Македонија
Консултативен форум во Полошкиот Плански Регион

Министерството за локална самоуправа со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка, денеска организира консултативен форум за утврдување на развојните приоритети во Полошкиот Плански Регион.
Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, истакна дека во спроведувањето на политиката на рамномерен регионален развој се вклучени голем број субјекти на централно и локално ниво, речиси сите министерства и општините, неопходна е координација меѓу централната и локалните власти, но и консултација со граѓаните и со бизнис-секторот.
„На крајот од овој консултативен процес ќе биде финансиран проектот што ќе го изберат самите граѓани. Приоритетниот проект во Полошкиот Плански Регион ќе биде финансиран во врдност од 111 илјади швајцарски франци. Граѓаните треба да учествуваат, да покажат активен однос во процесите на донесување одлуки и да ја контролираат власта. Секогаш вреди да се биде активен и ангажиран граѓанин затоа што само на тој начин може да се направат суштински промени“, рече министерот Фазлиу.
Министерот за локална самоуправа истакна дека рамномерниот развој на државата е императив во спроведувањето на развојната политика затоа што има големи развојни разлики меѓу планските региони, а уште повеќе во рамките на една општина, меѓу урбаните и руралните населени места.
„Владата направи максимален напор веднаш на почетокот на мандатот да ги менува работите. За оваа година за рамномерен регионален развој се издвоени 7 милиони евра буџетски средства, што е 100 отсто повеќе во однос на 2017 година“, рече Фазлиу.
Консултативни форуми се организираат во сите осум плански региони. Во секој плански регион финансиски ќе биде поддржана реализација на по еден проект што во процесот на консултација ќе го изберат граѓаните за што се обезбедени 850 илјади швајцарски франци. Приоритетниот проект во најразвиениот, Скопскиот Плански Регион, ќе биде финансиран со 60 илјади, а во најмалку развиениот, во Североисточниот Плански Регион, со 145 илјади швајцарски франци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За три дена, 109 повредени од Кочани доставиле барања и предлози на телефонската линија на Владата

109 граѓани за три дена од пуштање на телефонската линија за повредените лица и нивните семејства, која е во директна комуникација со Канцеларијата на Ппретседателот на Владата, ја искористиле можноста и доставиле свои барања и предлози, соопштија од Владата.
Од таму велат дека тоа покажува дека оваа телефонска линија дава резултат и дека Владата е отворена за секаква сугестија и идеја.
„Како Влада преку низа на мерки помагаме за помош на повредените и нивните семејства. Ова е заедничка борба и нема да отстапиме од неа, бидејќи секој граѓанин има право на соодветна здравствена заштита и медицинска нега, токму поради тоа како Влада донесовме одлука за рехабилитација во Пониква на повредените лица кои се во стабилна здравствена состојба, но им е потребна дополнителна медицинска услуга. Тим на лекари од 10 јуни до 20 август во рехабилитацискиот центар Пониква на сите лица ќе им пружат дополнителна медицинска грижа, но и психолошка поддршка“, велат од Владата.
Од таму ги повикуваат и ги охрабруваат сите повредени лица кои се засегнати да се јават на телефонскиот број 070/355-526 и да ги изразат своите барања и потреби.
Македонија
Сончево време, попладне локален дожд

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне ќе има услови за локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 26 до 35 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Од денеска следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена локална облачност. Дневните температури ќе бидат без значителни промени.
Македонија
Мурал од балкански рис исцртан на фасадата на Театар Комедија

Со мурал од балкански рис и мала прослава, Македонското еколошко друштво вчера го прослави Светскиот ден на рисот.
„Конечно најдовме дом за муралот, најдовме и артист кој го нацрта, и најдовме човек кој има визија и кој е отворен за соработка, а тоа е директорот на Театар Комедија – Дарко Спасов. Целта ни е со овој мурал да ја подигнеме јавната свест, не само на рурално туку и на урбано ниво. Кога работите ќе згуснат ни треба секаква поддршка, од секоја популација“, изјави раководителот на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, Диме Меловски.
Тој се заблагодари на поддршката од Театар Комедија и директорот Дарко Спасов.
„Велат исти птици во исто јато летаат“, вели директорот Спасов, кој го изрази своето задоволство од соработката со Македонското еколошко друштво.
Освен муралот на фасадата на Театар Комедија, пред објектот поставена е и инфо табла со основните податоци за рисот, како и QR код кој води до новата интернет страница посветена на балканскиот рис: balkanlynx.com.
По поздравните обраќања, присутните членови и соработници на МЕД, се упатија кон Бистро Комедија каде што во неформална атмосфера имаа прилика да поразговараат за досегашните постигнувања, но и да разменат идеи и предлози за идни активности.