Македонија
(Видео) Мас: Ципрас и Заев се вистински европски лидери
Наградата „Евалд фон Клајст“, што Минхенската конференција за безбедност ја доделува како признание за особен придонес за мирот и стабилност во светот и за афирмација на принципите на трансатлантската алијанса, на двајцата премиери, Зоран Заев и Алексис Ципрас, им ја врачи министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас.
„Конфликтот за име никогаш не е само борба меѓу зборови, а конфликтот меѓу Скопје и Атина никогаш не беше само за името. Тој допираше подлабоки прашања, тој допираше до идентитетот“, рече Мас.
Додаде дека последиците од конфликтот биле сериозни и се попречувала економската интеграција на целиот регион, забавени биле евро-атлантските интеграции и конфликтот бил постојан извор на спорови меѓу двете земји, и тоа не само меѓу нив, туку и во меѓународните односи, меѓутоа Заев и Ципрас покажале храброст да се согласат на болни компромиси и да се борат за договорот од Преспа и покрај силната спротивставеност во двете земји.
„Не можам да се сетам на многу шефови на влади, господине премиер Ципрас, кои останале на своето и покрај опасноста тоа да стави крај на нивната коалициска влада. Двајцата ѝ пркосевте на ситуацијата. Решавањето на прашањето за името никогаш не беше едноставна задача. Стотици дипломати од вашите земји, од ООН, од Европската Унија, од НАТО, бараа решение и под дрво и под камен. Во изминатите години специјалниот пратеник на ООН, Метју Нимиц, предложи десетина имиња. Всушност, кога тој почна да работи на ова прашање, вие двајца сè уште студиравте. А вашите министри за надворешни работи, моите колеги Никола и Никос, минаа денови и мошне долги ноќи преговарајќи меѓу себе. На сите ним им должиме почит и благодарност“, рече Мас.
Додаде дека по потпишувањето, шансите за спроведување на договорот биле многу мали, се водела и огромна кампања против договорот, но надежта им го вратила оптимизмот на лидерите.
„Кога го прашав премиерот Заев како да го насочиме договорот низ фазата на ратификација, тој се насмевна и рече: ‘Да беше лесно, немаше да мора ние да го правиме’. Таков беше духот на преговорите, тој беше гаранцијата за успех. Успеавте да ја свртите страницата на конфликтот од минатото, отворивте ново поглавје на добрососедски односи. Ѝ го поплочивте патот на Северна Македонија да стане најновиот сојузник на НАТО и бргу да се придвижи кон Европската Унија“, додаде Мас.

Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас на потпишувањето на преспанскиот договор
Тој истакна дека Евалд фон Клајст се одликувал со многу од особините што ги покажале Заев и Ципрас. Ги одбил сите форми на национализам, покажал огромна храброст кога се приклучил на силите на отпорот за да стави крај на нацистичкиот режим. И никогаш, како што рече Мас, не престанал да верува во способноста на луѓето заеднички да работат во полза на мирот.
„Не можам да се сетам на други двајца подостојни приматели на наградата ‘Евалд fон Клајст’ од вас двајца, Алексис Ципрас и Зоран Заев. Ви честитам за наградата и ви благодарам што сте вистински европски лидери“, додаде министерот во обраќањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алиу: Континуирано ги унапредуваме здравствените услуги во Клиничката болница во Битола
Министерот за здравство Азир Алиу денеска беше во посета на Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола.
Со цел обезбедување квалитетна и достапна здравствена грижа, во болницата се вработени четворица нови специјалисти кои од приватниот сектор преминаа во јавното здравство – интервентен кардиолог, инфектолог, интернист и дерматовенеролог. Со тоа е комплетиран тимот за кардиологија, а во план е развој на клиничка електрофизиологија со имплантација на пејсмејкери, соопштија надлежните.
– Битола е првата болница во државата која почна со децентрализација на онколошката терапија – секоја недела лекар од Клиниката за радиотерапија и онкологија работи со пациентите во Битола, со што се намалува потребата тие да патуваат во Скопје за консултации и контроли. Во рамки на поддршката од Владата и Министерството за здравство, болницата е зајакната со нова медицинска опрема, меѓу која нов дигитален рендген апарат, биохемиски и имунолошки анализатори, современ апарат за ФАКО метода и нов ехо апарат за офталмологија, како и нов дигестор за одделот за патологија“, посочи Алиу.
Во изминатиот период, како што беше истакнато, примени се 11 приватни специјализанти, а целосно е реализиран и огласот за вработување на 53 лица медицински персонал, со што се подобрува функционалноста на сите оддели и одговорот на потребите на пациентите.
-Нашата цел е секој регион да добие болница со современи услови, мотивиран кадар и највисок стандард на здравствена грижа. Клиничката болница во Битола е пример како со посветеност, вложувања и стратегија, можеме да создадеме модерен регионален центар кој е поблиску до граѓаните и ги нуди сите потребни услуги на место, изјави Алиу.
Со овие инвестиции, велат од министерството, Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола станува модерен регионален центар, со силен кадар, современа опрема и системска грижа која ја приближува здравствената услуга до секој пациент.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, во вечерните часови ќе има повремени локални врнежи од дожд
Времето утре, променливо облачно со сончеви периоди. Во вечерните часови и во текот на ноќта во северните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно, во вечерните часови и во текот на ноќта ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб северен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Под влијание на серија влажни воздушни бранови од утре во вечерните часови до понеделник следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни и во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m²).
Македонија
Ученици и наставници од Скопје и Таранто во посета на Собранието
Ученици и наставници од СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ од Скопје и „Principessa Maria Pia“ од Таранто, Италија, денеска го посетија Собранието на Република Северна Македонија, каде што остварија средба со пратенички од Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Клубот на пратенички.
Средбата се реализираше во рамките на соработката меѓу двете училишта преку Еразмус+ програмата, како дел од заедничкиот проект „Родовата рамноправност и улогата на жената во општеството во различни култури“.
Со работата и надлежностите на Комисијата, младите гости ги запозна претседателката Жаклина Пешевска, која им посака добредојде и истакна дека едукацијата за еднаквите можности и рамноправноста меѓу мажите и жените започнува уште од најраната возраст.
Во дискусијата учествуваа пратеничките Велика Стојкова-Серафимовска и Моника Зајкова.
Пратеничката Стојкова-Серафимовска зборуваше за значењето на соработката меѓу жени со различна културна и етничка позадина во мултиетнички општества, какво што е и нашето. Таа нагласи дека меѓусебното разбирање и поддршка се клучни за создавање инклузивна и праведна заедница.
Пратеничката Зајкова се осврна на застапеноста на жените во политиката, предизвиците со кои се соочуваат жените во јавниот живот, како и на прашањата поврзани со фемицидот и потребата од континуирана институционална поддршка за родовата еднаквост.
Учениците поставуваа прашања и отворија плодна дискусија за улогата на жените во современите демократии. Пратеничките споделија лични искуства и примери од својата работа, охрабрувајќи ги младите да бидат активни граѓани и поддржувачи на еднаквите можности.
Посетата заврши со организирана обиколка на зградата на Собранието, при што гостите се запознаа со историјата и функционирањето на највисокиот претставнички дом.
„Оваа средба претставува уште еден пример за важноста на образовната соработка и младинската размена во промовирањето на демократските вредности, меѓу културниот дијалог и родовата еднаквост“, велат од Собранието.

