката за субвенции за зелена нафта и со моделот за авансна исплата на субвенциите“, рече Филипче.
Македонија
Коријада во Кисела Вода: Собраните средства ќе бидат наменети за семејствата на настраданите во Кочани

Во паркот „Шопен“ денес се одржа традиционалната манифестација „Коријада“, организирана од Здружението на пензионери на Општина Кисела Вода.
На штандовите, посетителите имаа можност да купат бели печива, подготвени лично од членовите на здружението. Средствата собрани од продажбата оваа година ќе бидат наменети за семејствата на настраданите и повредените од трагичниот настан во Кочани.
Покрај продажбата на печива, настанот беше збогатен со културно-уметничка програма. Настапија играорни групи, пејачи од Здружението, како и хорот „Вања Лазарова“.
„Горди сме на нашите пензионери кои и покрај годините, со неисцрпна енергија, ентузијазам и хуманост го збогатуваат општествениот живот во Кисела Вода. “Коријадата” не е само манифестација на традиционална кујна, туку и симбол на солидарност, култура и човечност. Општина Кисела Вода и понатаму ќе стои цврсто зад ваквите иницијативи, кои не само што негуваат вредности, туку и оставаат вистинска трага во животите на луѓето“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Арсовска: Доставивме нови документи до Обвинителството со фалсификатите на Висар Ганиу

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, објави дека доставила нови документи со, како што вели, фалсификатите на Висар Ганиу, Ејуп Адеми, Бујар Аземи и нивните партнери.
„Ова нема да го видите на МТВ, Сител, Алфа….Криминал од епски размери, а корумпираните институции не постапуваат. Ако е пред избори леле сега ли ти текна, ако е после избори што не кажа порано. А ЕДИНСТВЕНО ВАЖНО ВО МАКЕДОНИЈА Е ДЕКА НЕМА ПОГОДНО ВРЕМЕ ЗА ОТКРИВАЊЕ КРИМИНАЛ!
Граѓаните се охрабруваат! Денес од лица кои се оштетени од криминалите на Висар Ганиу, доставени се над 20 нови докази за фалсификати направени од страна на неговата организирана криминална банда.
Висар Ганиу не може да уништи толку документи, колку што до нас пристигаат секојдневно и нови докази.
Денес доставивме нова документација со фалсификатите на Висар Ганиу, Ејуп Адеми, Бујар Аземи и нивните партнери соучесници, во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција дали се слушаме? Бујар Аземи поднел барање до општина во 2011 година за легализација на десетици станови кога имал 16 години, за зграда која ја градел во 2024.
Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје, известувач и портпарол за етика и спречување корупција на Конгресот на Совет на Европа“, објави Арсовска.