Македонија
Снежен град од 19 до 24 февруари на Попова Шапка
Детскиот културен центар „Карпош“- Скопје по 42 пат ќе ја организира и реализира традиционалната детска манифестација „Снежен град“ – 2019.Манифестацијата ќе се одржи од 19 до 24 февруари 2019 година на Попова Шапка. Градителите ќе бидат сместени во хотел „Славија“- ЕЛЕМ, кој е и соорганизатор на манифестацијата.
Учесници радители на снежниот град се ученици од основни училишта од повеќе градови од Македонија: Скопје, Куманово, Виница, Тетово. Сите тие се екипирани по десетина деца со свој ментор и со потребните алатки градат своја склулптура и ја прикажуваат својата креативност и умешност. Децата кои учествуваат на „Снежен град“ користејќи ја својата фантазија, се вистински уметници кои си играат со снегот и го претвораат во објект што тие си го замислиле.Веруваме дека како и секоја година ќе направат впечатливи, уметнички скулптури.
Во рамките на манифестацијата се одржуваат и други активности од забавно-рекреативен карактер, како избор на снежна убавица, спортски игри и натпревари во пинг-понг, билијард, шах, Училишна квизотека, пикадо, снежен крос, најслатка бонбона, снежно бинго, бал под маски и, се разбира, забава, танцување во дискотека за учесниците на „Снежен град“.
На 24 февруари во 11 часот децата градителите заедно со директорката на ДКЦ „Карпош“, д-р Билјана Лалчевска-Серафимовска, ќе го претстават и свечено ќе го отворат „Снежниот град“ за сите посетители кои ја сакаат оваа уметност и ќе ги разгледаат ремек-делата на малите креативци направени од снег.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Перински: Средбите со градоначалниците и советниците ми даваат јасна слика за потребите на општините
Во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински заедно со заменик министерот, Ерџан Селими остварија средба со градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски и претставници на Советот на општината.
На средбата со градоначалникот Мицевски беше разгледана динамиката на спроведување на проектите одобрени во рамки на вториот јавен повик од потпрограмата АА за инфраструктурни проекти во општините. Општина Сопиште, преку двата јавни повика, доби поддршка за 11 проекти, со вкупна вредност од 54.016.646 денари.
На средбата со советниците се разговараше за клучните активности на Министерството како и за воспоставениот Ресурсен центар за поддршка на општините.
„Во рамки на центарот веќе се подготвуваат неколку прирачници кои ќе им ја олеснат работата на новоизбраните градоначалници“, нагласи министерот.
Перински го презентираше Прирачникот „Патоказ за ефикасно локално управување“, изработен како едно од првите продукти на Ресурсниот центар. Документот е осмислен да им даде јасна поддршка на новите градоначалници во почетниот период од мандатот преку конкретни чекори, препораки и насоки за клучните процеси и додаде дека ќе биде доставен до сите градоначалници низ државата.
Nајави и дека е во тек развојот на дигитална алатка преку која општините ќе можат лесно и брзо да побараат поддршка, да преземат корисни документи за секојдневната работа, да се информираат за новитети од нивен интерес и директно да комуницираат со Министерството за локална самоуправа.
„Она што го презентираше министерот само ја потврдува вредноста на прирачникот како документ кој ќе ни ја олесни работата и ќе нè води низ процесите“, истакна Мицевски.
Македонија
Почна доградбата на ООУ „Јоаким Крчоски“ во Ѓорче Петров, инвестиција од 42 милиона денари
Општина Ѓорче Петров денес официјално го потпиша договорот за доградба на ООУ „Јоаким Крчоски“, со што започнува реализацијата на инвестиција вредна 42 милиони денари.
Проектот опфаќа проширување на училиштето со современ, функционален и енергетски ефикасен простор со површина од околу 600 метри квадратни, целосно прилагоден на потребите на учениците и наставниот кадар.
Со доградбата, училиштето ќе добие осум нови училници на две нивоа, придружени со нови санитарни простории, современ скалишен простор и комуникациски ходници, како и нов влез кој ќе го поврзува проширениот дел со постојниот објект. Преку т.н. „топла врска“ ќе се обезбеди непречено движење и целосна интеграција на новиот дел со училиштето, што значително ќе го подобри функционирањето и ќе обезбеди подобри услови за сите.
Во новиот објект ќе биде инсталиран и модерен систем за греење и ладење со топлинска пумпа, кој ќе овозможи висока енергетска ефикасност и стабилна температура во текот на целата година, создавајќи пријатна и продуктивна средина за учење.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, истакна дека проектот е директна инвестиција во иднината на најмладите.
„За нас, најмладите се највисок приоритет. Со оваа доградба, создаваме подобри услови за работа, поголеми капацитети и современо училиште какво што им доликува на нашите деца – модерно, безбедно и подготвено за иднината“, рече Стојкоски.
Македонија
„Син ми многу сакаше кафе, напијте се”: мајка на загинато дете ги послужи новинарските екипи на паузата од судењето
На првата пуаза од судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, откога многумина бранители побараа одлагање на судењето и нова листа на докази бидејќи Обвинителството ги спои постапките за дискотеката „Пулс“ и за агенцијата „Рубикон“, мајка на едно од загинатите деца пред објектот на судницата ги послужи со кафе новинарските екипи и семејствата на загинатите.
„Никаде не одиме без кафе, син ми многу пиеше кафе. Ајде напијте се“, рече таа.

Во тек е пауза на судењето. Судијката одобри 15 минути пауза затоа што голем број од обвинетите побараа пауза за тоалет.

