Свет
Европа не ги сака назад своите граѓани борци на ИД како што бара Трамп
Трамп побара од европските земји да ги вратат дома и судски да ги гонат џихадистите заробени во Сирија, но барањето наиде на доста мешана реакција, при што Германија изрази правна загриженост во врска со ваквиот потег, а Данска одлучно и потполно го отфрли барањето, пренесува РТ.
Барањето беше објавено на твитер-профило на американскиот претседател во неделата: „Опциите за Европа се едноставни – да ги вратат назад исламистите од Исламска држава или САД и милитантите во Сирија што им се подредени ќе бидат принудени да ги ослободат“.
Повикот беше слушнат, но некои земји категорично го отфрлија.
„Зборуваме за најопасните луѓе на светот. Не треба да ги вратиме”, рече портпаролот на данската премиерка, Ларс Локе Расмусен, отфрлајќи го повикот на Трамп како избрзан и тврдејќи дека ситуацијата во Сирија е далеку од стабилна.
Германија беше посуптилна во отфрлањето на барањето на Трамп објаснувајќи дека, теоретски, германските државјани кои се бореле во редовите на ИД имаат право да се вратат, но дека, сепак, одредени правни пречки го спречуваат нивното враќање во моментот.
Белгиската влада беше фатена на препад од објавениот ултиматум, па белгискиот министер за правда, Коен Генс, го обвини Трамп дека ги непријатно ги изненадил европските сојузници со своето барање.
Без директно да одговори на барањето на Трамп, францускиот државен секретар, Лорен Нуњез, изјави дека Франција верува оти курдските милиции, поддржани од САД, нема да дозволат заробените џихадисти од Франција да се движат слободно.
„Станува збор за Курдите и ние имаме потполна доверба во нивната способност да ги сочува џихадистите в затвор“, изјави Нуњез за францускиот радиодифузер БФМТВ во неделата.
Сепак, тој ја прифати можноста дека Франција на крај можеби ќе мора да се справи со враќањето на странските борци, но нагласи и дека за сите нив има тековни судски постапки и дека сите ќе завршат в затвор.
Во Велика Британија, каде што актуелната сага околу британската џихадистичка невеста Шамима Бегум ја разгори дебатата дали да ги вратат назад британските државјани кои се бореа со терористите во Сирија, се чини дека постојат две мислења.
Британскиот министер за внатрешни работи, Саџид Џавид, се залага за одземање на британското државјанство на опасните поединци кои се враќаат во Британија, истакнувајќи дека оваа опција, една од неколкуте достапни, досега е применета повеќе од 100 пати. „Втората опција, според Џавид, е да се гонат повратниците без оглед на нивната возраст и пол.
Секретарот за култура, Џереми Рајт, беше помек во својата реторика, па во неделата изјави дека обврска на владата е барем во некоја фаза да ги земе назад овие борци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

